baby

На патот кон подобра егзистенција, се “изгуби“ наталитетот

на јун 24, 16 • од

Статистиките покажуваат поразителни бројки за намалување на бројот на новородени деца, но од друга страна и за намален број бракови, а пораст на разводи. Што прави државата за да се спречи “белата чума“ ...
Pin It

Home » Активности » На патот кон подобра егзистенција, се “изгуби“ наталитетот

Автор: Александар Самарџиев

Наталитетот- постојаното намалување на бројот на родени деца во Македонија е еден од најсериозните предизвици со кои се соочува државата во последниве декади. Негативниот тренд  е во нагорна линија и засега,нема индиции дека може да се промени на подобро.

Динамичниот живот и современиот начин на живеење прават секојдневието на граѓаните да е исполнето со  напори да се обезбеди основната егзистенција, а во втор план да ги стават сите останати предизвици, меѓу кои, и одлуките за проширување на семејствата. За постоењето на таканаречената „бела чума“, односно намалувањето на бројот на новородени лица, а со тоа и на вкупното население, најдиректно зборуваат статистичките податоци. Од друга страна, пак, состојбите дополнително се влошуваат и со тоа  што расте бројот на починати лица, но и на зголемениот број разводи.

Ако пред нешто повеќе од половина век, поточно во периодот 1948-1952, се бележи најголемата стапка на наталитет – 39,3 живородени деца на 1.000 жители, во годините што следеа потоа, стапките покажуваат постојан негативен тренд. Сепак, неславниот рекорд е забележан во последнава деценија. Во 2006 година е регистрирана најниска стапка од само 11,1 раѓања на деца на 1.000 жители. Како илустрација да споменеме дека неколку години по осамостојувањето и промената на општествениот систем во Македонија, поточно во 1994 година, се родиле  31.421 дете, додека 21 година подоцна или во 2015 година, бројот на новородени е вкупно 23.075 деца. Споредено преку проценти тоа значи дека  намалувањето е над 26 проценти. Падот е особено забележлив во 2011 година кога вкупниот број на новородени паднал под просечната бројка од 23.000  и изнесувал 22.770 бебиња.

Младите сè потешко се  одлучуваат да склучат бракови, а со тоа и за проширување на семејството со деца, но затоа расте бројот на разводи. Ако во 2009 имало 14.923 склучени бракови, во 2015  година регистрирани се 14.099 нови бракови. Разводите, пак, се во постојан пораст, па така во 2009 нивниот број е 1.287 додека во 2015 година, веќе ја достигнуваат бројката од 2.035. Ако на тоа се додаде, на пример, дека  само во 2009  година имало нешто над 19 илјади починати лица (19.060), а тој број во годините што следат  се движи над 20.000, тогаш ќе се сфати дека состојбите не само што се далеку од розови, туку се и крајно загрижувачки.

zivorodeni

Извор:Државен завод за статистика

skluceni brakovi

Извор:Државен завод за статистика

broj na pocinati

Извор:Државен завод за статистика

Промените на општествениот живот влијаеја врз наталитетот

Бројките од пред половина век, како и старите семејни фотографии покажуваат дека во тоа време многудетните семејства биле чести. Тогаш  егзистенцијата се обезбедувала преку земјоделството и сточарството и многудетните семејства особено во селата се сметале за придобивка и благодет. Децата заедно со родителите работеле на нивите и на тој начин се обезбедувала живејачката. Индустриско-економскиот развој кој следел, според социолозите, придонел за менување на начинот на живот, па и на функционирањето на семејствата. Приоритет бил даден на материјалното обезбедување  на поквалитетен живот за децата, отколку на тоа да се има големо семејство.

„Трендовите кои што ги донесе процесот на глобализација одат во правец на  атомизирање на  општеството и создавање  нуклеарно семејство. Традиционалното семејство составено од повеќе членови е „аут’’, а  предзнакот „ин“ го добиваат  семејствата составени од два члена – без деца. Станува мото: „нема деца – ќе има повеќе пари. Со стапувањето во  брак, прво се мисли како да се дојде до стабилни и  добри работни места, со солидни приходи, а потоа како да се ужива во материјалните придобивки. И тука почнува колизијата и негативните трендови на фертилитет и на наталитет, кои се поразителни. Тоа е најизразено во скандинавските земји, но присутно е и во нашето соседство“, вели професорот по социологија на Универзитот на Југоисточна Европа, Али Пајазити.

