Авторка: Искра Опетческа
Фото: Еко – свест
Секаде каде што има рана во природата направена од човечка рака, а нема логично објаснување зошто, првата мисла води кон корупција во животната средина. Круг во кој се вртат инвеститори, лиценцирани експерти, државни службеници, банкари и политичари, тврди Лилјана Поповска од „Зелен институт“. Според неа, експертите се клучни, зашто врз нивната стручност и кредибилитет се гради целата конструкција за некој штетен проект. Но, заклучува таа, тие се, и најзаштитени и досега недопирливи.
Според истражувањето кое во 2015 година го спроведе Bankwatch мрежата, најголем број од проектите финансирани од меѓународните финансиски институции во заштитени подрачја се во Македонија, вклучувајќи го и Националниот парк „Маврово“ и регионот на Шар Планина, кој е во тек на заштита со посебен закон.
„За повеќето од хидроцентралите не е направена сеопфатна оценка на влијанието врз животната средина, туку за нив е направен само елаборат за животна средина врз основа на кој се добива еколошка дозвола. Праксата упатува на тоа дека мониторингот на хидроцентралите е слаб, при што локалните заедници најмногу се жалат на целосно пресушување на водата во реките. Уште еден голем проблем е определувањето биолошкиот минимум кој е пресметан на 10 проценти од просечниот годишен проток на водата. Ваквото определување на протокот не ги зема в предвид промените во водотеците во разни периоди од годината“,пишува меѓу другото во резултатите од истражувањето на Bankwatch мрежата насловено како „Уништени реки“.
Фото: Еко – свест, карта на „Брајчинска Река 1“. Црвената линија ги означува границите на Националниот парк
Кога гледате заробена вода во цевки, суво речно корито, уништена природа и недостиг од вода за пиење и наводнување, бидете сигурни дека се работи за корупција, тврди Поповска.
„Чисто математички, равенката за еколошкиот придонес на малите хидроцентрали е негативна. Се внесува огромно количество „нечиста“ енергија за пробивање патишта, сечење шуми, инсталирање цевки и бетонски грдосии, а за возврат се добива незначително малку електрична енергија. Се’ уште е на сила европската Директива од 2009 година, според која се поддржуваат обновливи извори на енергија, меѓу кои и малите хидроцентрали. Така, преку европските банки стасуваат субвенции од даноците на европските граѓани, а од балканските државни фондови повисоки цени за откуп на добиената струја. Значи, дотекува од сите страни за инвеститорите, што целиот бизнис го прави многу примамлив и високо коруптивен. Бројот на проекти за мали хидроцентрали на Балканот е удвоен од 2015 година, како да е „златна треска“, вели Поповска.
Според податоците на Bankwatch мрежата, од 2019 година, малите хидроцентрали во Западен Балкан трошат 70 проценти од субвенциите за обновливи енергии, а даваат само 3,6 проценти електрична енергија во регионот.
Личниот интерес поважен од националното богатство
„Конфликтот на интереси особено беше видлив кога владини претставници учествува во изработката на законот за енергетика, а истовремено се сопственици на компании кои градат хидроцентрали. Покрај тоа, можеме да претпоставиме, но не и да бидеме сигурни дали постои корупција во работењето на комисиите за доделување концесии за изградба на мали хидроелектрани, кога концесиите, сепак се доделуваат и покрај негативното мислење на секторот за природа во Министерството за животна средина и просторно планирање. На крај, можеме да се сомневаме на корупција и при одобрување на градбата на малите хидроцентрали бидејќи во над 100 случаи Министерството не побарало изработка на студија за оцена на влијание врз животната средина, за која треба многу време и многу пари за да се изработи, и наместо тоа издало дозволи врз база на елаборати – документи кои се со лош квалитет“, вели Ана Чоловиќ Лешоска директорка на „Еко – свест“.
И покрај ваквите континуирани укажувања, Владата на 15 февруари 2021 година, потпиша договор со германската КХВ банка за инвестирање во проекти од областа на обновливите извори на енергија, во кои спаѓаат и малите хидроцентрали. Германската амбасадорка вели дека најголем дел од парите ќе бидат наменети за подготовка на квалиетни проекти од областа на екологијата.
