moliv

Истражување: Каков попис и избирачки список ѝ се потребни на Македонија?

на фев 23, 16 • од

Истражувањето се однесува на постојните модели на спроведување пописи (традиционален, базиран на регистри и комбиниран) и нивната применливост, иницирано од најавата на Премиерот за „електронски попис“ во државата, на евентуалната поврзаност на пописот со прочистувањето на избирачкиот список, како и на можните начини за ефикасно прочистување на избирачкиот список...
Pin It

Home » Активности, Анализи » Истражување: Каков попис и избирачки список ѝ се потребни на Македонија?

НВО Инфоцентарот, Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), Осми Септември и Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) во рамките на проектот „Демографијата – квалитет на живеење“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија, го реализираа истражувањето „Каков попис и избирачки список ѝ се потребни на Република Македонија?“.

Истражувањето се однесува на постојните модели на спроведување пописи (традиционален, базиран на регистри и комбиниран) и нивната применливост, иницирано од најавата на Премиерот за „електронски попис“ во државата, на евентуалната поврзаност на пописот со прочистувањето на избирачкиот список, како и на можните начини за ефикасно прочистување на избирачкиот список.

Истражувањето е базирано на деск-анализа и на интервјуа со стручњаци, креатори на јавното мислење и политичари. Во подготовката на овој документ учествуваа: м-р Бојан Маричиќ, м-р Љупчо Петковски, Билјана Бејкова и Христена Антовска Јованчева.

Речиси сите интервјуирани стручњаци и политичари укажуваат на извесна поврзаност меѓу одржувањето регуларен и редовен попис и ажуриран и кредибилен избирачки список, а ги нагласуваат и политичките аспекти на поврзаноста меѓу пописот и избирачкиот список во постојниот контекст на политичката криза во Македонија. Сепак, најголем дел од нив се согласни дека се тоа законски и методолошки сосема засебни процеси кои не мора да бидат целосно поврзани.

Иако сметаат дека најидеалната опција за прочистување на избирачкиот список е претходно да бидат собрани податоци од регуларен и традиционален попис, сепак, нашите соговорници ја уважуваат фактичката состојба дека спроведувањето попис е невозможно до одржувањето на предвремените парламентарни избори и токму затоа како неопходност ја наведуваат потребата да се разгледаат другите расположливи можности за прецизирање и прочистување на избирачкиот список.

Експертите и политичарите сметаат дека најдобриот модел за прочистување на избирачкиот список е задолжителното активно регистрирање на секој граѓанин, како и целосното теренско ажурирање на избирачкиот список.

Како многу важен елемент кој го надополнува ажурирањето на избирачкиот список, испитаниците ја посочија верификацијата на идентитетот на гласачите на денот на изборите, бидејќи користењето туѓ идентитет при гласањето беше честа појава во изминатите изборни циклуси.

Она што повеќето испитаници го потенцираат е дека избирачкиот список треба да биде инструмент во кој сите политички актери, но и граѓаните ќе имаат доверба и ќе бидат сигурни дека никој нема да може да го злоупотребува и да врши упад во него заради партиски интерес. Во секој случај, потрагата по системско решение кое ќе функционира подолго од април 2016 година останува отворена.

Експертите и политичарите сметаат дека Државната изборна комисија (ДИК) е институцијата која треба да биде надлежна за ажурирање и контролирање на избирачкиот список. Всушност, изворна надлежност на ДИК треба да бидат сите активности поврзани со креирање и ажурирање на избирачкиот список, како и сите активности поврзани со изборниот процес.

Истовремено, ДИК мора да биде независна институција, односно целосно ослободена од секакви политички и партиски притисоци и влијанија, а неопходно е и зголемување и подобрување на нејзините човечки и технички капацитети.

Клучните препораки за обезбедување фер и демократски избори и добро ажурирање на избирачкиот список, на хрватски ГОНГ за Македонија се: транспарентност на увидот во избирачкиот список, лесна достапност на избирачкиот список и контрола од страна на јавноста и мешовитите комисии (здруженија, академска заедница, новинари и др.) и зајакнување на независните институции кои ќе имаат овластувања да дејствуваат во интерес на граѓаните и законите, а наспроти очекувањата и интересите на политичките партии.

