ФОРУМ ЗА ГРАЃАНСКИ ДИЈАЛОГ – ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ 2021
Во пресрет на Локалните избори 2021, шест партнерски граѓански организации (НВО Инфоцентар, Младински културен центар-Битола, Центар на заедницата на општина Струга, Гласен Текстилец, Мултикултура и Идеа ЈИЕ), во соработка со уште три граѓански организации – Спектар, Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе и Центар за развој на медиуми, го формираа Форумот за граѓански дијалог.
Основната цел на овој форум беше да се поттикне директното учеството на граѓаните во јавната дискусија, во идентификувањето на локалните проблеми и потреби, како и во утврдувањето на главните приоритети во нивните локални заедници. Форумот реализираше серија активности кои опфатија девет општини: Центар, Битола, Штип, Тетово, Струга, Кавадарци, Крива Паланка, Свети Николе и Демир Хисар.
Преку 18 консултативни средби со граѓаните, 9 јавни дебати и средби со кандидатите за градоначалници и кандидатите за советници, 9 средби со избраните градоначалници и советници во локалните самоуправи, како и онлајн анкети, Форум ги опфати мислењата и ставовите на преку 500 граѓани кои идентификуваа вкупно 250 приоритети во повеќе области.
Главните приоритети кои граѓаните очекуваат да ги решат новите локални власти се:
- Изградба на катни и подземни гаражи и воспоставување сообраќаен ред.
- Конзервирање или санација на депониите.
- Ефикасно управување со отпадот.
- Изградба на пречистителни станици и колекторски системи.
- Воспоставување комунален ред со комунални редари и комунална полиција.
- Носење нови генерални и детални урбанистички планови.
- Уредување на јавните површини со зеленило и паркови.
- Изградба на пешачки и велосипедски патеки.
- Изградба на улици во градските подрачја и локални патишта во руралните средини.
- Санација и изградба на водоводна и канализациска мрежа.
- Заштита на реките од загадување и уредување на речните корита.
- Привлекување инвестиции и на локалниот економски развој.
- Поттикнување на претприемништвото и форимирање на социјални претпријатија.
- Стимулации за младите и ефикасни младински политики (поддршка на младите претприемачи, стипендии за талентирани млади).
- Поефикасни, потранспарентни и отчетни општински служби и власти.
- Редовни преноси (преку онлајн streaming технологија) на седниците на советите на општините.
- Поголемо партиципативно учество на граѓаните во креирањето и спроведувањето политиките на локално ниво.
- Поголема финансиска поддршка на социјално ранливите семејства и граѓаните.
- Ревитализација на месните и урбаните заедници.
- Изградба на домови за стари лица.
- Уредување на спортски игралишта и објекти.
- Решавање на проблемот со уличните кучиња.
Прочитајте го целосниот извештај од работата на Форумот, како и специфичните приоритети по општини.
Форумот за граѓански дијалог се спроведе во рамки на проектот „Граѓанска алијанса за прогресивни промени на локално ниво“, поддржан од Меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска, во периодот август – декември 2021 година.