Активистите кои работат во областа на женските права објаснуваат дека порано жените раѓале многу деца, а тоа се должело на недоволната еманципираност. „Посебно тоа беше изразено кај  жените Албанки, кои порано раѓаа повеќе деца. Сега жената се образува и за да заврши високо образование треба подоцна да стапи во брак. Порано на девојките откако ќе завршеа гимназија не им преостануваше ништо друго освен да се мажат. Не беше важно ниту дали се вработени и во такви услови раѓаа во просек по три деца, а  имаше и семејства со повеќе деца, вели Џане Крешова, која многу години работи во областа на правата на жените.

Глобалните процеси се причина и за појавата на неконвенционално живеење – без да се оформи семејство. Се живее како самец или со партнер без деца.

„Во минатото, бракот и семејството беа вредности кои имаа различно значење од она сега. Денес партнерите во најголема мера се одлучуваат да имаат по едно или најмногу две деца“, вели Марија Исаевска Ристовска, социјален работник во Центарот за развој и унапредување на јавниот живот во Тетово. 

Со стратегија државата се обидува да ја подобри демографската слика

Неповолните демографски состојби беа причина надлежните институции да ја изработат Национална стратегија за демографски развој 2008-2015. Надлежните во Стратегијата предвиделе мерки да се забави стапката на намалување на населението и да се создадат услови за одржлив демографски развој, да се намалат демографските разлики во регионите низ Македонија, како и да се намалат  разликите и нееднаквостите помеѓу населението со цел да се зголеми социјалната кохезија.

Сепак, и по завршување на периодот за спроведување на Стратегијата, Министерството за труд и социјална политика нема објавено никакви официјални резултати или пак, споредби за тоа какви се состојбите пред и по спроведувањето на стратешкиот пристап за подобрување на демографијата.

На  новинарското  прашање за постигнатите резултати и влијанието на Стратегијата врз демографските процеси, од Министерството одговараат дека од предвидените 89 мерки за исполнување, се издвојуваат десетина, кои се однесуваат на тоа дека е подобрен системот за финансиска помош при првородено дете, како и финансиско стимулирање за второродено и третородено дете.

Надлежните сметаат дека е обезбеден доволен пристап до градинки и други установи за воспитување и одгледување на децата. Потоа се смета дека е зголемена помошта на брачните парови, кои се лекуваат од неплодност, како и дека се зголемени можностите за вработување на млади лица и слично.

Борбата за егзистенција приоритетен предизвик пред проширувањето на семејствата

Анализите кои ги прават невладините организации, пак, укажуваат дека, иако се спроведуваат некои мерки, нема подрастично подобрување на наталитетот, а со тоа и  на демографските процеси. Аналитичарите од организацијата ЗИП Институт од Скопје, во рамките на својот проект  „Трошоци и придобивки од мерката трето дете” ја анализирале Стратегијата за демографски развој, во која сублимираат дека во периодот  од 2009 до 2014 година, е зголемена бројката на третородени деца, но од друга страна во сите години се бележи постојано намалување на бројот на прво и второродените деца. Исто така, бележат дека вкупната бројка на родени деца во Македонија опаѓа.

prvorodeni

Извор:Државен завод за статистика

treto dete

Извор:ЗИП институт Скопје- актуелната бројка е акумулирана заедно со претходните години

majka

Извор:ЗИП Институт

„Од воведување на мерката до крајот на 2015 година, евидентирани се вкупно 21. 387 корисници што во просек на годишно ниво значи зголемување на бројот на корисници – 3.055 годишно. Во однос на придобивките би сакала да истакнам дека во демографската стратегија и воопшто во воведувањето на политиката, не беа посочени директно ни  резултати, ни индикатори, па не можеме да следиме што точно всушност треба да се постигне со оваа мерка“, ни изјави Катерина Јакимовска од ЗИП Институт.

Таа потенцира дека од 2009 година, бројот на третородени деца бележи благ пораст, но тоа не се забележува во вкупниот број живородени деца. Всушност, според неа, во најмала рака може да се забележи само стабилизација на надолниот тренд, но тој е почнат уште во 90-ите години од минатиот век.

Социологот Али Пајазити смета дека мерките и политиките во Македонија теоретски се добри, но ниските плати и другите материјални услови се негативните елементи кои се пресудни во одлучувањето на сопружниците околу имањето деца. Според него, треба да продолжат политиките кои ќе резултираат со поголем број деца, но дека треба да се работи на подобрување на економскиот стандард во државата.

