Откако Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) му укажа на Канал 5 дека Миленко Неделковски континуирано шири говор на омраза и дискриминација врз сексуална ориентација, оваа телевизија реагираше со одговор дека се придржува кон законската забрана за ширење и поттикнување диксриминација и говор на омраза врз која било основа и дека има бројни забелешки на извештајот од спроведениот вонреден надзор на Агенцијата за медиуми:
„Во врска со добиеното известување и констатации од програмски надзор би сакале најпрво да ве известиме дека Канал 5 Телевизија сериозно и доследно се придржува кон законската забрана за ширење и поттикнување дискриминација, нетрпеливост и омраза врз која било основа и би сакале да изразиме жалење и осуда што вие како Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги веќе утврдивте дека Канал 5 Телевизија сторила повреда на законската забрана за ширење и поттикнување на дискриминација, нетрпеливост и омраза врз каква било основа!
Со овој Одговор би сакале да ставиме неколку забелешки на вашиот Извештај за извршен програмски надзор и тоа:
-Првенствено, согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, вие како Агенција вршите програмски надзор на програмите на радиодифузерите и давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, како и на програмските пакети кои ги реемитуваат операторите на јавни електронски комуникациски мрежи од аспект на почитувањето на одредбите од овој закон, дозволите, издадените потврди за регистрација, подзаконските акти и другите акти донесени од Агенцијата. Од друга страна, од анализата на овој Извештај за програмски надзор, кој меѓудругото не потпишан од лицето кое го изработило, и претставува ваш ИНТЕРЕН документ, донесени се констатации, кои повеќе би можеле да се каже дека наликуваат на образложение од судска одлука, иако според наше мислење, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вршејќи го надзорот би можела само да констатира што било емитувано без да донесува заклучок дали Канал 5 има сторено или не ваков вид на повреда.
Имено, со оглед на тоа што станува збор за многу чувствителна тема донесен е посебен закон, Законот за спречување и заштита од дискриминација, чиј пречистен текст е објавен во Службен весник на РМ бр.177 од 14.10.2015 година и согласно кој е формирана посебен орган Комисија за зашитита од дискриминација, која е овластена да постапува по претставка поднесена до неа од страна на лице кое смета дека претрепело дискриминација. Согласно надлежностите на Комисијата утврдени во член 24 од наведениот закон и самата комисија има надлежност да постапува по претставки и по нив да дава мислење и препораки за конкретните случаи на дискирминација и да поведува постапка пред надлежни органи ( судови )поради сторени повреди на овој закон.
Доколку констатира дека е сторена повреда, а откако ќе изврши увид во документите и ќе земе изјави, како од подносителот на претставката, лицето против кое е поднесена претставката и од други лица, Комисијата најпрво препорачува начин на отстранување сторената повреда, по што доколку лицето кон кое е упатена претпоставката не ја отстрани истата, може да поведе иницијатива за поведување на постапка пред надлежен орган.
Според тоа, дури и Комисијата како овластено правно лице да постапува согласно овој закон не одлучува дали е навистина сторена дискриминација, а вие како Агенција согласно приложеното известување и извештај не само што е донесена еден вид на ,,ПРЕСУДА“, со која крајно неосновано констатирате дека Канал 5 има сторено повреда на законската забрана за ширење и поттикнување на дискриминација и говор на омраза, туку и ДИРЕКТНО ЈА СТИГМАТИЗИРАТЕ нашата компанија. Притоа се повикувате на судска практика како од земјата, така и од странство, за што не сте надлежни да го правите, а од друга страна, како што кажува и самата судска практика произлегува дека е многу чуствителна тема, за која дури и во постапката пред суд е тешко да се определи границата помеѓу сторена повреда на законските одредби за дискриминација, наспроти признената слобода на изразување. Тоа особено се гледа од судот кој сте си дозволите да го донесете во вториот пасус на страна 11 од Извештајот според кој ,,Ставовите што ги изнесува Миленко Неделковски во неколку последователни изданија на неговата емисија ,,Миленко Неделковски шоу,,емитувани на Канал 5 Телевизија, во еден дел претставуват јасни случаи на дискриминација врз основа на сексуалната ориентација, а во некои постои обид те да се затскријат зад навидум разумни и нормални зборови.“ .
Со оваа ваша „пресуда“ направивте сериозен прекршок, кој беше основа за превртување на оваа ваша квази –теза од страна на неколку портали! Од друга страна, со оглед на тоа што станува збор за целосно надворешен проект, Канал 5 се оградува од личните мислења и ставови изнесени во емисијата, па се поставува прашањето од која причина би била повикана на Канал 5, имајќи во предвид дека станува збор целосно надворешен проект за кој и самиот автор, видно од неговите цитати наведени во вашиот извештај и самиот потврдува дека се негови лични ставови и мислења за определни лица и општествени појави, за кои исто така дали е сторена повреда на законот, би требало да се утврди во соодветна постапка утврдена со закон. Ако се анализира од уредувачки аспект, како што самите констатирате во Извештајот, на Канал 5, зборовите кои се неморални и непримерни ги Канал 5 крајно професионално ги „покрил“ со вискокфрефентен сигнал, со што пред целата македонска јавност покажал и докажал дека не се согласува со термините користени од страна на авторот на оваа емисија.
Според тоа, во поглед на одговорноста би требало И ВИЕ САМИТЕ да се потсетите и да се повикате на ,,Водичот за мониторинг на ,,говорот на омраза,, и самите би требало се повикате на начелото од Препораката бр.R (97)20 на кој се повикувате односно дека ,,Една од најважните разлики кои треба јасно да бидад изразени во националното право и пракса со цел да се направи јасна разлика меѓу одговорноста на авторот на изразите на говор на омраза од една страна, и некава одговорност на медиумите и медимуските експерти кои придонесуваат за ширење на истите, за да пренесуваат информации од друга страна,, што Вие не сте го направиле и сте се впуштиле во одлучување дека Канал 5 шири говор на омраза и поттикнување на дискриминација, што повторно беше злоупотребено од одредени правни и физички лица за стигматизирање на нашата компанија!
Како крајно непрофесионален е ставот на Агенцијата во кој , неосновано тврдите дека Канал 5 не го емитувала демантот во ОРИГИНАЛ. Доколку го прочитате демантот , кој е прикачен за ова писмо ќе забележите дека воопшто не се изменети зборовите / термините кои се употребени во демантот, со што уште еднаш се потврдува површноста при изработката на овој , наречи Писмен Извештај.
Како Директор на АВМУ, бараме да ни бидат предочени имињата на оние кои го подготвиле овој скандалозен Писмен Извештај, за да можеме соодветно да реагираме пред соодветните институции, и истовремено бараме овој наш одговор да биде објвен и на вашата WEB страна. За крај, уште еднаш ја повторуваме нашата заложба за почитување на сите граѓани на нашата држва без разлика на нивната сексуална, партиска, политичка или било каква друга определба, и никогаш нема да дозволиме некој наш вработен или некое трето лице , во наше име, тоа да го злоупотреби. Ја користиме оваа прилика и ве известуваме дека го контактиравме авторот на оваа емисија, г-динот Миленко Неделковски, и му предочивме доколку се повторат овие „спорни“ вербални моменти, Канал 5 ќе го раскине договор за емитување на оваа емисија на нашата програма,“, се вели во реакцијата на ТВ Канал 5 до АВМУ.