DUP

Коруптивни спреги во урбанизмот: ДУП-ови за приватни интереси, надзор по дампинг-цени!

на јун 27, 22 • од

Урбанизмот и градежништвото се мапирани како најподложна област за корупција, поради економските интереси, политичките притисоци, правните празнини. Урбанистичките планови се повеќе го забораваат јавниот интерес, па во нив доминираат планови за бензински пумпи, винарии, фотоволтаици. Неколку планерски куќи во државата добиваат монополска позиција, а многу општини си имаат свои „миленичиња“. Надзор над градбата, пак, вршат компании за суми од еден денар, без никаква економска логика. И ова укажува на постоење коруптивен синџир меѓу планерите, инвеститорите, изведувачите, надзорот, државните институции на локално и национално ниво...
Pin It

Home » Активности » Коруптивни спреги во урбанизмот: ДУП-ови за приватни интереси, надзор по дампинг-цени!

 DUP

Урбанизмот и градежништвото се мапирани како најподложна област за корупција, поради економските интереси, политичките притисоци, правните празнини. Урбанистичките планови се повеќе го забораваат јавниот интерес, па во нив доминираат планови за бензински пумпи, винарии, фотоволтаици. Неколку планерски куќи во државата добиваат монополска позиција, а многу општини си имаат свои „миленичиња“. Надзор над градбата, пак, вршат компании за суми од еден денар, без никаква економска логика. И ова укажува на постоење коруптивен синџир меѓу планерите, инвеститорите, изведувачите, надзорот, државните институции на локално и национално ниво.

Законските нелогичности и недоречености; монополизацијата на урбанистичкото планирање од определени планерски куќи кои добиваат третман на општински „миленичиња“; вршењето надзор врз градби за нереална цена од еден денар, па и помалку, без никаква економска и пазарна логика, недвосмислено говорат за постоење коруптивна спрега меѓу урбанизмот, просторното планирање и градежништвото, велат познавачите.

Овие цени од еден денар сами по себе се чудни и сомнителни, без воопшто да се навлегува во подлабока анализа. Во капиталистичко општество нема ништо за џабе, ниедна работа не се врши бесплатно. Сомнежот никогаш не е во преплатеноста, туку во неплатеноста“, вели универзитетскиот професор Мирослав Грчев, кој во изминатиов период работеше на законската регулатива во урбанизмот и градежништвото.

Miroslav Grcev

Мирослав Грчев, универзитетски професор

Иако неодамна законски се утврдија минимални цени под кои не може да се „цртаат“ урбанистичките планови, сепак, многу општини се жалат дека поради сложените процедури, се уште се соочуваат со неквалитетно и ненавремено изработени планови. Од друга страна, пак, многу општини немаат доволно средства во буџетот. Ретки се оние кои успеале да реализираат постапка, а слабиот степен на реализација значи дека следната година за таа намена ќе добијат помалку пари.

Воедно, се забележува дека плановите со кои се уредува просторот и се дефинира какви и колкави градби може да никнат, ги изработуваат едни исти компании, со директни или дискретни релации со сегашни или поранешни високи јавни функционери, или пак, со приватни компании кои се јавуваат како идни инвеститори.

Анализата на официјалните податоци од надлежните институции покажува дека многу планерски куќи биле ангажирани да изготват планови во повеќе општини низ државата за нереални цени (без економска логика), кои драстично се разликуваат од проценетата вредност на јавните набавки, направени врз пазарни критериуми.

Кога се говори за овој феномен на дампинг-цени, тој е уште поприсутен и поизразен при ангажирањето компании за вршење надзор врз градежни работи и активности, при изградба на објекти и разни проекти од патната инфраструктура, кој многу фирми го вршат за цени од еден денар, па дури и помалку. Сето ова, според експертите, јасно укажува дека постои коруптивна спрега меѓу приватните компании, инвеститорите, како и институциите со јавни овластувања, односно општините и државните органи.