„Треба да се стави знак прашалник колку може да живее нормално едно семејство со трето дете и со помош од 8.000 денари и тоа во вакви катастрофални економски услови во Македонија. Особено ако се знае дека потрошувачката корпа изнесува 32.000 денари, а просечната плата е околу 23.000 денари“, вели Пајазити.

Според него, постигнувањето на благосостојба е добра цел, а и зголемувањето на стапката на фертилитетот (н.з – или родност на популацијата која најдобро се изразува преку  просечниот број деца што во репродуктивниот период може да ги роди една жена). Но, за жал, додава тој, луѓето сериозно размислуваат колку деца ќе имаат и дали воопшто да стапат во брак. И останатите стручни лица оценуваат дека семејствата сè почесто калкулираат и се договараат колку деца да имаат и тоа да биде во согласност со нивните материјални можности.

Да подигнеш едно дете како што треба, значи дека треба да му обезбедиш солидни услови за живот, а за тоа се потребни повеќе средства. Ако не работат двата партнера, тие не се решаваат ни за прво дете. Го пролонгираат тој период и чекаат подобри услови. Дури откако ќе се вработат, решаваат да родат прво дете, додека за второ размислуваат сè помалку. Условите го диктираат тоа, а економската состојба во државава не оди во прилог на тоа да се родат повеќе деца“, смета активистката  Џане Крешова.

Предолгото отсуство од дома поради работните обврски, е исто така, проблем за семејствата да се одлучат да одат на второ дете, бидејќи родителството бара да им се посвети доволно време на децата.

„Се работи и во смени и тоа подолго отколку што би требало. Додека дојдат дома, излегува дека децата ги гледаат по едвај три часа. Останува време за ручек или вечера, да се напише домашна задача, па доаѓа време за легнување, оти детето утредента е на училиште или во градинка, а родителите на работа. Така и покрај желбата да се има второ дете, родителите велат дека не стигнуваат да изгледаат едно, а камоли две деца“, објаснува социјалниот работник Марија Исаевска Ристовска.

И во препораките, кои произлегле од истражувањето на ЗИП институтот се наведува дека наместо мерка за поттикнување на трето дете на Македонија ѝ е потребна нова стратегија која ќе биде основа да се зголеми бројот на прво и второродено дете, а со тоа и наталитетот. Се проценува дека постои потреба од поголема приспособливост на работните аранжмани и подобрување на условите за живот на жените кои би ги мотивирале да донесуваат одлуки во насока на проширување на семејството.

„Потребно е  да се подобрат економските услови за млади лица во однос на вработувањето, решавање на станбено прашање. Исто така, во населените места треба да се подобрат инфраструктурните објекти и да се зголеми бројот на градинки и училишта“, вели Катерина Јакимовска од ЗИП Институтот.

Во Министерството за труд и социјална политика, најверојатно самите воочиле дека спроведувањето на Стратегијата не резултирала со некои позначајни ефекти, па е донесена одлука за креирање нов план. Во март 2015 година е донесена нова Стратегија за демографски политики (2015-2024 година), но деталите не се достапни за јавноста.

„Во рамките на МТСП е воспоставена организациска единица за развој и евалуација на демографските политики и меѓуресорска координација со другите надлежни институции за следење на спроведувањето по ресори. За поголема ефикасност, МТСП е надлежно да дава квартални извештаи до Владата и два пати годишно да се прави оценка на спроведувањето на мерките од истата“, информираат од Одделението за односи со јавноста.

Споредено со други земји од Европа (и Европската Унија) Македонија има солидни социјални мерки и помош на жените кои раѓаат деца. Во Швајцарија, жените имаат право на породилно боледување од 14 недели при што добиваат 80 проценти од платата. Поволно во оваа земја е и тоа што на мајката ѝ се исплаќа државна помош за родено дете од 200 франци секој месец и тоа сè додека детето не наполни 18 години. Во Англија, пак, постои можност за добивање вкупно 52 недели породилно отсуство, со различни можности за исплата на надоместокот кој во првите шест месеци изнесува 100 отсто. Шведска е земја со можеби најдолг период во кој се исплаќа  целосно породилно отсуство – 480 дена или речиси 1,5  година. Во Словенија, породилното отсуство трае 12 месеци (почнува 28 дена пред пораѓањето), а се добива 100 отсто од платата во првите три месеци, а останатите месеци – 90 отсто од сумата. Во Босна и Херцеговина родилките немаат исти права во остварувањето на породилното отсуство. Во двата ентитета: Федерација БиХ и Република Српска, заедничко е тоа што породилното отсуство е во должина од една година. Разликата е во тоа што надоместокот се разликува во зависност од кантонот и се движи од 50 до 90 отсто од просечната плата.