„Германската влада секогаш пред себе го има погледот на одржливоста на енергијатаи одржувањето на животната средина. Проекти кои што и’ штетат на животната средина, секако, нема да поддржиме“, изјави амбасадорката Анке Холштајн.
Екологијата како наука е релативно млада, но се развива интензивно. Се менуваат и ставови кои се сметале за фиксни. Во случајот со малите хидроцентрали тоа е многу драстично. Не е веќе доволно што произведуваат „чиста“ енергија од обновлив извор, зашто процесот е неодржлив и предизвикува трајни штети за животната средина и биодиверзитетот, вели Лилјана Поповска од „Зелен институт“.
„Иако не можеме да тврдиме дека зад секој еколошки штетен проект стои исклучиво корупција, зашто некаде се работи и за еколошко незнаење, сепак, кругот на корупција опфаќа инвеститори, лиценцирани експерти, државни службеници, банкари и политичари. Експертите се клучни, зашто врз нивната стручност и кредибилитет се гради целата конструкција за некој штетен проект. Тие се и најзаштитени и досега недопирливи. Се’ дури не се поведат судски процеси и не се одземат лиценци на очигледно корумпирани експерти, нема да запре ’распродажбата на лиценцирани потписи’“, вели Поповска.
ДКСК не најде корупција кај Анѓушев и Мицкоски
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во ноември 2019 година, отвори предмети против тогашниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев и претседателот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Но како што ги отвори, така и ги затвори. ДКСК утврди дека не се потврдени наводите дека Анѓушев и Мицкоски влијалеле при одлуките за изградба на мали хидроцентрали.
„Не се потврдени наводите дека при продолжување на рокот за договорот за концесија за користење на водата, и пренамена и доделување градежно земјиште за изградба на мали хидроцентрали, за локациите на реките Врановска и Тополка, на друштвото МХЕ „Тополки“ ДОО Скопје, Кочо Анѓушев се нашол во состојба на судир на интереси, бидејќи пред спроведување на постапките тој го пријавил својот приватен интерес и се иззел од седниците на Владата на кои се расправало и одлучувало во врска со хидроцентралите, каде тој е сопственик или содружник“, образложи тогаш членот на ДКСК, Нури Бајрами.
Нема судир на интереси кај поранешниот заменик претседател за економски прашања, Кочо Анѓушев, заклучи и Владата кога на виделина излезе податокот дека тој е сопственик на една третина од вкупниот број мали хидроцентрали во земјава. Исто така, Анѓушев е сопственик и на фирми што продаваат и опрема што се користи во изградбата на малите хидроцентрали.
Фото: Еко – свест,во правец на стрелките на часовникот, од горе лево: недопрена река над зафатот на Крива Кобила; суво речно корито под зафатот на Крива Кобила; сува река под зафатот на Брајчинска река; недопрена река над зафатот на Брајчинска река
За тогашниот вицепремиер Анѓушев пријава до ДКСК поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42. За Мицкоски пак, предметот го отвори Антикорупциската комисија по сопствена иницијатива, а врз основа на медиумски известувања.
„Фактите говорат дека Христијан Мицкоски не бил во состојба да ја користи функцијата советник во Владата и член на надзорен одбор како би стекнал некои права или користи. Во однос на изворите на финансирање од страна на концесионерот склучен е долгорочен кредит со деловна банка. Во меѓувреме, настанати се промени во сопственичката структура на Енерготек ДОО, што е дел од конзорциумот, каде капиталното учество на Христијан Мицкоски се намалува и повеќе не е сопственик. Сето ова говори дека наводите искажани во медиумите се неосновани“, објасни тогаш известителката по овој предмет, Катица Николовска.
Сепак, ДКСК на 28 ноември 2019 година, од Владата побарала да и’ биде дадена информација за спроведувањето на препораките на Бернската конвенција, а во врска со изработката на стратегијата за оцена на кумулативното влијание на сите палнирани хидроцентрали на територијата на националниот парк „Маврово“. На 2 декември 2019 година, Антикорупциската комисија добила одговор дека нивното барање ќе биде проследено до надлежните министерства.
