Суштината на демократските системи лежи во механизмот на контрола и повратна спрега (checks-and-balances) кој се рефлектира врз работењето во секое поле на дејствување на регулаторните и надзорните тела бидејќи клучна карактеристика на демократските системи е квалитетната контрола во насока на заштита на јавниот интерес. Во таа смисла, доколку се спроведува системот на контрола, корупцијата и недоследното работење во областа што се контролира би биле минимизирани.
Имајќи го предвид ова, Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и партнерските организации: НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, со проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance watch“, имаат за цел да го мониторираат работењето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АEK), односно, да утврдат кои се нивните силни и слаби страни, како и која е нивната отпорност на надво-решни влијанија и притисоци.
Во рамките на овој проект, работата на двата регулатора (АВМУ и АЕК) ќе се следи низ призмата на заштитата на јавниот интерес. Првиот изработен документ ја претставува основната рамка за поставеноста на регула-торите и ги дава основите на методологијата на мониторинг.
Проектот ќе се реализира во периодот септември 2016 – март 2018 година, a е поддржан од Британската амабасада во Република Македонија.