Во однос на ажурирањето на избирачкиот список, ГОНГ препорачува создавање единствена база на податоци на граѓаните во која се генерирани сите податоци. За ваков централен регистар на граѓани се залагаат и другите испитаници.

Бидејќи актуелната власт не успеа да го реализира пописот во 2011 година, најголем дел од испитаниците сметаат дека коалициските партнери не можат да ги надминат постојните проблеми и дека немаат кредибилитет да организираат и спроведат попис. Тоа значи дека пописот ќе треба да го спроведе друга влада која ќе биде составена по изборите во април 2016 година.

Едновремено, повеќето соговорници сметаат дека подготовката и реализацијата на попис на населението мора да биде една од приоритетните задачи на идната влада. Главниот предизвик за новата влада во однос на пописот ќе биде тој да се трансформира од политичко прашање во техничка и статистичка државна операција.

Треба прво да има политички консензус и волја да се реализира пописот, а тоа подразбира да се решат политичките прашања за да му се дозволи на Заводот за статистика стручно и независно да ја реализира акцијата.

За „електронскиот попис“ на Премиерот, сите испитаници сметаат дека тоа е идеја која е сомнителна, недоволно објаснета и без поткрепа во реалноста, како од технички, така и од политички причини. Сериозен проблем претставува техничката неподготвеност на институциите за таканаречен електронски попис, а друг уште поголем проблем, според нашите соговорници, претставува отсуството на политичка волја кај Премиерот за прецизен и кредибилен попис кој ќе ја прикаже реалната состојба.

Експертите и политичарите се речиси согласни дека за релевантен и кредибилен попис е потребна политичка волја, дека без традиционален теренски попис во Македонија само ќе се создава привид на завршена работа, како и дека пописните резултати нема да ја одразуваат реалноста и ќе бидат оспорувани од многу фактори.

Постојат низа предуслови и претпоставки кои треба да бидат исполнети за да може некоја држава да спроведе попис кој е делумно или целосно базиран на регистри. Искуството на нордиските држави покажува дека административните регистри треба да исполнат низа услови за да можат да се користат за статистички цели и дека тоа хармонизирање не може да се направи преку ноќ.

Исто така, државата мора да создаде и соодветна институционална и легална рамка за користење на регистрите. Особено е важна заштитата на податоците, затоа што станува збор за исклучително чувствителна тема која е поврзана со прашањата за приватноста на граѓаните.

Иако идејата за спроведување попис преку комбинација на електронско поврзување на регистрите и теренско попишување е нешто што на прв поглед може да звучи атрактивно, па дури и лесно применливо, особено затоа што веќе се применува во некои држави во светот, сепак, во Македонија, во овој момент, не постојат услови за ваков вид попис.

Во услови на сериозна политичка и системска криза, ниедно решение не може да се прави еднострано, туку за тоа е потребен елементарен консензус и уште повеќе јавна дебата во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни.

Од изјавите на претставниците на ДУИ јасно се гледа дека и во самата власт не постои консензус за пописот и за модалитетите на негово спроведување. Затоа, изјавата на Премиерот дека државата сериозно се подготвува за попис може да се толкува единствено како политички маркетинг, а не како сериозна најава и намера.

Во Македонија не постојат услови за спроведување попис базиран на регистри. Од клучно значење во моментов е да се спроведе релевантен и кредибилен попис според сите меѓународни стандарди, и тоа преку традиционално теренско попишување на населението.

Паралелно со ова можат да течат подготовки за градење и поврзување на регистрите, за потоа, по примерот на Норвешка, да се направи евентуална симулација на попис базиран на регистри за истиот период во кој ќе биде спроведен традиционалниот попис. Резултатите од симулацијата ќе ја покажат точноста и релевантноста на регистрите и нивното поврзување.

Само на ваков начин може да започне и да тече сериозен процес на создавање и подобрување на регистрите во државата, кој на долг рок би довел до тоа Македонија да може да спроведува пописи исклучиво базирани на регистри.

Целосен текст на истражувањето Истражување: Каков попис и избирачки список ѝ се потребни на Македонија?

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top