„АЈДЕ!” пред Македонската радиотелевизија
Членовите на АЈДЕ! – Платформата за граѓанска политика, мотивирани од потребата јавно да ѝ порачаат на Македонската радиотелевизија (МРТ) дека треба да биде сервис на граѓаните, а не владин мегафон, денеска, пред зградата на МРТ, организираа протестен перформанс.
Настанот започна со симболично рушење на триметарски картонски медиумски диктатор и со симнување на розевите очила што секој од учесниците ги носеше на себе.
Откако симболичниот медиумскиот диктатор падна, новинарите и граѓанските активисти: Зоран Бојаровски, Сашка Цветковска, Инес Ефремова, Јана Коцевска и Билјана Бејкова, говореа за слободата на изразување, за слободата на медиумите, за пропагандата и за улогата на МРТ како јавен радиодифузен сервис на граѓаните.
Новинарот Зоран Бојаровски им се обрати на своите колеги од МРТ со следните зборови: „Не плашете се и излезете. Нека ве огрее сонцето на слободата над Македонија, нека допрат неговите зраци на вистината, нека ве помилува топлината на слободниот збор. Зашто новинарите и медиумските работници се деца на сонцето, на слободата, на вистината.“ Едновремено, Бојаровски истакна дека МРТ треба да обезбеди јавен дијалог и арена за широка дебата за прашања од јавен интерес и дека не треба да застапува и да заштитува интереси на определена политичка партија. На крајот, Бојаровски констатира дека МРТ е сопственост на сите граѓани и дека таа треба да им се врати на граѓаните.
И новинарката Сашка Цветковска, им се обрати на своите колеги од МРТ: „Заборавиле или не знаат колегите дека тие се формирани со одлука на Собранието, во домот на граѓаните. Заборавиле дека државата не е партијата. Дека нивни единствени газди се граѓаните. А се што ние во согласност со законот бараме од нив е да ги почитуваат универзалните принципи на професијата новинар кои се дел од сите етички кодекси во редакциите низ светот. Затоа ги основавме и за тоа постојат. Ако не се пронаоѓаат во тој повик, во таа благородна мисија нека бидат чесни и нека си заминат.“
Уметницата и граѓанска активистка, Инес Ефремова, пак, порача: „Не сакам повеќе да плаќам за јавен сервис кој ги игнорира моите колеги и мене како творци. Не сакам да гледам телевизија во која „уметноста“ се сведува на документарци режирани од премиерот. А, знам и што сакам. Сакам јавен сервис кој ќе ми понуди програма создавана преку принципите на универзалност, разновидност, независност и посебност. Затоа што таква е и културата и тоа е нејзината моќ.“
Граѓанската активистка Јана Коцевска, пак, рече: „Мислам дека е време, ние и новинарите заедно да влеземе во оваа „празна зграда“. АЈДЕ да ја окупираме. Студентите ни покажаа како тоа се прави. Тој пример ни покажа дека имаме сила да ги менуваме работите кои веќе долго време се движат во ќор сокак.“
Билјана Бејкова, новинарка и граѓанска активистка, меѓу другото, му порача на актуелното раководство на МРТ дека многу скоро може да се соочи со кривична тужба од страна на граѓаните. Јавниот сервис со начинот на своето функционирање и информирање сериозно го крши законот според кој наместо да биде владин пропаганден мегафон, треба да биде независен од кој било државен орган, треба да обезбеди постојано, вистинито, целосно, непристрасно, праведно и навремено информирање, како и да создава и емитува квалитетни програми за сите важни општествени случувања и процеси. На крајот, Бејкова нагласи дека овој настан е само почеток на граѓанското будење и на граѓанското движење за враќање на Македонската радиотелевизија на граѓаните.
——–
„АЈДЕ!”- Платформа за граѓанска политика претставува неформална, но организирана група слободоумни поединци со различни идеи и ставови, која сака да ги зајакне и здружи расцепканите демократски сили во земјата.
„АЈДЕ!” се стреми да ја врати моќта за носење политички одлуки во рацете на граѓаните на Република Македонија.