Инспекциските служби во рамки на општините во Република Северна Македонија се соочуваат со бројни проблеми и предизвици. Многу општини немаат доволно човечки, финансиски и техничко-технолошки капацитети за да организираат ефикасна инспекциска служба.
Законската регулатива по која работат и постапуваат општинските инспектори е нехармонизирана, а неретко и противречна. Руралните и малите општини сметаат дека законите кои се однесуваат на инспекцискиот надзор треба да се допрецизираат и тоа, во согласност со нивните потреби, можности и капацитети кои се разликуваат од оние на големите и на урбаните општини.
Ова се само дел од наодите на истражувањето „Општински инспекциски надзор – проблеми и предизвици“. НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг врз инспекциските служби на локално ниво“, спроведе истражување/ мапирање на постојната организациската поставеност и функционирање на инспекциските служби во надлежност на општините, како и клучните проблеми и предизвици со кои тие се соочуваат.
Ова истражување ги опфати сите 80 општини, како и Градот Скопје. Во ноември 2019 година, до општините и Градот Скопје беше доставено барање за пристап до информации од јавен карактер и прашалник, за сите клучни прашања поврзани со организацијата и функционирањето на општинските инспекциски служби. Одговори и документи доставија вкупно 68 или 84% од вкупниот број општини во државата.
Предмет на анализа во овој извештај се информациите и сознанијата добиени од: општините преку одговорите на барањата за пристап до информации од јавен карактер и одговорите на прашалникот; анализата на релевантните документи, регулативата, интернет-страниците на општините и одлуките на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК); фокус-групата со единаесет експерти и претставници на граѓански организации на национално и локално ниво; интервјуата со претставници на општините и релевантните државни институции (Министерството за локална самоуправа, Државниот инспекторат за локална самоуправа), вклучително и Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).
Истражувањето (подготовката, реализацијата и анализата) беше спроведено во периодот ноември 2019 – март 2020 година, со поддршка од Амбасадата на САД.
3 Responses to Истражување: Општински инспекторати – проблеми и предизвици