Во Македонија поради отсуството од работа – бременост, раѓање и мајчинство, Фондот за здравствено осигурување исплаќа 100 отсто од основицата на надоместокот  на плата. Враќањето на старото работно место ѝ е загарантирано на мајката по завршувањето на породилното отсуство, а има право на отсуство во траење од 9 месеци (28 дена пред раѓањето). Доколку роди повеќе од едно дете, тогаш отсуството трае 12 месеци. Користењето на породилното отсуство е по избор и мајката може да го прекине и пред истекот на предвидениот рок. За првородено дете, мајката добива еднократна парична помош за новороденче, што изнесува околу 5.000 денари (25 проценти од тековниот износ на просечна нето плата во Македонија).

За второродено дете не се добива помош од државата (таква можност постоела само во 2009 и 2010). Надоместокот за третородено дете изнесува 8.048 денари и се исплаќа до 10-тата година на детето. Сепак, континуирано бројката на новороденчиња опаѓа и се добива впечаток дека овие мерки немаат позитивно влијание на одлуката на младите луѓе  дали да имаат деца.

Покрај мерките од Стратегијата и во останатите владини сектори постојат неколку проекти, за кои се тврди дека се спроведуваат во насока на подобрување на животниот стандард и поттикнување на позитивните вредности на демографските процеси. Како такви се спомнуваат: „Купи куќа за млади“, субвенционираното вработување на млади до 29 години, како и слични мерки со кои се таргетираат младите лица. Сепак, се чини, недостигаат  продлабочени анализи со конкретни бројки од кои јасно може да се види дали мерките и проектите имаат некаков ефект врз подобрување на негативната демографска состојба во Република Македонија.

Сите соговорници сметаат дека тешко ќе се смени неповолната демографска слика во Македонија. Тоа го покажуваат податоците од статистичките анализи, истражувањата на невладиниот сектор во полето на демографијата, како и стручните мислења на академскиот кадар. Според нив, наталитетот и демографијата ќе се подобрат само  со унапредување на општествениот живот и економскиот стандард. Главната забелешка е дека мерките и проектите не се доволно осмислени и не даваат конкретни резултати, па затоа не може да се почувствува и некоја подобра економска и општествена ситуираност на граѓаните.

Иако статистички платата во Македонија изнесува околу 350 евра, сепак, голем број поединци заработуваат просечно околу 200-250 евра. Во битката за егзистенција, зголемувањето на семејствата не е приоритет и тоа се остава за некои подобри времиња.

Сè повеќе се наметнува потребата за правилно и квалитетно насочување  на државните ресурси и политики кон подигнување на животниот стандард. Тоа треба да резултира со полесно одлучување на граѓаните да имаат деца. Доколку тоа не се случи, расте опасноста од иселување на населението во други земји. Истражувањата покажуваат дека сè повеќе наши граѓани, посебно млади, не сакаат да чекаат да се подобрат состојбите. Нивниот единствен избор е да заминат да живеат и работат во некоја странска земја, каде имаат многу повеќе можности за подобар живот. Со подобрата заработувачка и поквалитетниот живот полесно ќе го остварат и сонот за основање семејство.

*****

Прилогот е изработен во рамки на Проектот „Демографија – квалитет на живеење“ на НВО Инфоцентарот, Македонскиот центар за европско образование, Осми септември и Центарот за развој на медиуми, со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество -Македонија.

Содржината на прилогот е одговорност на авторот и не ги изразува ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.


 

Фото: https://www.flickr.com/photos/quinnanya/12688556273/in/photolist-kkfaHB-43bx3-orbqNw-mayxtM-3ajitM-d4AgHY-3ajder-owVdL6-2gh2gn-giMC6P-3ajetx-3ajcbM-kjfvT-3ajhnp-8aNTFS-4WbWz2-2ySM1n-6VQTeb-82zTK2-8CQUhp-3aoMgW-dtb9Hn-6dsefy-eikFCX-8pPmqg-7xXXXi-5P9zGx-wy3Qn-5UetUu-ELPUk-Ht8ZAQ-fEoaVX-opvc78-osSi2f-iN5wgY-sdxs39-j9DDX-fsWGC4-8s4i5u-dx72bF-dttKLz-aHy4Kv-4LfyRg-8APaWa-5cd6iA-rvkohQ-j9DAR-djVC5r-q6ozcd-q8tj5e/

Автор: Quinn Dombrowski

Creative Commons Attribution-ShareAlike 2.0 Generic License

 

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top