НВО Инфоцентарот спроведе мониторингот на медиумското покривање на Пописот 2021 година во периодот од 15 март до 2 април и од 5 до 30 септември 2021 година. Мониторингот вклучи девет медиуми (четири онлајн портали и пет национални ТВ-станици: Курир.мк, Плусинфо.мк, Фронтлајн.мк, 360 Степени.мк, МРТ1, Сител, Телма, Алфа и Алсат М).
Клучни наоди од мониторингот:
– Медиумското известување беше различно во предпописниот и во пописниот период, и во бројот на прилози, но и во квалитетот на прилозите.
– Во пописниот период споредено со предпописниот период, бројот на објави опадна за 31.5%.
– Во првиот период на мониторинг, во медиумите доминираа политичко-партиските реакции со високи 60.5%.
– Во септемврискиот мониторинг период беше регистриран пресврт во содржинскиот аспект. Во прв план избија информациите за текот на пописниот процес (65%), а политичките реакции опаднаа на само 22.6%.
– Во предпописниот период ДЗС се појави како извор на информации во само 18% од содржините, додека во септемврискиот известувачки период, ДЗС како извор на информации беше застапен во 76.1% од вкупниот број анализирани содржини.
– Со започнувањето на пописот, политичкото разногласие постепено се намалуваше и известувачката рамка на медиумите повеќе се приближи кон репортерско информирање од терен за тоа како се одвива пописот.
– Владата тврдеше дека, и покрај одредени технички тешкотии и прекини на почетокот, Пописот продолжува без сериозни проблеми и со планираната стапка на регистрација.
– Иако про-опозициските медиуми упатуваа чести критики кон власта и институциите за квалитетот на пописниот процес, сепак, низ призмата на најчесто користените наративи, беше јасно дека не ги оспоруваат легитимитетот и важноста на пописот.
– Во про-опозициските медиуми се развиваше наративот дека „албанските политичари водат поактивна кампања за попишување на етничките Албанци од дијаспората“
– Ваквите наративи, во пописниот период, беа надополнувани со прилози за наводно непочитување на здравствените протоколи при изведување на пописот во средини со мнозинско етничко албанско население.
– Еден обид за дезинформирање на јавноста беше забележан во случајот на пренесените информации за наводна подготовка на масовен бојкот на пописот во последните две недели од неговото одржување. Обидите за поширока дисеминација на овој наратив не зедоа замав.
III Мониторинг извештај Попис 2021