Во рамките на проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата: Коалиција за нулта толеранција“, Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентарот организираа две работилници за новинарите и граѓанските организации за нивно подобро информирање, остварување ефективна соработка, како и за актуелни прашања поврзани со борбата против корупцијата во земјава.
Еднодневната работилница „Две години (не)применување на Законот за свирачките“, се одржа на 18 јуни. Предавачи беа државниот советник Владимир Георгиев, од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и укажувачот Ѓорѓи Лазаревски. На работилницата се дискутираше за прашања поврзани со примената за Законот: Дали и како функционира Законот во пракса; Дали и како функционираат внатрешните механизми во ДКСК, Министерството за внатрешни работи (МВР), Јавното обвинителство, Народниот правобранител; Дали државните институции и приватните компании го применуваат Законот; Кои се клучните проблеми / слабости во спроведување на Законот; Какви промени се потребни за Законот да биде ефикасен?
На 19 јуни, се одржа работилницата „Граѓански активисти и новинари: Ајде, заедно да ја разобличиме корупцијата!“. На средбата, претставници од граѓански организации, под водство на новинарите Васко Маглешов и Кристина Озимец, имаа можност да разменат вештини, информации и искуства. Работилницата се одржа со цел да овозможи подобра комуникација и соработка меѓу граѓанските организации и новинарите во борбата против корупцијата.
Проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата: Коалиција за нулта толеранција“ се реализира со поддршка од Европската Унија.
One Response to Граѓанските организации и медиумите заедно против корупцијата