Токму урбанизмот и градежништвото се мапирани како најподложна сфера за корупција во неколку истражувања и извештаи на државните органи, како и на невладините организации. Во еден од тие извештаи, изработен од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), се наведува: „Станува збор за сектор во кој што многу лесно може да се прикажат нереални цени и да се влијае во урбаното планирање од страна на различни интересни групи. Доколку државата нема силен механизам тоа да го контролира, таа ја губи својата економска моќ, односно наместо средствата да се слеваат во буџетот се слеваат во коруптивни дејствија“.

Договори за надзор од само еден денар

Во последните неколку години, над десет јавни органи на локално и централно ниво склучиле договори со повеќе компании за вршење надзор врз изградба на објекти и инфраструктурни проекти во вредност од околу еден денар, па и помалку. Многу поголем е бројот на вакви договори на 100 денари и слични суми, кои исто така, немаат никаква пазарна логика за економските оператори.

Денес нема ништо бесплатно и никој не врши работа за џабе“, коментира поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини. За него, ваквите договори (за бесмислени суми) претставуваат јасен и недвосмислен индикатор за постоење  коруптивна спрега, која е најсилна токму во градежништвото.

Dzevdet Hajredini

Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии

Од многуте вакви договори за цена од околу еден денар или за други нереални суми, се издвојуваат неколку во кои, конечната цена на чинење после спроведената електронска аукција, енормно се разликува од проценетата цена на јавните набавки. Особено илустративен е договорот кој една општина го склучила со компанија за надзор на градежни работи при чистење на езерско крајбрежје, за сума од само 0,9 денари, иако проценетата вредност на набавката изнесувала 900.000 денари. Уште поголема разлика се воочува во друг договор, во друга општина. По спроведена тендерска постапка проценета на 1,4 милиони денари, општината склучила договор за стручен надзор на градежни работи – инвестициски објекти, во вредност од само 0,20 денари.

Трета општина, пак, ангажирала компанија за вршење стручен надзор при изградба и реконструкција на локални улици, патишта и други градежни објекти за 0,11 денари, а проценетата вредност на набавката била дури 2,2 милиони денари.

Сите овие бесмислени договори говорат за коруптивни мрежи. Никој не може да врши работи за еден денар, 100 денари и слични суми. Треба да се поништат ваквите договори со нереално ниска цена, бидејќи тие се сомнителни исто како и договорите со нереално висока цена на чинење“ , вели Ариф Муса, поранешен член на антикорупциската комисија.

Законот за јавни набавки предвидува договорниот орган да мора да бара од економскиот оператор да ја објасни цената или трошокот наведен во понудата, доколку понудата содржи невообичаено ниска цена во однос на стоките, услугите или работите што се предмет на набавка, или доколку постои сомнеж дека договорот ќе биде реализиран.

Едновремено, законот пропишува дека договорниот орган треба да ја отфрли понудата доколку објаснувањето или доставените докази не се доволни да се оправда ниската понудена цена, или доколку утврди дека има невообичаено ниска цена затоа што не ги исполнува обврските за заштита на животната средина, социјалната политика и заштита на трудот.

Според Муса, најчестото оправдување на компаниите дека ги спуштаат цените до крајни маргини заради референци, а не затоа што се во спрега со изведувачот (кому треба да му прогледаат низ прсти), е целосно неиздржано.

Тие компании и нивните газди може да бараат изговори во референците кои наводно им помагаат да добијат други зделки, но со референци не можат да купат гориво, не можат да купат храна, не можат да купат облека“ , коментира антикорупционерот Муса.

Надзорот врз градењето е голема одговорност

Надзорот е еден од клучните сегменти во синџирот на изведба на објектите. Според Законот за градење, надзорот треба да го спроведува различен и независен субјект од изведувачот, за да се овозможи независна контрола врз изградбата на објектот.

Надзорот има особено важна улога, па ваквите нереални договори јасно покажуваат дека постои појава определена компанија да го добие договорот по секоја цена зашто е во спрега со изведувачот“, објаснува професорот Грчев.

