Граѓанските организации за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ на денешната прес-конференција упатија со апел до Владата и до јавноста за преземање конкретни мерки во превенцијата и лекувањето на ХИВ.
„Како претставници на платформата од 16 здруженија коишто секојдневно работат на терен со ранливи групи граѓани и коишто редовно ги следат истражувањата и научните податоци поврзани со превенцијата и лекувањето на ХИВ, потсетуваме на следните факти:
- За да се заштитиме од ХИВ најважно е да користиме заштита, односно кондом при секој сексуален однос, без разлика на полот, сексуалната ориентација, брачниот статус, надворешниот изглед на партнерот/партнерката.
- Крвниот начин на пренос на ХИВ се спречува со употреба на стерилна опрема при инјектирање на дрога, односно со употреба на стерилни инструменти при медицински и останати интервенции
- ХИВ не претставува директно пренослива инфекција, невозможно е да се пренесе преку вообичаените социјални контакти и затоа не смее да се третира како карантинска болест и да се нарекува „зараза“
- ХИВ претставува хронична инфекција со којашто, доколку се открие навремено, како и со соодветна здравствена грижа и терапија, луѓето живеат долг и квалитетен живот, со животен век кој е речиси еднаков на оној кај општата популација
- Докажаните начини да се контролира ХИВ-инфекцијата се зголемувањето опфатот на доброволното тестирање за ХИВ кај населението и обезбедувањето навремена терапија за оние што живеат со вирусот
- Обединетите нации децидно нагласуваат дека нема успешна контрола на ХИВ инфекцијата без почитувањето и промоцијата на човековите права на најранливите групи граѓани.“ стои во соопштението на организациите.
Организациите апелираа и до медиумите дека сензационалистичкото известување за местото на живеење, возраста, образовната средина, сексуалното однесување и сл. не само што можат да доведат до индиректно разоткривање на нечиј идентитет, туку и сериозно ги обесхрабруваат луѓето да се тестираат за ХИВ; а оние што веќе се тестирале и се ХИВ-позитивни, ги одвраќаат од тоа да побараат здравствена грижа и да пристапат кон лекување.
Од стручната јавност побараа при известувањето да користи информации кои нудат сеопфатно информирање на јавноста за начините на пренос и превенција од ХИВ, и нема да ја доведат јавноста во паника и да поттикнат стигма кон дел од граѓаните во земјата.
Организациите ја потсетија Владата на Република Македонија дека по заминувањето на Глобалниот фонд во 2016 година, кога Македонија ќе престане да прима донациски средства за програмите за ХИВ, државата ќе треба да изнајде начин како овие клучни јавно здравствени програми да продолжат успешно да функционираат во соработка на граѓанскиот сектор и Министерството за здравство.
Платформата ја сочинуваат 16 граѓански организации коишто директно се вклучени во спроведувањето на теренските активности за превенција, грижа и поддршка за ХИВ помеѓу ранливите групи граѓани.