„Во врска со преземањето на мерки во конкретниот случај, а во насока на преиспитување на влијанието на изградбата на малите хидроцентрали во Националниот парк Маврово, а во врска со наводите од пријавата за непочитување на одлука од меѓународното право и прекршување на домашната легислатива, ве известуваме дека е испратено барање за мислење до Министерството за економија, Министерството за животна средина и до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Штом ги добиеме одговорите, ќе ви бидат проследени“, пишува во известувањето што Владата го испратила до ДКСК.
Активистите бараат забрана за градење хидроцентрали во заштитени подраја
Во исто време кога се одвива процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк, Владата на истекот на 2020 година, донесе Одлука за продолжување на рокот за изградба на мали хидроцентрали токму на територијата на Шар Планина. Ова е спротивно од препораките во извештајот за стратегиска оцена на стратегијата за развој на енергетиката, во кој меѓу другото, пишува дека „при изработката на Програмата за спроведување на Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година се препорачува при изборот на конкретни проекти да се изостават националните заштитени подрачја, како и подрачјата предложени за заштита“.
Фото: Еко – свест,хидроцентралата „Тресонечка Река“ се наоѓа во рамките на Националниот парк „Маврово“
Од еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42 велат дека со изградба на малите електрани, во рамки на подрачјето кое е предмет на идна заштита, се очекуваат дополнителни негативни влијанија како резултат на пробивање на пристапни патишта и сечење на вегетацијата.
„Поради сето ова, во 2013 година е отворен меѓународен случај против Македонија „Развој на хидро-енергетски проекти на територијата на Националниот парк Маврово“, пред Бернската Конвенција, при Советот на Европа, затоа што Македонија упорно не ги исполнува дадените препораки. И во последната Одлука од декември 2020 година, Комитетот на Конвенцијата, повторно го потенцира барањето македонските власти да ги суспендираат сите планови за развој, концесии и процеси за издавање дозволи за нови хидроенергетски проекти на територијата на паркот. Неполни две недели подоцна, Владата усвои одлука за продолжување на истечениот рок за изградба на двете хидроцентрали во паркот, Жировница 5 и 6, до 2023 година. Со ова, директно е прекршена Бернската конвенција, Уставот и Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори“, велат од Фронт 21/42.
Затоа од Фронт 21/42 бараат доследно почитување на препораката од Извештајот за стратегиска оцена на влијанието на енергетската стратегија, а со тоа и договорот за енергетска заедница, и да се воведе забрана за изградба на мали хидроцентрали во сите заштитени подрачја. Освен ова, невладината организација „Еко – свест“ од Министерството за животна средина бара обезбедување комплетна заштита и превенција на животната средина.
„Министерството за животна средина мора да воспостави механизам со кој од инвеститорите ќе бара комплетни студии за оцена на влијание врз животната средина кои детално ќе ги анализира и дури потоа, доколку се прифатливи предложените мерки за заштита, ќе даде дозвола за проектите“, вели Ана Чоловиќ Лешоска, директорка на Еко – свест.
Сиромашните плаќаат, богатите се повеќе се богатат
Малите хидроцентрали не би се граделе во оваа мера доколку не се финансиски стимулирани од државата со субвенции за повластени производители на електрична енергија, вели Ана Чоловиќ Лешоска, директорка на „Еко – свест“, и додава дека субвенциите треба да се укинат, а парите на граѓаните да се пренасочат кон нови обновливи технологии на кои навистина им треба поддршка.
Во таа насока анализира и Васко Тодоровски, извршен директор на невладината организација „Зелена лупа“. Според него, економската оправданост од општествена гледна точка е штетна, бидејќи на годишно ниво се прави директна социјална и финансиска загуба.