Колку надзорот мора да постапува стручно и внимателно при мониторингот над изведувачот, покажа примерот со детската градинка во Тафталиџе. Само три години откако овој објект беше изграден и пуштен во употреба, се урна таванот во една од просториите.

Конструкцијата на шините е конструкција за ѕид, а не за кров. Секоја табла требало да биде поставувана на 4 до 5 шини, а овде е поставувана на 3. Втората причина е што шрафовите се премногу набивани, пришто практично овој слој хартија кој ја држи гипс-картонската конструкција е пробиен. Третата причина е што местењето на таблите не се одвивало според систем, туку лепени се цели плочи…“, изјави градоначалникот на општина Карпош,  Стевчо Јакимовски.

Неговиот претходник, Стефан Богоев, кој беше градоначалник во периодот кога е завршена изградбата на градинката, смета дека уривањето на кровот е комбинација од лоша изведба, неодржување, но според него, најголемата одговорност лежи токму кај надзорот: „Одговорноста главно треба да се лоцира во надзорот на градежните работи, чија задача е да контролира како се реализира градбата, дали се почитува проектната документација и издаденото одобрение, и на крај да стави потпис ако се запазени сите параметри и стандарди“

Официјалните информации говорат дека овој објект го градела компанијата „Инженеринг Гроуп“ од Желино, која склучила договор со Општина Карпош во втората половина на 2017 година, вреден над 10 милиони денари. Во текот на 2018 година, кога се одвивала изведбата, Општина Карпош имала договор со „Урбан Стил Инженеринг“ за надзор над реконструкцијата на основните училишта, и реконструкцијата и изградбата на градинки во Карпош, вреден околу 350.000 денари.

dogovor nadzor

Договорот за вршење на надзор меѓу општина и избраната компанија

И од изведувачот и од надзорот не добивме одговор на прашањето, дали чувствуваат вина за уривањето на плафонот во детската градинка. Експертите се децидни дека постои вина за која мора да се сноси и кривична одговорност.

Се оди со потпис на надзорот и во вакви случаи како со градинката во Карпош треба веднаш да се затворат инвеститорот, изведувачот и надзорот. Како може да падне кров на објект стар само три години, а објекти од античко време уште да се здрави? И зошто паднал кров на објект финансиран со буџетски пари, а не паѓа на објекти на приватни инвеститори?“, прашува Муса.

Воедно, тој потсетува и на случајот со реконструкцијата на Албанскиот театар во Скопје, кој веднаш по пуштањето во употреба протече. Реконструкцијата, вели Муса, која ја реализираа две италијански фирми траеше цели 8 години и на крај сумата надмина 10 милиони евра, иако реално чини околу 2 милиони евра.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, открива дека и неговата општина се соочила со проблеми како резултат на несоодветен надзор: „Порано, имавме ситуации да ангажираме надзор за еден денар. Сега нема толку ниски цени, но проблемите останаа. Преку надзорот што го вршиме во рамки на општината, досега сме поништиле три случаи, кои поминале преку надворешен надзор ангажиран на тендер“.

Монополска позиција на неколку планерски куќи

Ниските цени без никаква економска логика, присутни се и при склучувањето договори за јавна набавка со планерски куќи, за изработка и ревизија на урбанистички планови, особено додека законски се дефинираа минималните цени за изготвување на ДУП-ови.

Само во средината на 2019 година, повеќе општини склучија договори за изработка на планови според тогашните плански програми, кои значително отстапуваа од проценетата вредност на договорите, направени според пазарни цени. За издвојување е договорот на една помала рурална општина, која за површина од 6,5 хектари проценила дека треба да потроши 590.000 денари или околу 90 илјади денари по хектар. Тендерот го добила кумановска компанија за 265 илјади денари, која понудила двојно пониска цена во конкуренција на две скопски компании, меѓу кои и реномиран институт со долгогодишна традиција.

