Избори 2014: Примената на медиумските одредби од изборниот законик и работата на АВМУ, ДИК и МРТ

на јун 11, 14 • од

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), во рамките на програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Република Македонија и Проектот за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера, за време на претседателските и вонредните парламентарни избори 2014, спроведе мониторинг на работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и на Државната изборна комисија (ДИК). Мониторинг тимот на ЦРМ, ги следеше седниците на АВМУ и на ДИК, со посебен фокус на точките кои се однесуваа на радиодифузните медиуми и изборниот процес...
Pin It

Home » Граѓанска сцена » Избори 2014: Примената на медиумските одредби од изборниот законик и работата на АВМУ, ДИК и МРТ

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), во рамките на програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Република Македонија и Проектот за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера, за време на претседателските и вонредните парламентарни избори 2014, спроведе мониторинг на работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и на  Државната изборна комисија (ДИК). Мониторинг тимот на ЦРМ, ги следеше седниците на АВМУ и на ДИК, со посебен фокус на точките кои се однесуваа на радиодифузните медиуми и изборниот процес. Целта на набљудувањето беше да се добие јасна слика за тоа како АВМУ и ДИК ги спроведуваат одредбите од Изборниот законик (ИЗ) и од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) кои директно се однесуваат на работата на медиумите за време на избори, но и да се добие јасна слика за тоа дали законските одредби се добри и како тие влијаат врз работата на радиодифузерите за време на изборните процеси. Имајќи го предвид значењето и улогата на јавниот радиодифузен сервис, посебен дел од овој изборен мониторинг ѝ е посветен и на Македонската радиотелевизија (МРТ).

Од спроведениот мониторинг на ЦРМ, произлегоа следните клучни заклучоци и препораки:

1.  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги премости недостатоците на Изборниот законик во делот на рамноправното претставување во вестите на МРТ, односно се обиде да им овозможи рамноправно претставување на вонпарлемантарните и новоформираните партии, со тоа што му препорача на јавниот радиодифузен сервис да обезбеди дополнително време од пет минути во вестите за претставување на кандидатите кои не се опфатени со Изборниот законик.

ЦРМ смета дека одредбите од Изборниот законик кои се однесуваат на дефинирање на поимите „позиција/власт” и „опозиција” (чл. 2, ст.1, т. 9 и 10), како и дел од одредбите кои се однесуваат на медиумското претставување (чл. 76-а, ст. 2 и 3), се непрецизни и оставаат простор за различни толкувања. Имајќи го предвид ова, како и  фактот дека на сите политички субјекти мора законски да им биде обезбеден фер и рамноправен третман во изборниот процес, ЦРМ предлага да бидат направени измени и дополнувања на Изборниот законик.

2. Анализата на Извештаите од мониторингот на медиумското покривање на јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните медиуми покажа дека АВМУ селективно ја спроведе методологијата за мониторинг на радиодифузерите. Во мониторингот преовладуваа квантитативните елементи, додека квалитативната анализа на медиумското покривање беше сведена на минимум особено во извештаите после првиот круг на претседателските избори.  Многу малку или воопшто не беше направена анализа на тонот со кој известуваат медиумите; на рамката во која известуваат за определени политички субјекти; на манипулативната употреба на филмови, слики и звуци; на изборот на зборови или реченици кога се известува за политичките субјекти или кога се презентираат информациите; на почитувањето на новинарските професионални стандарди; на присуството на говор на омраза и др. Отсуството на продлабочена и детална квалитативна анализа на медиумското покривање и комплетната доминација на квантитативните елементи, даваат нецелосна, па дури и искривена слика за начинот на кој медиумите информираа за време на првиот изборен круг.

Дополнително загрижува и инсистирањето на Претседателот на Советот на АВМУ,  без каква било методолошка основа, во првиот извештај да биде додаден параграф кој се однесува на Телма и 24 Вести и кој претставува паушален политички атак врз двата радиодифузери.

ЦРМ смета дека секаков вид на селективен мониторинг, без вклучување на квалитативните елементи, креира искривена слика за информирањето на медиумите за време на изборите, а секакво етикетирање на медиумите, без разлика дали е тоа направено во официјален извештај, или пак, станува збор за индивидуална изјава на некој од членовите на АВМУ, претставува директен притисок и атак врз медиумите и слободата на информирање.

3. Избегнувањето на квалитативната анализа и нагласувањето на квантитативните елементи од страна на АВМУ, како и недвосмислените и јасни констатации на ОБСЕ/ОДИХР за информирањето на МРТ за време на изборниот процес, укажуваат на тоа дека МРТ и натаму останува пристрасна спрема власта и дека сè уште не функционира како сервис на граѓаните односно како современ, непристрасен и професионален јавен радиодифузен сервис.

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top