Таканаречениот транзициски или преоден период до април 2016 година, е многу кус за спроведување попис на населението во Република Македонија. За целата операција на подготовка на пописот, неговата реализација и секако, обработката на податоците, потребни се речиси две години, кои ние во моментов ги немаме.
Отсуството на политичка волја на власта да спроведе реален и темелен попис е главната причина заради која Македонија е единствената држава во Европа која веќе 13 години нема релевантни податоци за својата популација. Имајќи го предвид ова, идната власт која ќе биде избрана на регуларни и демократски избори ќе треба уште на самиот почеток да изгради јасен политички став односно консензус за попис на населението според светските стандарди и неговото спроведување ќе треба да биде еден од нејзините приоритети уште од самиот почеток.
Што се однесува до избирачкиот список, можно е негово прочистување и без попис, затоа што, тој сепак, не зависи целосно од него. Ќе беше добро да му претходеше попис, но во моментов најважно е да се фокусираме на целосно и темелно прочистување, па дури и да се направи целосно нов избирачки список. Вклучувањето на граѓанските организации и активисти е многу важно особено во делот на нудење решенија, следење на процесот, но и на мотивирање на граѓаните и тие активно да се вклучат во прочистувањето на избирачкиот список.
Токму затоа, НВО Инфоцентарот и коалицијата на граѓански организации која ја спроведува кампањата за попис, веќе ги започнаа активностите околу кампањата за прочистување на избирачкиот список.
Нашата цел е да ја вратиме довербата на граѓаните во избирачкиот список.