Една градска општина во централниот дел од државава, склучила договор за изработка на урбанистички планови со стручна ревизија, со фирма од Кавадарци, во вредност од 297.000 денари, што е неколкукратно помалку од проценета вредност на набавката, од 2 милиони денари. И на овој тендер се јавиле повеќе компании, но успеала да „победи“ една од помалку познатите. „Победничката“ компанија е инаку, една од трите компании кои изработија урбанистички планови за неколку охридски села, за 6 милиони денари или двојно помалку од предвидените 12 милиони денари, колку што изнесуваше проценетата вредност на набавката.

DUP tender

извор: Биро за јавни набавки

Изработката на урбанистички планови е најнеблагодарна работа, бидејќи бара многу труд и време. Еден план за набиен простор чини и над 2.000 евра по хектар, па ниските непазарни цени од еден денар јасно покажуваат дека во позадина се крие друга логика“, нагласува Грчев.

За да нема трка по пониска цена на штета на квалитетот, што потоа се надоместува на коруптивен начин, Законот за урбанистичко планирање предвидува плаќање според тарифник. Но, Грчев предупредува дека има иницијативи изборот на планери да се врати според стариот систем: „Со новиот закон се донесе и тарифник за пресметка на цени според просторот за кој се нарачува и прави ДУП, но сега стигнуваат најави и барања од многу страни повторно да се тргнат овие одредби и нарачката на плановите повторно да оди во тендерска постапка со најниска цена како критериум“.

tarifnik

Во пакет со Законот за урбанистичко планирање, се донесе и тарифникот кој пропишува формули за пресметка на минимални цени за изработка на планови

 

Архитектката Душица Трпчевска-Анѓелковиќ, која работи во Агенцијата за просторно планирање, вели дека Законот за урбанистичко планирање предвидува избор на изготвувачи на урбанистички планови со постапка на јавен повик, која се спроведува преку информацискиот систем „е-урбанизам“ и на официјалните сајтови на општините, надвор од Електронскиот систем на јавни набавки и тендерските постапки предвидени со Законот за јавни набавки. Затоа, посочува таа, оценката на Бирото за јавни набавки е дека постои колизија меѓу двата закони.

Што се однесува до цените кои мора да се во согласност со тарифникот, Трпчевска-Анѓелковиќ објаснува дека евентуалниот избор на изработувач со пониска понуда е во спротивност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што доведува до поништување на многу постапки.

Од друга страна, голем број општини немаат доволно средства во буџетот и ретки се тие кои успеале да реализираат постапка согласно новиот закон. Доколку пак, не ги реализираат средствата предвидени со буџетот за таа намена, следната година тие се намалуваат, а со тоа и можностите за изработка на планот“ објаснува Трпчевска-Анѓелковиќ.

Таа додава дека учесниците на јавните повици, односно планерите имаат друг голем проблем кој произлегува од праксата, која како што истакнува, се негува во повеќето општини – при аплицирање на јавните повици да се приложува банкарска гаранција, со прилично високи износи: „Имајќи предвид дека постапката за изработка на плановите речиси по правило трае неколку години, ова значи затворање на големи средства за долг временски период. Ова е причината што на тендерите добиваат монополска позиција неколку планерски куќи во државава, а тоа пак, отвора други можности кога станува збор за корупцијата“ .

Јавниот интерес заборавен во урбанистичките планови

За потсетување, компанијата за проектирање и инженеринг „Иванов Инженеринг“ своевремено беше во фокусот на јавноста бидејќи седиштето на компанијата се наоѓаше во семејната куќа на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски. Во досегашното работење, нивни клиенти биле Владата, министерствата за здравство, образование и наука, за земјоделство, за правда и за заштита на животната средина, Град Скопје, како и општините Аеродром, Гази Баба, Битола, Сарај, Велес, Охрид, Вевчани, Петровец, Илинден.