„За финансирање на ова зло, воведена е посебна такса за обновливи извори, што ја плаќа секој потрошувач на електрична енергија. Бизарно е тоа што граѓаните ја плаќаат таа такса, шест отсто од потрошената електрична енергија за да ги финансираат богатите инвеститори на малите хидроцентрали, а самите тие немаат пристап до субвенции. Јасно е дека сопствениците на малите електрани, првите десет години ќе го враќаат кредитот што го зеле. Но и да не го вратат, пак се во добивка. Парите што ги зеле се двојно повеќе од вложеното во изградбата и набавката на опремата. Банките на крај ќе останат со малите хидроцентрали со сомнителен квалитет и нема никогаш да ги продадат за да ги вратат парите. На крај, штетата повторно паѓа врз грбот граѓаните“, вели Тодоровски.
Фото: Еко – свест, блокирана рибна патека на Камена река
Од „Еко – свест“ укажуваат дека поради неспроведување на постапка за оцена на влијание врз животната средина при изградба на малите електрани, јавноста е комплетно исклучена од одлучувањето. И од Фронт 21/42. инсистираат на транспарентност во сите фази од постапката при изградба на малите хидроцентрали.
„И покрај јасниот став на локалното население на локалното население против хидроцентралите, како и коментарите и барањата за стопирање на овие проекти од страна на граѓанските организации, Владата даде зелено светло за продолжување на договорите за изградба на мали електрани на Маврово и Шар Планина, иако и во последниот извештај за напредокот на државата кон Европската унија, Европската комисија укажува на потребата за подобрување на учеството на јавноста во процесите на донесување одлуки за малите хидроцентрали“, велат од Фронт 21/42.
Инспекциски надзор има, ама казни нема
Во 2020 година, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) добил околу 200 претставки, од кои шест биле барања за контрола на биолошкиот минимум на малите хидроцентрали, процедура што е потребна за добивање дозвола за користење вода, која ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање. Сепак, до сега, во јавноста нема видливост за преземените мерки или казни од страна на инспекторите.
„Фактот што досега не сме виделе посериозна казна од инспекторите за инвеститор кој гради мала хидроцентрала без почитување на мерките од елаборатите, или оперира со хидроцентралата без да почитува мерки за биолошки минимум, исто така, е сомнеж за евентуално постоење на корупција“, вели Чоловиќ Лешоска.
Директорката на инспекторатот, Ана Петровска уверува дека за подобрување на проверките дали овој биолошки минимум се почитува, ДИЖС работи на нова процедура со Управата за хидрометеоролошки работи.
Анализите покажуваат дека најголем дел од неправилностите што ги утврдуваат инспекторите се од формален карактер, вели директорката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска Грашкоска.
„Впечатокот дека нема видливост на работата на инспекторите е можеби затоа што, со новиот Закон за инспекциски надзор од декември 2019 година се воведе голема промена. Кога инспекторите ќе констатираат некоја неправилност прво ирекуваат опомена. Доколку неправилноста не биде исправена тогаш се изрекуваат други мерки. Целта на оваа измена беше да се промени менталниот склоп кај граѓаните. Сепак, опомената како мерка не важи за констатирани неправилности што го загрозуваат здравјето и животот на граѓаните, ја загрозуваат животната средина или нанесуваат поголема финансиска штета“, вели Филиповска Грашкоска.
Петровска, пак, уверува дека ДИЖС врши и редовни контроли врз законитоста на работата на инспекторите и тоа, преку проверка на спроведување на годишните и месечните планови и годишното оценување.
Поаѓајќи од релевантните истражувања и бројките што упатуваат на учинокот на малите хидроцентрали во производството на електрична енергија, наспроти бенефициите што ги добиваат сопствениците, недвосмислен е заклучокот дека Владата треба да донесе одлука за спроведување на стратегиска оцена на кумулативното влијание на сите планирани проекти во заштитените подрачја, како и да донесе одлука за стопирање на сите планови за изградба на мали хидроцентрали се’ додека не се изработи и усвои документ со катастарски локации.
Фото: Еко – свест, мапа на локации на дел од изградените мали хидроцентрали изработена од Еко – свест за потребите на истражувањето Уништени реки
Владата треба веднаш да ги преиспита сите идни градби на планираните хидроцентрали на територијата на Националниот парк „Маврово“ и регионот Шар Планина.
Овој медиумски прилог e дел од проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Прилогот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. За содржината се единствено одговорни Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентарот, и тaa не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.