По веста дека Владата донела одлука да ја продаде зградата на Офицерскиот дом, инаку дел од културното наследство на Битола, граѓаните организирано се спротивставија на оваа одлука. Иницијативата „Стоп за продажбата на историјата и националното богатство“ ја покрена Тоше Ивановски како граѓански активист, а зад него застана Здружението за култура и уметност „Machina“.
Во меѓувреме, иницијатива и петицијата за стопирање на продажбата на Офицерскиот дом ја поддржаа илјадници граѓани низ државата. Нивната решителност и гласност резултираше со најава дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го повлече предлогот за продажба на овој објект во Битола. Сепак, ова се уште не е одлука на Владата и останува да видиме дали продажбата ќе биде стопирана.
Планот на властите е Офицерскиот дом да се продаде преку електронско наддавање. Вкупната проценета вредност според веќе објавениот оглас изнесува 900.000 евра. Јавното наддавање е планирано за 19 февруари 2016 година, во 12 часот.
Инаку, зградата на Офицерскиот дом почнала да се гради во 1911 година и според експертите, претставува редок пример на архитектура, со голема и одмерена архитектонска естетика, а носи и печат на оригиналност и неповторливост.