Оваа година, во споредба со претходните години, квалитетот и квантитетот на информирањето за евроинтеграциските процеси во Македонија, драстично се намалува. За разлика од претходните години, новинарите и медиумите веќе немаат про-активна улога и многу малку информираат за политиките и реформите клучни за влезот на Македонија во ЕУ. Овој тренд го наметнува Владата, го следи опозицијата, но и самите претставници на Европската унија. Карактеристично за изборниот и постизборниот период е тоа што ни претставниците на Европската унија и Европската комисија не направија никаков обид за ре-актуелизирање на евроагендата. Можеби тоа се должи на фактот што Македонија токму во овој период речиси е без евроамбасадор во земјата.
Недостигот од информации за евроинтеграциите делумно се должи и на фактот што во овој период згаснаа неколку медиуми, активни поддржувачи на влезот на Македонија во ЕУ. Новинарите, информирајќи за евроинтеграциите, себе си главно се сведуваат на пренесувачи на изјави и пораки на домашните и странските политичари. Не наметнуваат вистинска и суштинска дебата за евроинтеграциите..
Ваквото драстично опаѓање на интересот за евроинтеграциите, од страна на медиумите, но и од страна на сите релевантни општествени и политички фактори, може да резултира со менување на јавното мислење и зголемување на степенот на евроскептицизам кај македонските граѓаните.
Во пресрет на Извештајот на Европската комисија, а имајќи го предвид актуелниот тренд, но и искуствата од претходните години, нашата препорака до медиумите и новинарите е повторно да станат активни во поттикнувањето на евроинтеграциите на Македонија, и професионално, аналитички и суштински да ги информираат граѓаните за овој ислучително важен процес.
НВО Инфоцентарот, во соработка со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), а со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ), продолжува до го мониторира квалитетот на информирањето на медиумите за евроинтеграциските процеси на Република Македонија.
„Има ли кој да ја турка европската агенда во Македонија?“ (пдф)