Пред извесен период, пак, Општина Центар склучи договор за само еден денар со проектантското биро „Билд Урбан“, кое беше најмено да го нацрта или преосмисли просторот спроти хотелот Холидеј Ин во Скопје, каде веќе почна да се гради една од трите висококатници според стариот ДУП од 2012 година. Од бирото објаснуваа дека ја спуштиле цената до еден денар заради референца. Нивниот предлог да се изгради подземна градинка предизвика повторно силни реакции во јавноста, па општината беше принудена да го раскине договорот.

Во меѓувреме, нов или изменет план не се донесе, а по одлуката на Уставниот суд во сила се вратија старите урбанистички планови. Еден од нив е и планот за поранешната фабрика Треска, за што беше ангажирана „Ин- Пума“, во чија сопственичка структура влезе и охридски бизнисмен поврзан со сопственик на земјиште на оваа локација.

Општина Центар, во 2020 година, донесе одлука Треска да се издвои од ДУП-от Буњаковец и да се реши посебно, со нов план откако претходно ќе биде изработен идеен проект. Но тоа не се случи. Во меѓувреме стигнуваат барања за издавање одобренија според стариот план.

Актуелниот градоначалник на Центар, Горан Герасимовски, вели дека урбанистичките планови се на ниво на закон и затоа, мора да се почитуваат се додека, како што посочува, не се донесат нови. Според него, поради ниските цени паѓа и квалитетот, но и на брзината на изработка на плановите: „Затоа, сега во новата јавна набавка за ангажирање на куќа за изработка на планови предвидуваме строги критериуми, според кои планот треба да биде изработен во одреден рок“.

И Јанчев укажува на сложената и спора постапка за носење на ДУП-ови, како голем проблем за општините: „Проблемот е што нема законски рок за донесување на планот. Сите влечат, планерите влечат зашто чекаат – овој да им се јави оној да им се јави – и да се договараат. Се чека согласност од надлежните. Од Министерство за транспорт чекаме 6 месеци согласност…“.

Mitko Jancev

Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци

Според Трпчевска-Анѓелковиќ, можноста за финансирање на изработка на урбанистичките планови од заинтересирани странки во планерската пракса се толкува како можност за изработка на план по нарачка, кој ќе одговара на потребите и желбите на инвеститорите: „Речиси се заборава јавниот интерес, дури и кога инвеститори се општините. Главниот мотив на градоначалниците е да се обезбедат што повеќе средства од комуналните давачки, што за нив, во услови на лоша економска состојба во која се наоѓаат поголемиот број општини, е доволна аргументација“.

Според Трпчевска-Анѓелковиќ, показател за тоа дека при изработката на урбанистичките планови финансирани од државниот буџет често се заборава на јавниот интерес, е фактот што во нив неретко влегуваат бензински пумпи, винарии, а во последната година речиси се е фокусирано на фотоволтаичните електрани.

Успешна реформа или лукративни мотиви?

Процедурата за усвојување урбанистички план започнува со носење планска програма од страна на градоначалникот. Општината, по сопствена иницијатива или по барање на физички или правни лица, најмува планерска фирма да изработи план.  Откако врз основа на насоките од општината или инвеститорот, фирмата ќе го изработи планот, тој оди  во комисијата за урбанизам на општината, која го чешла детално, а потоа оди на проверка во Град Скопје и во Министерство за транспорт и врски. По добивањето позитивни мислења од овие институции, планот се враќа на конечно гласање во советот на општината.

Поранешниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски, инаку, потпретседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вели дека при изработката на урбанистички планови може да се случи компаниите да ги намалат цените на минимална економска заработка, или да отидат дури и во загуба, за да добијат референци што им се потребни за во иднина. Доколку тоа се случува почесто од нивната потреба за тие референци, тогаш, според него, сигурно има заднински лукративни причини: „Треба да се провери детално зошто има вакви случаи… Ако често се случува од одредени компании, тогаш се поставува прашањето дали тие им помагаат на некои што планираат да градат и на тој начин да имаат економска исплатливост во иднина, бидејќи и планерите и архитектите треба некако да земат плата“.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека „реформата во урбанистичкото планирање несомнено дава позитивни резултати, пред се преку отвореност на постапката, транспарентност, почитување на законските одредби кои пропишуваат јавни анкети, јавни и стручни расправи со вклученост на сите засегнати страни и партиципативни тела“.

