Анализирајќи ги првичните реакции на опозицијата и експертската јавност по изборот на Ѓорге Иванов за претседател, медиумите се фокусираа на две клучни прашања – легитимитетот и авторитетот на идниот претседател. Сите медиуми ја нотираа слабата излезеност на албанското гласачко тело во вториот круг на Претседателските избори. Медиумите со големо внимание го опсервираа постигнатиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за соработка во вториот круг на претседателските и локалните избори. Токму тој договор беше предмет и на посебни постизборни анализи, од една страна, поради изборниот неуспех на ДУИ во Тетово и Гостивар, а од друга страна, поради релативно малиот процент на излезност на албанското гласачко тело на претседателските избори. Оттаму дел од медиумите констатираа дека „Ѓорге Иванов е избран за претседател, но без гласовите на Албанците и покрај договорот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, бидејќи „Иванов (и Фрчкоски) не ги придобија албанските гласачи“, а „договорот што јавно го соопштија коалиционите партнери од власта ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е крајно непринципиелно силување на правото на демократски избор“.
Медиумите констатирајќи дека Владата, Премиерот и ВМРО-ДПМНЕ толку многу доминираа и управуваа со изборната кампања на Ѓорге Иванов, отворено изразија сомнеж во самостојноста на идниот претседател, но и во неговиот индивидуален политички интегритет и идентитет.
Инцидентот на плоштадот „Македонија“ беше повод медиумите да упатат сериозни критики кон насилниците кои со шлаканици, тупаници, плукања и навреди ја бранеа инцијативата за изградба на црква на скопскиот плоштад. Бројни критики беа упатени за млакиот однос на власта, но и на премиерот Груевски, зашто според медиумите, „кога студенти се тепаат – премиерот мора да се извини за недемократскиот амбиент поради што и се случила таквата разврска“. Повеќето медиуми ја искритикуваа неефикасноста на МВР, а некои медиуми, ја критикуваа власта за национализам, ксенофобија, авторитарност и тоталитаризам. Забележливо беше и тоа дека дел од медиумите, на ниту еден начин не ја доведуваа владејачката ВМРО-ДПМНЕ во врска со случувањата на плоштадот „Македонија“, туку, целата вина ја лоцираа во опозициската СДСМ. Имаше и такви медиуми кои посочија на „споделена одговорност и на двата субјекта“ за немилите настани. Сепак, заеднички белег за повеќето медиуми е тоа што тие индиректно или директно застанаа во одбрана на правото на протест и беа против употребата на какво било насилство.
Општ заклучок е дека солидниот број освоени гласови од партиите и кандидатите кои не се дел од владеачката коалиција и не се наоѓаат во сенката на ВМРО ДПМНЕ – не оставија рамнодушен ниту еден медиум. Во секој случај преовлада мислењето дека постепено почнува да се менува политичкото расположение на граѓаните, но и дека „граѓаните не ја отфрлија опцијата за компромис“ (се мисли на спорот со Грција, б.а.). Некои медиуми сметаа дека се најавува „будење на опозицијата“, дека „за премиерот Никола Груевски, времето на спотови, статуи и реторика, полека, но сигурно изминува“ и дека „Македонија се буди од портокаловата магија“. Од друга страна, има медиуми кои сметаат дека резултатите „даваат слика на една збришана партија, за бивш великан на македонската политичка сцена, кому никако да му дојде умот“ (се мисли на СДСМ, б.а.), односно „дека СДСМ не успеа на овие избори и покрај убедливата, доминантна, дури и агресивна поддршка од медиумите“.
Поголемиот дел од медиумите оценија дека ДУИ доживеа „дебакл“ односно дека таа е „најсилна партија во албанскиот блок“ ако се суди според вкупниот број гласови и градоначалници, „но реално е најголемиот губитник на изборите“ затоа што од големите општини победи само во Струга и Чаир, а го загуби Полог, односно Гостивар и Тетово. Според медиумите, една од причините за тоа е и објавената меѓусебна поддршка со ВМРО-ДПМНЕ која „доживеа фијаско“ па така се случи „триумф на ВМРО, а дебакл на ДУИ“.
Поголемиот дел од медиумите оценија дека ДУИ доживеа „дебакл“, меѓу другото и поради „уверливата“ победа на Сади Беџети во Тетово, што покажа дека „ДПА предвреме беше `отпишана`“. Освојувањето на градоначалничкото место во Тетово, за медиумите, претставува „инфузија“ за ДПА особено по расцепот на партијата и заминувањето на дел од членството заедно со потпретседателот Имер Селмани. Медиумите истакнаа дека добивањето на градоначалничката фотеља во Тетово, за Албанците е исто како што е добивањето на градоначалничката позиција во град Скопје за Македониците. Успехот на ДПА во Тетово се поврзува со пасивното однесување на ДУИ, но и со обилните партиски пазарења. Медиумите освен што ги сублимираа експертските оцени на коментаторите, и дополнително ги подзасилија со сугестијата дека „Селмани ја загрзоува ДУИ“ со која се потенцираше се поголемото значење на Селмани и поради тоа се понезавидната положба на ДУИ.
Медиумско огледало – Избори 2009, бр. 3 (608KB)