Транспарентност Македонија (ТМ), во соработка со НВО Инфоцентарот, го објави првиот мониторинг извештај за корупцијата во Република Македонија. Извештајот ја опфаќа состојбата со корупцијата и транспарентноста во македонското општество, во периодот јануари – април 2018 година и претставува почетна основа за континуираното набљудување во наредните три години.
Извештајот е дел од проектот “Граѓанските организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција”, поддржан од Европска Унија, во чии рамки ќе се објавуваат периодични мониторинг извештаи како преглед на состојбата и динамиката на корупцијата во државава и борбата против неа. Преку овие извештаи редовно и доследно ќе ја информираме јавноста за состојбите со корупцијата и организираниот криминал во општеството, а со цел да ја засилиме дебатата во јавноста за негативните ефекти од корупцијата врз сите сфери на општественото живеење и нужноста од нејзино искоренување.
Анализата на состојбите во првите четири месеци од годинава покажа дека резултатите во трансформирањето на капацитетите на државата за борба против криминалот и корупцијата, најблаго речено, се половични и спори. Реформите во правосудството се закочени во коридорите на политичките и правните перипетии. На тоа се надоврзува и нефункционалноста на Собранието на РМ и бојкотот на опозицијата на неговата работа, што успори или сосема спречи донесување низа реформски закони коишто, посредно или непосредно, се однесуваат и на состојбите со криминалот и корупцијата во земјата.
Кадровската политика на новата власт е недоречена, на што се надоврзува и ефикасноста и квалитетот во работењето на Владата. Многу раководни кадри од претходната власт сè уште заземаат важни места во државната хиерархија, иако се покажа дека тие беа клучен дел во клиентелистичкиот и високо корумпиран систем на владеење на владите на Груевски.
Оставките, под притисок на јавноста, на пет од вкупно седум члена на ДКСК не треба да бидат земени како олеснителна околност при утврдување на нивната одговорност за грубото кршење на законот. Нивната одговорност е уште поголема, ако се земат предвид далекосежните последици за натамошното функционирање на ДКСК – целосно изгубената (и онака многу ниска) доверба кај граѓаните, за целите и работата на ова независно тело. Наместо досегашната практика на партизација и именување анонимни лица без препознатлив професионален и морален интегритет (дури, во некои случаи и без исполнување на основните законски критериуми), клучни критериуми за избор на членови на ДКСК треба да бидат: професионалниот капацитет и интегритет на кандидатите, нивниот морално-политички кредибилитет, познавањето на анти-корупциската област и работното искуство што го поседуваат. Бројот на членови на ДКСК треба да се намали на вкупно пет, што ќе претставува заштеда на буџетски средства, а нема негативно да се одрази врз работата на Комисијата. Пред именувањето на членовите на ДКСК, треба да се спроведе јавно интервјуирање (public hearing) со секој од пријавените кандидати. Заради транспарентност на овој процес и објективност при изборот на членовите на ДКСК, потребно е вклучување и мониторинг од страна на претставници на етаблирани НВО-а кои се занимаваат со оваа област, како и новинари-истражувачи на феноменот на корупцијата.
Неприфатливо е барањето на опозицијата, таа да го предлага председателот на ДКСК. Претседателот и членовите на ДКСК треба да бидат независни и да работат без партиски притисок. Повеќе од 10 години имавме нефункционална ДКСК и широко распространетата корупција во власта, особено во нејзините највисоки раководни позиции.
Оценуваме дека нотираното комотно однесување на дел од министрите во трошењето јавни пари е резултат на досегашната политика на неказанивност. Доколку продолжи неприменувањето на принципот на одговорност (политичка, материјална и кривична) за ненаменски потрошените средства и не се надоместат парите на граѓаните, ќе продолжи и самоволието на функционерите, а корупцијата и натаму ќе претставува еден од најголемите проблеми во земјата.
Добро е тоа што, Владата и Министерството за информатичко општество и администрација, одлучија да го вклучат невладиниот сектор во изготвување на стратегијата и да прифатат некои од препораките. Меѓутоа, изразуваме незадоволство за тоа што не се прифатени сугестиите на НВО-секторот, земјата да добие мала, ефикасна јавна администрација според европски стандарди. За ова се потребни храбри и решителни чекори, кои Владата очигледно не е подготвена да ги направи.
Целосен текст на Извештајот бр.1: Мониторинг на корупцијата во Република Македонија