media-monitoring

Критичките медиуми постојана мета на напади од нивните провладини колеги

на ное 20, 15 • од

Додека критичките медиуми редовно информираат за актуелните настани и процеси поврзани со слободата на информирање и на изразување, провладините медиуми овие настани и процеси речиси комплетно ги игнорираат и се обидуваат да создадат слика за тоа дека во Македонија нема никакви нарушувања на слободата на медиумите...
Pin It

Home » Активности, Мониторинг на Медиуми, Слобода за слободата на изразување » Критичките медиуми постојана мета на напади од нивните провладини колеги

НВО Инфоцентарот, во периодот јули 2014 – октомври 2015 година, реализираше постојан мониторинг и анализа на јавната дебата во медиумите за примената на Законот за медиуми, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како и за состојбите во медиумската сфера воопшто.
Во мониторингот беа вклучени 16 традиционални и нови медиуми – весници: Слободен печат, Утрински весник, Нова Македонија, Дневник, и Вечер; неделникот Фокус; телевизиите: Канал 5, Сител, Телма, МРТ1 и 24 Вести (се набљудуваа централни информативни емисии) и порталите: Плусинфо, А1.он, Курир, Република, Плусинфо и НоваТВ.
Предмет на анализа беа новинарските текстови и прилози, колумните, фотографиите и другите илустрации поврзани со написите и со темите вклучени во мониторингот.
Во периодот од јули 2014 до октомври 2015 година беа објавени вкупно 1.836 новинарски написи и прилози.
Најголем број прилози се објавени во порталите Плусинфо (265 или 14%) и А1.он (223 или12%). Кај весниците и неделниците најголем број текстови се објавени во Слободен печат – 152 или 8% и во Фокус – 103 или 6%, а од телевизиите најмногу објави имаат 24 Вести – 124 или 7% и Телма – 82 или 5%.
Според анализата на новинарските прилози, медиумите повеќе простор и внимание им отстапуваат на медиумските закони и генерално на состојбите во медиумската сфера, додека проблемот со навредата и клеветата се следи спорадично и во зависност од актуелноста на судските случаи. Ова го потврдува и квантитативниот пресек според кој само 8,6% од објавените прилози се однесуваат на навредата и клеветата. Распоредот на објавени прилози по медиум, пак, го покажува вообичаениот тренд односно покажува дека најмногу и најчесто за навредата и клеветата информираат критичките медиуми и тоа главно информативните портали.
Клучните наоди од мониторингот на медиумското покривање покажуваат дека:
- Критичките медиуми постојано информираат и ги следат настаните и процесите поврзани со медиумската сцена во државава. Главно доминираат прилози поврзани со домашните и меѓународните активности и настани на кои се дискутира за слободата на медиумите и слободата на изразување, како и прилози посветени на случаите на загрозување на слободата на изразување и нападите врз новинарите.
- Во информирањето на медиумите недостига аналитичкиот аспект на обработка на темите. Новинарите главно ги пренесуваат изјавите и ставовите на домашните и странските актери од областа на медиумите, како и на домашните и странски политичари. Со други зборови, вести и извештаи има редовно, коментари има спорадично, а анализи речиси и да нема.
- Додека критичките медиуми редовно информираат за актуелните настани и процеси поврзани со медиумската сцена, со слободата на медиумите и со слободата на информирање и изразување, провладините медиуми, овие настани и процеси речиси комплетно ги игнорираат и се обидуваат да создадат слика за тоа дека во Македонија нема никакви нарушувања на слободата на медиумите и слободата на изразување.
- За провладините медиуми најголем проблем се критичките медиуми и нивните уредници и новинари, кои се постојана мета на напади, дисквалификации и етикетирање. Во прилозите и написите, синхронизирано и во континуитет се тврди дека средствата што критичките медиуми ги добиваат преку грантови и донации, главно од Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ), но и од УСАИД и западноевропските амбасади, претставуваат директно политичко опозициско дејствување, корумпирање на медиумите и убивање на новинарството. Едновремено, овие медиуми, не само што ги ставаат под прашање веродостојноста и демократските капацитети на критичките медиуми, туку изнесуваат и низа неаргументирани обвинувања дека тие работат на штета на државните интереси.

Овој мониторинг е дел од Проектот за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера, во рамките на Програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија, спроведуван од Центарот за развој на медиуми (ЦРМ.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top