Десетина граѓански организации и експерти, денеска го презентираа „Предлогот за итни демократски реформи“, документ кој на концизен начин дава насока за клучните демократски промени што треба да се спроведат во земјата. Додека четирите партии-потписнички на Договорот од Пржино изминатиов период го поминаа во меѓусебни надмудрувања, опструкции и јалови преговори, овие граѓански организации во последните три месеци напорно работеа и координирано го подготвуваа реформскиот пакет, со цел да ги вратат демократските стандарди и вредности во Македонија, враќајќи ја така и довербата на граѓаните кон институциите.
Вклученост, мониторинг и евалуација
Ова не го сметаат како формално барање за „петто столче“ во политичките преговори, но се надеваат дека предлогот ќе обезбеди суштинска вклученост на граѓанското општество во проценката на состојбите во институциите, како и во мониторингот и евалуацијата на спроведувањето на предложените реформи.
„Главната цел на документот е да предложи мерки за спроведување итни реформи кои ќе создадат услови за слободни, фер и кредибилни избори. Со оглед на степенот на заробеност на државата од страна на владејачките партии, сметаме дека најцелисходно е предложените мерки да ги спроведе експертска влада која прво ќе спроведува реформи, а потоа ќе организира избори. Документот ги покрива итните демократски реформи во клучни области кои беа препознаени и во Извештајот на Прибе, а во документот детално се разработуваат неколку области: јавни финансии и економија, судство, борба против корупцијата, избори, медиуми, јавна администрација, контрола врз полицијата и тајните служби, Собрание и граѓанско општество“, објаснуваат иницијаторите на реформскиот предлог-пакет.
Според нив, вклученост треба да постои на сите нивоа на власта, вклучувајќи ги и независните, надзорните и регулаторните тела.
„Овие заложби се комплементарни со заложбите на ‘Шарената револуција’ за граѓанско учество во преговорите за излез од политичката криза“, потенцираат предлагачите.
Инцијативата е покрената од експерти и неколку организации: Граѓанската асоцијација МОСТ, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Институтот за европска политика, Институтот за комуникациски студии, Македонскиот центар за европско образование, Фондацијата отворено општество – Македонија, Хелсиншки комитет, Центарот за економски анализи и ЦИВИЛ – Центар за слобода.