Делта сојот на коронавирусот станува се подоминантен ширум светот. За прв пат се појави во октомври 2020 година, во Индија и оттогаш, со забрзано темпо се шири низ целиот свет. Според научниците, оваа мутација е за 50% позаразна од сите досегашни варијантни на вирусот. На Делта сојот посебно се подложни младите и сите други невакцинирани лица. Неодамнешното истражување во Велика Британија покажа дека децата и возрасните под 50 години имаат 2,5 пати поголема веројатност да се заразат со варијантата Делта.
Во Република Северна Македонија засега се регистрирани неколку случаи на заразени со Делта сојот на коронавирусот. По направените анкети утврдено е дека ниту еден од пациентите кај кои е изолиран Делта сојот на САРС-КоВ-2 не е вакциниран.
Министерот за здравство, Венко Филипче соопшти дека ги анализираат податоците во земјава, во соседството и во Европа и дека кај нас ситуацијата е стабилна, така што во овој момент не се планираат рестриктивни мерки поради ширењето на новиот сој на коронавирусот. Тој смета дека државите во регионот треба да имаат поорганизиран пристап во однос на ширењето на Делта сојот и најави дека ќе разговара со колегите министри од соседството за да заземат заеднички став.
Во државава започнува вакцинацијата на децата од 12 до 17 години
За да се спречи ширењето на новиот сој и за да се постигне колективен имунитет за кој е потребно да биде имунизирано 80% до 85% од населението, здравствените власти апелираат граѓаните масовно да се вакцинираат, а дозвола за имунизација добија и децата од 12 до 17 години.
„Единствен начин да стигнеме до колективен имунитет е и децата да се вакцинираат“, изјави неодамна министерот за здравство, Венко Филипче.
Вакцината Фајзер,во момоментов, е единствената вакцина која е дозволена за вакцинација на деца од 12 до 17 години.
Доколку се одлучиле за имунизација, родителите можат да ги пријават своите деца на апликацијата vakcinacija.mkи да добијат термин за вакцинација. Според информациите од Министерството за здравство, до почетокот на имунизацијата на 19 јули, за вакцинација се пријавени над 1.700 деца.
Според проф. д-р. Катарина Ставриќ, од Националната комисија за имунизација, треба да се следат препораките на СЗО и приоритет да им се даде на групите со висок ризик.
„Во услови на недоволен опфат на возрасните со две дози и недостиг од вакцини, вакцинацијата на деца на возраст од 12 до 16 години треба да се одложи се’ до постигнување висок опфат на вакцинација со 2 дози, во групите со висок приоритет“, истакнува Ставриќ.
Поделени мислења за вакцинацијата на децата
Педијатарот Марина Поп-Лазарова, раководителка на педијатрија и неонатологија во „Ремедика“, вели дека искуството во изминатите 15 месеци, покажува дека децата поретко заболуваат од Ковид-19 и дека најчесто имаат лесна клиничка слика. Според неа, за вакцината и нејзината ефикасност во заштита од Ковид-19 кај децата, се уште нема релевантни студии, без разлика што таа е веќе препорачана од ФДА и EMA.
„Според мене, како педијатар со долгогодишен стаж од 36 години, сега за сега, не е потребно да се инсистира на вакцинација против Ковид-19 кај младите под 18 години. Кај децата, клиничката слика на оваа инфекција оди со благи респираторни симптоми, лесна е и поминува за неколку денови“, вели докторката Поп-Лазарова.
Децата и адолесцентите имаат тенденција на полесна форма на Ковид-19 во споредба со возрасните, па освен ако не се дел од група со поголем ризик од тежок Ковид-19, помалку е итно да се вакцинираат отколку постарите луѓе, оние со хронични здравствени состојби и здравствените работници.
Светската здравствена организација (СЗО) препорачува земјите да размислуваат за употреба на вакцината против Ковид-19 кај младите, само тогаш кога ќе постигнат висок опфат на целосна вакцинација на групите граѓани со висок приоритет за имунизација.
Докторката Ставриќ вели дека на децата од 12 до 16 години кои имаат коморбидитети и кои имаат поголем ризик за сериозно заболување од Ковид-19, заедно со други високоризични групи граѓани, треба да им се понуди вакцинација.
Во мај годинава, Американската агенција за лекови (ФДА) даде препорака, во САД да започне итна имунизација на децата над 12 годишна возраст, со вакцината Фајзер[1]. Веднаш потоа и Европската медицинска агенција (ЕМА) ја одобри истата вакцина за младите над 12 години[2].
Во јуни годинава, пак, Кина ги одобри за итна употреба вакцините Синовак и Синофарм за деца и млади на возраст од 3 до 17 години, и стана прва земја во светот која дозволи вакцинација против Ковид-19 за мали деца.
Што се однесува до Европа, досега дванаесет земји одобрија вакцинација на малолетници (Австрија, Белгија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Малта, Холандија, Португалија, Романија и Шведска), a секоја земја има свои препораки за возраста, за ризичните групи и за редоследот на вакцинација. Дел од земјите дозволија вакцинација на млади од 16 до 18 годишна возраст, а во некои држави имунизацијата ги опфаќа и децата од 12 години. Четири европски земји се се уште нерешителни, додека останатите, во моментов, се против вакцинирањето на децата.
