НВО Инфоцентарот, во периодот од 1 март до 2 април 2021 (во работни денови, понеделник – петок), го набљудуваше известувањето на медиумите за Пописот 2021. Во мониторингот беа вклучени 9 медиуми: 4 информативни портали (Плусинфо, Фронтлајн, Курир и 360 Степени) и централните вести на 5 национални телевизии, вклучително и јавниот радиодифузен сервис – МРТ1, Телма, Сител, Алфа и Аласт М (вестите на македонски јазик).
Главната цел на мониторингот е следење на начинот на кој медиумите известуваат за пописот и како тоа влијае врз информираноста на граѓаните и нивното учествување во пописниот процес. Мониторингот треба да утврди дали граѓаните се квалитетно и сеопфатно информирани за пописот и какво влијание врз пописот имаат институциите и политичките субјекти во државата.
Клучни наоди
- Во известувањето за пописот доминираа политичко-партиските реакции со високи 60.5% од објавите, додека прилозите посветени на конкретните пописни активности беа застапени со само 22.2%.
- Овие бројки ја потврдуваат изразената политизација на пописот во медиумите која прогресираше од недела во недела, за својата кулминација да ја достигне во деновите по лидерската средба (29 март – 2 април), кога се очекуваше Собранието да ги изгласа измените на законот и да го одложи пописот за септември годинава.
- Државниот завод за статистика (ДЗС), институција законски надлежна за подготовка и спроведување на пописот, како извор на информации беше застапен во само 22% од вкупниот број анализирани медиумски содржини.
- Нискиот процент на користење на ДЗС како извор на информации претставува јасен индикатор за уредничкиот приод, кој од една страна, ги маргинализира службените информации за пописот, а од друга страна, става поголем акцент на политичко/ партиските влијанија и импликации врз пописниот процес.
Доминатнитеми и аспекти поврзани со Пописот 2021:
- Постепено се развија два клучни, но спротивставени наративи: (а) Одржувањето на пописот е безбедно за попишувачите и граѓаните, застапуван од власта и институциите вклучени во изведувањето на пописот, и (б) Пописот е сериозен здравствен ризик, стојалиште на опозициските политички субјекти и на дел од граѓанските иницијативи за бојкот на пописот.
- Втората клучна тема беше пописот на дијаспората кој започна на 1 март. Во дел од мониторираните медиуми наклонети кон опозицијата, се развиваше наративот дека „албанските политичари многу поактивно ги мотивираат етничките Албанци од дијаспората да се вклучат во онлајн попишувањето, за разлика од етничките Македонци во власта“.
- Во делот на медиумската поддршка за одржување на пописот, забележителна присутност имаше и наративот дека „пописот е статистичка операција од јавен интерес која не треба да се политизира“.
Прочитајте го интегралниот текст на мониторингот :
I Извештај од мониторинг на медиуми – Попис 2021