unnamed (3)

Медиумите притискаат за решавање на спорот со името

на окт 27, 09 • од

Медиумите, во споредба со лани, покажаа речиси двојно поголем интерес за Извештајот на Европската комисија. Зголемениот квантитет на прилози го следеше и подобар квалитет на информирање проследен со значително помалку грешки за евроинтеграциите. Токму затоа можеме да констатираме дека граѓаните годинава имаа можност да добијат повеќе информации за главните наоди содржани во Извештајот на ЕК...
Pin It

Home » Мониторинг на Медиуми » Медиумите притискаат за решавање на спорот со името

НВО Инфоцентарот и Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), со поддршка на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, во периодот од 7 до 20 октомври 2009 година, спроведоа мониторинг на медиумите фокусиран на информирањето за Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во 2009 година.

Основната цел на ова набљудување на медиумите беше да се анализира квалитетот на информациите објавени за Извештајот од страна на новинарите, Владата, политичките партии и од експертите.

Предмет на анализа беа написите во шест дневни весници („Утрински весник“,„Дневник“, „Вест“, „Вечер“, „Време“ и „Нова Македонија“) и централните информативни емисии на седум телевизии со национална и сателитска концесија (“А1“, „Канал 5“, „Сител“, „Телма“, „МТВ 1“, „Алфа“ и „Алсат“).

Медиумите, во споредба со лани, покажаа речиси двојно поголем интерес за Извештајот на Европската комисија. Зголемениот квантитет на прилози го следеше и подобар квалитет на информирање проследен со значително помалку грешки за евроинтеграциите. Токму затоа можеме да констатираме дека граѓаните годинава имаа можност да добијат повеќе информации за главните наоди содржани во Извештајот на ЕК.

Медиумите оваа година не само што ги пренесуваа изјавите и ставовите на претставниците на Владата, опозицијата и на европските институции, туку консултирааа многу повеќе експерти од различни области. Во истовреме, новинарите ја анализираа и коментираа содржината на Извештајот и даваа сопствени ставови и оцени на забелешките од ЕК за напредокот на Македонија. Медиумите во овој период имаа про-активна улога и во споредба со лани иницираа многу повеќе теми и дискусии поврзани со Извештајот. Пред објавувањето главно прогнозираа .дали ќе има препорака и дали таа ќе биде условена. По објавувањето на Извештајот, пак, новинарите се занимаваа со тоа што значи препораката, кои се следните чекори за добивање датум во декември годинава, какво е влијанието на спорот со името, како и со анализа на одделни сегменти од содржината на Извештајот (на пример, реперите, човековите и малцинските права, состојбата со слободата на изразување и медиумите, економските критериуми, енергетската политика, заштитата на животната средина).

Она што може да се забележи во споредба со лани е поголемата отвореност на претставниците на Владата за изјави и коментари за содржината на Извештајот. Оваа година Владата не се сомневаше во објективноста на Извештајот и на ЕК. Во периодот пред објавувањето очекуваше награда за големиот напор и труд вложен во исполнувањето на критериумите, а Премиерот демонстрираше добра волја и подготвеност за решавање на спорот со името. По објавувањето на Извештајот, претставниците на Владата го коментираа постигнатиот напредок во исполнувањето на некои од реперите, но упорно молчеа за спорот со името. На апелите од ЕУ, од државите- членки, од домашните и странските експерти и од медиумите, дека сега е моментот за решавање на спорот со името, Владата одговори со тоа дека решавањето на спорот не е услов за добивање датум за пристапни преговори.

Опозицијата ја поздрави препораката на ЕК и истакна дека таа претставува награда за македонските граѓани. Едновремено претставниците на опозиционите партии и партиите на албанскиот политички блок во парламентот истакнаа дека препораката на ЕК без добивање датум за преговори нема да значи успех за Македонија во европската интеграција во 2009 година. Лидерот на СДСМ и понуди бланко поддршка на Владата за решавање на спорот со името, доколку решението не го загрозува македонскиот идентитет и јазик.

По објавувањето на Извештајот новинарите го наметнаа прашањето за тоа дали Македонија има Преговарачка платформа и дали има административен капацитет да ги води преговорите. Анализата покажа дека граѓаните не добија детални и прецизни информации за тоа дали Владата има стратегија за преговорите и ако ја има што содржи таа; дали има преговарачки тимови и кој е нивниот состав . Овие прашања останува да биде дополнително истражени од страна на новинарите особено во контекст на забелешката во Извештајот на ЕК дека во многу подрачја Македонија има слаб административен капацитет.

Во информирањето за Извештајот има помалку грешки во однос на лани, а како најважни можеме да ги издвоиме: 1) начинот на кој се одлучува во ЕУ кога е во прашање политиката на проширување (дво-третинско мнозинство или консензус), и 2) која институција одлучува за проширувањето на ЕУ.(се мешааат Европскиот совет, Советот на Европа и Советот на ЕУ).

Деталната анализа од овој мониторинг ќе биде подготвена најдоцна до крајот на првата недела на ноември и ќе биде доставена до медиумите, но и до сите релевантни домашни и истрански институции.

МЕДИУМИТЕ И ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА НАПРЕДОКОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВО 2009 ГОДИНА (456KB)

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top