Над 7.000 деца и млади во светот починале од Ковид-19
Според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во земјава регистрирани се 5.477 смртни случаи (3.5%) од Ковид-19, од кои најголемиот број 4.513 (82.4%) се постари од 60 години. Кај 73.6% од починатите регистрирани се коморбидитети. Во светските статистики за Ковид-19, смртните случаи на деца се екстремно ретки и главно се работи за адолесценти со коморбидитети.
Анализите на ИЈЗ покажуваат дека во државава од Ковид-19, заболеле 2.976 деца до 9 години, што е 1.9% од вкупниот број заболени, а бројот на заболени на возраст од 9 до 19 години изнесува 6.860 или 4.4% од вкупниот број заболени.
Во светски рамки нема точна бројка за децата заболени или хоспитализирани од Ковид-19. Според некои студии и истражувања, бројката на заболени деца се движи од 1.7% до 2% од сите дијагностицирани случаи.
„Според податоците на UNICEF[3], нешто повеќе од 7.100 деца и адолесценти починале од Ковид-19 во светот, што е 0.3% од вкупниот број починати кој изнесува 2.4 милиони во 78 земји. Во Северна Македонија до сега нема регистрирано смртни случаи на деца под 18 години.“, вели докторката Поп-Лазарова.
Младите и адолесцентите се изложени на мал ризик од тешка болест, хоспитализација и смрт како директен резултат на инфекцијата. Сериозен Ковид-19 може да се појави кај млади со други заболувања, на пример, дијабетес, гастроинтестинални, невролошки, имунолошки, малигни, срцеви или белодробни заболувања. Ризикот за сериозно заболување се зголемува со зголемување на возраста на детето.
„Мал број деца може да се разболат и да имаат долготрајни симптоми кои влијаат на нивното здравје, пост-Ковид-19 акутни последици на САРС-КоВ-2 или „долг Ковид“ кој се презентира со замор, диспнеа, градна болка, когнитивни пореметувања, пореметување на спиењето, срцебиење и други симптоми што траат неколку месеци после прележан Ковид-19. Кај многу мал дел од децата како компликација после прележан Ковид-19 може да се појави мултисистемски воспалителен синдром кој се забележува кај претходно здрави деца и адолесценти“, објаснува докторката Ставриќ.
Почетокот на новата школска година носи ризици за децата
Подготовките за следната школска година, повторно го интензивираат прашањето за безбедноста на децата и образовниот кадар од коронавирусот и опасностите од третиот бран на пандемијата.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, неодамна соопшти дека постојат три сценарија за новата учебна година. Целосно отворени училишта е првото и најпосакувано сценарио. Второто сценарио е наставата од прво до четврто одделение да се одвива со физичко присуство во училиштата, додека останатите одделенијанаставатада ја следат „онлајн“.Третата опција, пак, е ротација на учениците по групи – една недела во училиште, една недела „онлајн“.
Со отварање на школите важно е наставниот кадар да биде вакциниран и да се запазуваат протоколите, со што ќе се спречи ширење на вирусот. Според докторката Ставриќ, постои претпоставка дека пренесувањето на вирусот САРС-КоВ-2 е поверојатно од постарите отколку од децата и адолесцентите. Помалите деца (од претшколска возраст и основно ушилиште) се чини го пренесуваат вирусот поретко отколку адолесценти и возрасни, но тоа може да се должи на поретко тестирање за САРС-КоВ-2 вирусот кај помалите деца.
„Она што е потребно е да се обрне внимание на превентивните хигиено-епидемиолошки мерки кои темелно би се спроведувале во институциите каде колективно престојуваат децата (градинки, училишта и сл.). Исто така, потребно е да се обезбедат услови за подобрување на личниот, но и колективниот имунитет на децата - здрава исхрана, прочистувачи на воздух, хигиенски средства, физичка активност, спорт, здрав живот, итн. Со тоа ќе се намали вкупниот морбидитет кај децата вклучително и вирусните инфекции, како Ковид- 19“, советува педијатарот од „Ремедика“ Марина Поп-Лазарова.
Комисијата за заразни болести, во согласност со епидемиолошката слика во текот на летото и во почетокот на септември, ќе донесе одлука според кое од трите можни сценарија ќе се одвива наставата.
Во меѓувреме останува да видиме како ќе се одвива процесот на имунизација на населението, вклучително и на децата од 12 до 17 години.
Авторка: Маја Јовановска
[1]Достапно на: https://www.fda.gov/news-events/press-announcements/coronavirus-covid-19-update-fda-authorizes-pfizer-biontech-covid-19-vaccine-emergency-use [2] Достапно на: https://www.ema.europa.eu/en/news/first-covid-19-vaccine-approved-children-aged-12-15-eu [3]Достапно на: https://data.unicef.org/covid-19-and-children/?utm_source=UNICEF%20Data&utm_medium=homepage&utm_campaign=COVID19-hub-unicef-data-hero-image.