За да ја поттикне и да ја засили јавната дебата за нужноста од кредибилен и релевантен попис на населението и ажуриран избирачки список во кој граѓаните имаат доверба и кој претставува еден од клучните предуслови за фер, слободни и демократски избори, НВО Инфоцентарот во партнерство со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), Осми Септември и Центарот за развој на медиуми, организира дебата за тоа: „Каков избирачки список ѝ е потребен на Македонија?“
Двочасовната дебата ќе се одржи на 23 февруари 2016 година, вторник, со почеток во 11 часот, во хотелот Бест Вестерн (улица Македонија, Скопје), сала Амбасадор.
Дискусијата ќе ја модерира Васко Попетрески, новинар, а панелисти ќе бидат: Дончо Герасимовски, статистичар и поранешен директор на Државниот завод за статистика; Дарко Алексов од граѓанската асоцијација МОСТ; Џабир Дерала од Цивил – Центар за слобода; Филип Стојановски од Фондацијата Матаморфозис; Бојан Маричиќ од МЦЕО и Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар.
На дебатата ќе се дискутира за актуелните прашања и предизвици поврзани со процесот на прочистување на избирачкиот список – дали е возможно Македонија да добие кредибилен избирачки список за само неколку месеци, каков е квалитетот на базите на податоци и како тече нивното вкрстување, како ќе се одвиваат теренската проверка и процедурата на бришење или соодветно обележување на сомнителните гласачи на избирачкиот список, како ќе се одвива процесот на проверка на личните фотографии кои треба да бидат составен дел на избирачкиот список, дали ДИК ќе биде соодветно екипирана со времените вработувања и др.
Настанот се реализира во рамките на проектот „Демографија – квалитет на живеење“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ).