Македонските дипломати во симболично време – 12.05 часот ќе излезат на предупредувачки протест пред Министерството за надворешни работи (МНР) против, како што велат „целосна дерогација на основните функции и негова деградација како Министерството за надворешни работи“.
Дипломатите најавуваат дека јасно и гласно ќе кажат ДОСТА Е ! и ќе ги истакнат своите првични барања во функција на РЕПРОФЕСИОНАЛИЗАЦИЈА на дипломатската служба:
- Најитно ставање во мирување на сите измени на постојниот Закон за надворешни работи (ЗНР) и подзаконските акти донесени врз основа на тие измени и со тоа, враќање на оригинерниот текст ЗНР од 2006 година во сила, со единствена цел да се нормализираат состојбите во МНР и да се реинституционализира МНР во интерес на надворешната политика.
- Најитно повлекување на Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор донесени во 2014 година и враќање на Законот за државни службеници од 2000 година, во неговата оригинерна форма, за да се избегне целосната зависност на вработените од актуелниот политичар на чело на институцијата.
Според дипломатите, континуираниот повеќегодишен недоличен, некооперативен и игнорантски однос на раководството на МНР во однос на реакциите и барањата на Синдикатот на македонската дипломатска служба,, кој не соодветствува со практиката во ниту една нормална демократска држава, ниту е во согласност со меѓународни и европски стандарди на добро владеење во едно демократско граѓанско општество. Во тоа светло, најстрашни последици се видливи на полето на депрофесионализација на дипломатската служба, преку континуирано нарушување на меѓучовечките односи, непостоење ефикасен систем на вработување и унапредување во кариерата заснован на начелата на праведност, работно искуство во службата и јасни стандарди, но и преку воведување двојни стандарди и нетранспарентни постапки со континуирани законски измени .