korupcija-naslovna-768x599

Младите недоволно ја препознаваат корупцијата и малкумина би ја пријавиле

на фев 19, 21 • од

Младите во земјава се соочуваат со феноменот на корупцијата уште од влегувањето во образовниот систем, како и во други сфери на нивното живеење. Младите со кои разговаравме велат дека и покрај тоа што се свесни дека одредени постапки се можеби коруптивни, сепак, постои силна тенденција за нормализација на ваквите практики, кои ги забележуваат уште како студенти или средношколци...
Pin It

Home » Активности » Младите недоволно ја препознаваат корупцијата и малкумина би ја пријавиле

Меѓу младите не се разговара доволно за корупцијата и постои атмосфера на нормализација на определени коруптивни практики со кои тие се соочуваат уште од образовниот систем, па и натаму во животот, велат нашите соговорници.

Младите во земјава се соочуваат со феноменот на корупцијата уште од влегувањето во образовниот систем, како и во други сфери на нивното живеење. Младите со кои разговаравме велат дека и покрај тоа што се свесни дека одредени постапки се можеби коруптивни, сепак, постои силна тенденција за нормализација на ваквите практики, кои ги забележуваат уште како студенти или средношколци.

Ангел Димитриевски од младинската организација Еквалис вели дека коруптивните практики се толку навлезени во системот, почнувајќи од образовниот систем, што тие веќе се пренесуваат од генерација на генерација. На овој начин дел од младите ги преземаат овие практики и можеби токму тие ќе бидат идни корисници на вакви коруптивни услуги.

Angel Dimitrievski,,Корупцијата не се препознава доволно кај младите. Причината поради тоа е што прво не се говори доволно за корупцијата во образовниот систем, во домовите, веројатно и во медиумите…Па дури, јас би кажал и дека кај нас во младинските невладини организации не се зборува доволно за тоа. Според мене и според интеракцијата која ја имаме со младите поверојатно е дека младите ќе препознаат некои поголеми коруптивни случувања кои се поврзани со политичките случувања и кои се веќе споменувани во медиумите, но мислам дека е помалку веројатно дека она што се случува во нивните микро средини, секојдневно, помалку е веројатно дека тоа ќе го препознаат како корупција“, вели Димитриевски.

Малкумина од младите би пријавиле корупција

Дека ваквата перцепција кај младите за која говори Димитриевски преовладува покажуваат и истражувањата на Младинскиот образовен форум, според кои на над 70% од испитаниците не им пречат туѓите коруптивни дејствија, а дури 53% не би ја пријавиле корупцијата.

За сите да имаат еднаков пристап до услуги кои им следуваат, но и за еднаква примена на законските решенија и прописи, важно е да се препознава корупцијата како појава и да се третира со нулта толеранција, велат од МОФ за ПИНА.

Младите ретко пријавуваат корупција, најчесто поради страв да не претрпат последици, или поради чувство дека некои работи едноставно се „такви“.

,,Најчести форми на корупција кои се среќаваат се користење лични врски, доплаќање за подобро легло или пак размена на соби во студентските домови. Повеќе од 80% не знаат каде да пријават корупција, иако биле сведоци на истата, што најмногу придонесува за ’опстанокот на корупцијата во домовите’“, велат од МОФ.

Istrazuvanje

МОФ работи во полето на едукација на младите, но и на анализи за тоа како конкретни општествени појави се одразуваат врз младата популација. Во последниве неколку години, тие ја истражувале корупцијата во рамки на студентските домови и нивните истражувања покажуваат дека корупцијата е присутна во студентските домови и потребно е да се работи многу за таа да се искорени.

Според анкетата спроведена меѓу студенти-станари, како најчести појави со кои имале личен контакт ги издвојуваат користењето врски или лични познанства за добивање студентско легло, привилегии и/или подобар третман во студенткиот дом и искуство со неправилности при аплицирање, распределување и добивање соба во студентскиот дом.

Како појави со кои тие се помалку запознаени се издвојуваат искуството со влијание, притисоци или закани од страна на членови на Советот на станари врз студенти-станари во домот за добивање на одредена корист, неправилности при избор на претставници во Советот на станари во студентскиот дом, како и искуства со влијание, притисоци или закани од страна на политички партии врз студенти-станари за стекнување определена корист.

Потребно е поголемо адресирање на темата меѓу младите

hristina-378x420Христина Груеска е студентка која вели дека доста млади се плашат да пријават некој вид корупција. Младите се согласни дека малку се говори и адресира соодветно овој широко распространет проблем во нашето општество.

,,Сепак, државата, исто така, мора да воспостави цврста политика, како и поголема контрола над тоа дали доаѓа до злоупотреба на службена функција. Освен постоење на законска обврска во борба против корупцијата, постои и морална обврска таа да се спречи, но тоа единствено зависи од самиот поединец. Јас лично доколку би се нашла во таква ситуација сметам дека во ред е да ја пријавам корупцијата со која би се соочила, поради фактот што, сепак, ние живееме во едно демократско општество‘‘, вели таа.

Иван Димитров е уште еден студент со кој разговаравме и кој вели дека забележувал коруптивни дејствија уште во основно и средно образование, и тоа било навистина воочливо. Според него, очигледно било кога определена личност се фаворизира поради постигнување личен интерес, а протекциите биле и до денес се актуелни теми меѓу основците и средношколците.

ivan-420x420‚‚Мислам дека секој од нас ако не е до сега, апсолутно ќе биде лице кое ќе изврши корупција без оглед на формата во која ќе се манифестира, тоа може да е и нешто најмало и неважно дури, но факт е дека би било коруптивно дејство. Јас би се изборил со корупцијата на тој начин што би ја прифатил реалноста во одредени ситуации и не би преземал коруптивно дејство за да ги постигнам своите цели, а на тој начин можеби и останатите би се придржувале од преземање на такви дејства. Корупцијата е за жал нешто карактеристично за нашето општество‘‘, вели Димитров.

Според Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) корупцијата создава клима и средина во која нема еднакви услови за сите, а најпогодени се оние кои немаат што да понудат и кои веќе се соочуваат со понеповолни услови во однос на останатите, па дополнително им се отежнува животот. Но исто така, корупцијата може да ја намали довербата во институциите, во општествените процеси, но и во меѓучовечките односи.

,,Според истражувањето за социјален капитал кај средношколците, тие најмала доверба имаат во Собранието, Владата, медиумите, политичките партии, а 70% од средношколците сметаат дека најголем дел од луѓето при меѓучовечките односи се водени од лична корист. Токму поради поврзаноста на корупцијата со довербата во целосниот систем и општествените интеракции, важно е да се бориме против коруптивните практики‘‘, велат од НМСМ за ПИНА.

Постојната ,,перцепција“ за корупцијата ја поткрепуваат и меѓународните анализи, како последната од Транспаренси интернешнл во кој Македонија за 2020 година се најде на 111 место, односно меѓу најлошо рангираните во регионот. Според оваа организација која секоја година го објавува индексот на корупцијата за земјите низ светот, земјите кои имаат подобри резултати и помала корупција, истовремено имаат подобри шанси да обезбедат поквалитетна здравствена заштита и други услуги за граѓаните, подобро се справуваат со последиците од пандемијата и имаат повеќе шанси да обезбедат владеењето на правото и подобра работа на нивните институции.

 

Автор: Кристијан Трајчов

Ментор: Кристина Озимец

Објавено на ПИНА, на 19 февруари 2021

Овој медиумски прилог e дел од проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Прилогот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. За содржината се единствено одговорни Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентарот, и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top