Изјава на Билјана Бејкова дадена на Граѓанската дебата за слободно општество и социјална правда, панел „Помеѓу идејата за слобода и заробената држава“, која се одржа на 16 февруари:
Размислувајќи за она што би го говорела на овој панел, секако следејќи ги инструкциите на организаторите – да се фокусираме на решенија, а не само на дијагностицирање на состојбите, во еден момент ми светна сијаличката и за кратко се почувствував во стилот на „Миле ми текна“ или уште подобро во стилот на „Баба Рада го откри природниот лек против ракот“. Шегата настрана, зашто мислам дека сепак, мојот предлог држи вода и може да биде добар патоказ и ориентир за сите оние кои сакаат и се борат за промени во нашево општество. Со други зборови, драги соборци, пријатели, колеги, предлагам да правиме се што е спротивно од она што го прави кзлосторнички здружената авторитарна власт и убедена сум дека во дури 90% од случаите ќе бидиме на вистинскиот пат на промените.
Сведоци сме дека партиите на власт, во изминатите десет години, целосно ни ја киднапираа државата, ни ја заробија во партиските зандани, а граѓаните ги ставија или во улога на пасивни набљудувачи, или во улога на нивни покорни главно исплашени и уценети послушници и извршители или во улога на предавници, странски служби, соросоиди.
Од нашата слобода не остана ништо. Партизацијата ни ги згази правата, правдата, законите, институциите. Криминогената власт нѐ води кон колективизација, во која нема место за човекот и граѓаните, туку само за некоја празна форма која се вика народ.
И до некаде во тоа успеаја. Се потпреа на вкоренетиот менталитет дека државата и власта треба да направат нешто за нас, а не ние за себе и за државата. Ја крепеа со сите можни механизми рамнодушноста на граѓаните срочена во изјавите, како што вели Хесел проповедникот на правото на бунт, „Јас тука ништо не можам, се снаоѓам.“ односно „Нештата се одвиваат така што јас не можам ништо да сторам“.
И сега што треба да направиме во една ваква ситуација? Токму спротивното од она што ни го прави криминогената авторитарна власт. Треба да ја вратиме политиката во нашите раце. Треба ние, граѓаните да излеземе од улогата на жртви и да се побуниме против теророт и криминалот што се случува пред нашите очи и го чувствуваме на нашата кожа.
Никој нема да го направи тоа наместо нас. Ние сме тие кои мора да излеземе од летаргијата и рамнодушноста. Годината што е зад нас покажа дека се повеќе луѓе се ослободуваат од стравот и дека се подготвени да се борат против режимот, а за промени кои значат слобода, правда, благосостојба. Процесот на будење и активирање на граѓаните не е нуту лесен, ниту брз, но се случува и зема се поголем замав. Во сето тоа ние граѓанските активисти имаме своја значајна улога особено оние кои со години ја следиме работата на власта и укажуваме на злоупотребите.
Мислам дека не постои само еден начин и само еден пат на мобилизација и активирање на граѓаните. Потребно е меѓусебно да се охрабриме, да се поддржиме, да се информираме, да се едуцираме, да се поврземе меѓусебно и така, да бараме директно учество во креирањето политики и да почнеме да веруваат дека промените зависат токму од нас обичните луѓе, граѓаните.
Истото треба да се случи со медиумите. Тие по дефиниција припаѓаат на граѓанското општество. Без разлика дали се јавен сервис или приватни односно комерцијални друштва, тие мора да го штитат и застапуваат јавниот интерес. Тие мора да го охрабрат критичкото мислење, толку потребно за напредок. Без критичка свест не можеме да бидеме во состојба да ги препознаеме причините за насилството и да се бориме против него. Без критичка свест не можеме да се бориме за промени, за подобар живот и за сето тоа да ја преземеме одговорноста.
Токму затоа реформите во медиумите се нужност за која нема компромис. И тука улогата на нас граѓаните е голема. Мора да притискаме, да инсистираме и да не отстапуваме од нашето право да бидеме навремено, професионално и вистинито информирани, но и да бидат застапени и видливи нашите потреби, барања и заложби. Затоа потребно е и да се едуцираме повеќе и да не бидеме медиумски неписмени. Последиците од тоа ги гледаме десет години. Пропагандата, лагата и манипулацијата ни се продаваат како новинарство, вест, информација, факт. Тоа мора да го запреме.
И на крај, би сакала да истакнам дека за нас граѓаните изборите ни оддалеку не се главната цел. Ние граѓаните ја носиме одговорноста за иднината и опстанокот на оваа држава. Токму затоа треба да се фокусираме, да бараме, но и да учествуваме во промените и реформите кои ќе водат кон демократска, слободна, правна и правична држава. Затоа сметам дека секаков притисок за што е можно побрзо закажување на изборите треба да биде категорично одбиен. Прво да ги видиме и почувствуваме реформите, да се убедиме дека постојат фер и слободни услови за избори, па дури потоа ќе одиме да гласаме.
Овој пат никој нема и не смее да нѐ прелаже!
Меѓу идејата за слобода и заробената држава стојат само граѓаните!