Во однос на постапките за одобрување на урбанистичките проекти со самото тоа што, составен дел на урбанистичкиот проект се и идејни проекти за планираните градби, искуствено можеме да кажеме дека ова е позитивна промена, и уште еден фактор на контрола на целиот процес на планирање согласно законската регулатива“, констатира министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Blagoj Bocvarski

Благој Бочварски, министер за транспорт и врски

Тој додава дека се почитуваат одредбите од Правилникот за урбанистичко планирање кои се однесуваат на процентот на изграденост, коефициентот на искористеност, процентот на озеленетост и др.

Со донесувањето на Тарифникот за вредност на работите од областа на урбанистичкото планирање, обврска е на сите вклучени чинители во постапката за изработка на планови и проекти (локалните самоуправи, планерските куќи, ревидентските куќи, Министерството) да го почитуваат тарифникот.  Министерството, за плановите и проектите кои се дел од годишната програма одговорно тврди дека го почитува Тарифникот за вредност на работите од областа на урбанистичкото планирање“ , вели Бочварски.

Економски интереси и политички притисоци

Трпчевска-Анѓелковиќ смета дека фактот што секоја општина има свои „миленичиња“, јасно говори за „некакви поинакви релации“ во процесот на избор на планери и проектанти : „Јавна тајна е дека странките најчесто се упатуваат на планерска или проектантска куќа која „најбрзо ќе им ја заврши работата“. Релациите може да се бараат во економскиот интерес, но тука, исто така, големо влијание имаат, и политиката и политичките притисоци. За жал, овие појави може да се констатираат не само кај градоначалниците, туку и кај општинската администрација, а неретко се работи и за „тимска работа“, каде секој има свое парче од колачот“.

Хајредини посочува дека коруптивната спрега меѓу планерите, инвеститорите, изведувачите, надзорот и институциите, функционира совршено: „Градежништвото дозволува задоволување на коруптивните апетити, бидејќи може да се компензираат сите без да се движат пари, од рака на рака. Тој што го црта ДУП-от ќе добие стан исто како градоначалникот ако ја истурка работа во општина, но и некој владин функционер ако тој го кажува конечниот збор. Јас знам бројни примери како тоа се прави со давање на станови“.

Во „Анализата на правната рамка во областите на просторното планирање, урбанизмот и градежништвото со можни ризици од корупција и методологија за следење на препораките“, изготвена од ДКСК, во соработка со „Транспаренси Интернешнел“, се наведуваат повеќе ризици поврзани со постапката за донесување и изменување на урбанистичките планови.

Се нагласува дека еден од најранливите сектори во урбанизмот е секторот за јавни набавки, преку кој оди изборот на изработувач на урбанистичкиот план. Главниот ризик од појава на корупција и судир на надлежности се однесува на големите дискрециски овластувања на градоначалникот кој ја донесува одлуката за избор, но и ја формира комисијата која ги оценува понудите и доставува предлог за избор до градоначалникот.

Izvestaj na DKSK

Во анализата на правната рамка во просторното планирање, урбанизмот и градежништвото, изготвена од ДКСК и „Транспаренси Интернешнл“, се нотираат и главните ризици при донесување и изменување на урбанистичките планови

Во документот се потенцира и дека членовите на советот на општината и јавноста немаат законска можност да бидат вклучени во овој дел од процесот на урбанистичкото планирање, па градоначалникот на општината има големи дискрециски овластувања и влијанија во постапката за избор на изработувач на урбанистичкиот план, што претставува висок ризик од појава на корупција и судир на интереси.

 

 

Оваа новинарска сторија е подготвена од Влатко Стојановски, ангажиран од НВО Инфоцентар со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во оваа новинарска сторија му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

 

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top