20171130_120037

Локални дебати: Институциите недоволно ги почитуваат укажувањата на Омбудсманот

на дек 20, 17 • од

Наодите од мониторингот на работата на Народниот правобранител беа презентирани и дискутирани на шест јавни презентации организирани во Тетово, Штип, Струмица, Битола, Кичево и во Куманово. На дебатите присуствуваа повеќе од стотина граѓански активисти, новинари претставници на државните институции, како и Народниот правобранител и неговите заменици на локално ниво...
Pin It

Home » Активности » Локални дебати: Институциите недоволно ги почитуваат укажувањата на Омбудсманот

Народниот правобранител е најважната и клучна независна државна институција која треба да ги промовира, штити и унапредува човековите права на граѓаните во Република Македонија.

Имајќи го предвид ова, НВО Инфоцентарот, во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг на Народниот правобранител“, континуирано ја набљудува работата на Народниот правобранител.

Во овој период, главниот фокус на набљудувањето беше функционирањето на регионалните канцеларии на Народниот правобранител во Струмица, Битола, Штип, Куманово, Кичево и Тетово, како и перцепцијата на новинарите и граѓанските активисти за степенот на отвореност, достапност и ефикасност на оваа институција.

Наодите од мониторингот на работата на Народниот правобранител беа презентирани и дискутирани на шест јавни презентации организирани во Тетово, Штип, Струмица, Битола, Кичево и во Куманово. На дебатите присуствуваа повеќе од стотина граѓански активисти, новинари претставници на државните институции, како и Народниот правобранител и неговите заменици на локално ниво.

Она што може да се заклучи од мониторингот, но и од јавните дискусии е дека државните институции на национално и на локално ниво мора повеќе да ги почитуваат правата на граѓаните и да ги применуваат укажувањата на Народниот правобранител.
Досегашното искуство на локално ниво покажува дека препораките и укажувањата на Народниот правобранител наидуваат на „затворени“ врати, во прв ред, кај Министерството за внатрешни работи и локалните власти, но и кај Агенцијата за катастар, центрите за социјална работа и др.

Народниот правобранител е перцепиран како транспарентна и отворена институција, од страна на граѓаните, граѓанските активисти и новинарите. Сепак, досегашното искуство покажува дека граѓаните сѐ уште не се доволно информирани за неговите надлежности и неговата улогата во заштитата на човековите слободи и права.

Исто така, граѓаните сѐ уште не се убедени дека препораките и укажувањата на Народниот правобранител се доволно силни да ги натераат државните институции да не дискриминираат и да не ги кршат нивните права и слободи. Му забележуваат попустливост спрема поренешната власт, но констатираат дека во последните две до три години почнал подобро да функционира како заштитник на правата на граѓаните.

Новинарите и активистите сметаат дека Народниот правобранител, доколку сака да ја засили сопствената репутација и ефикасност во заштитата и промоцијата на човековите права, мора да биде ослободен и отпорен на секакви политичко-партиски влијанија, да располага со независен буџет, да има соодветно кадровско екипирање. Народниот правобранител, исто така, треба да биде постојано на терен, да биде бескомпромисен, решителен и гласен, но и многу брзо и енергично да реагира на сите кршења на слободите и правата на граѓаните од страна на државните институции.

Што се однесува до регионалните канцеларии тие не се соодветно екипирани, ниту технички, ниту од аспект на бројот на вработени и нивната стручнoст, а постои и висок степен на зависност од главната канцеларија во Скопје. Ова се главните причини заради кои замениците на Народниот правобранител не се доволно препознатливи и проактивни во насока на стекнување доверба кај локалното население. Исто така, неможноста регионалните канцеларии да постапуваат по случаи во специјализираните области, како што се, правата на детето, недискриминацијата, превенцијата од тортура, уште повеќе ја засилува перцепцијата кај граѓаните дека за заштитата на нивните права единствено се надлежни лично Народниот правобранител и канцеларијата во Скопје.

Проектот е финансиски поддржан од Амбасадата на САД во Република Македонија.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top