НВО Инфоцентарот, во соработка со десет организации (Регионален центар за соработка „Спектар“, Центар за младински иницијативи „Цик-цак“, Норгес Вел, Центар за едукација и развој (ЦЕД), Скаут, Рекански бисер, Зеукс Тритон, Еко Живот, Проект-ЕУ и СПО КУЛ), во периодот мај – септември 2019 година, спроведе мониторинг на транспарентноста и на механизмите за вклучување на граѓаните во пет општини: Крива Паланка, Кавадарци, Неготино, Теарце, Маврово и Ростуше.
Набљудувањето покажа дека иако сите општини практикуваат определени форми и механизми за консултирање и вклучување на граѓаните во креирањето и спроведувањето на локалните политики, тоа не е доволно и е потребно суштинско унапредување и интензивирање на овие практики. Јавните собири, јавните расправи, трибините, средбите со граѓаните и форумите се најчестите форми за директна комуникација меѓу локалните власти и граѓаните, но тие треба да бидат почести и да не се организираат само на крајот на годината кога се донесуваат годишните програми и буџетите на општините.
И покрај нерешениот правен статус на месните заедници, дел од општините се обидуваат да ги организираат и заживеат, особено во руралните средини. Бидејќи месните заедници се основната алатка за директно вклучување на граѓаните на локално ниво, општините треба да лобираат за законски измени со кои ќе се унапреди статусот на месните заедници, но и да ги интензивираат напорите за нивно функционирање.
Мониторингот покажа дека во повеќето општини граѓаните не се многу активни и не се многу заинтересирани да учествуваат во работата на месните заедници. Тие се активираат единствено кога се соочуваат со акутни проблеми. Оттаму, про-активната улога на локалните власти и месните заедници е од клучно значење за поттикнувањето и охрабрувањето на граѓаните да земат директно учество во креирањето и спроведувањето на локалните политики.
Препорачуваме натамошното интензивирање и продлабочување на соработката на општините со граѓанските организации, но и унапредување на програмите, политиките и критериумите за доделување финансиска поддршка на граѓанските организации. Тие политики и процедури мора да бидат транспарентни, отчетни и јавно достапни.
Општините мора да се стремат брзо и ефикасно да одговараат на проблемите на граѓаните. Повеќето општини одговараат и постапуваат по пријавените проблеми од страна на граѓаните во рок од една недела. Затоа, препорачуваме унапредување на електронското доставување пријави и постапување не подолго од 48 часа, како што е тоа случај во Крива Паланка.
Повеќето општини не го мерат редовно задоволството на граѓаните од нивните услуги. Препорачуваме воведување нови и унапредување на постојните механизми за сондирање на ставовите граѓаните.
Општинските интернет-страници варираат во својот дизајн и квалитет. Повеќето интернет-страници треба да се редизајнираат и да се унапредат. Додека интернет-страниците на Теарце, Маврово и Ростуше се речиси нефункционални, оние на Крива Паланка, Кавадарци и донекаде на Неготино, се солидни, лесно пребарливи и редовно ажурирани. Тие на граѓаните им обезбедуваат солидно ниво на информации и документи од делокругот на општинските власти. Градоначалниците се активно и редовно присутни на Фејсбук. Повеќето од нив имаат и чести индивидуални средби со граѓаните.
Мониторингот е реализиран во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, финансиски поддржан меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.