НВО Инфоцентарот, во периодот од 9 до 21 март, 2009 година, го спроведе вториот дел од мониторингот на медиуми - „Медиумско огледало“, посветен на претседателските и локалните избори 2009. Во набљудувањето се опфатени шест дневни весници и шест ТВ-куќи на национално ниво: „Вечер“, „Време“,„Дневник“, „Утрински весник“, „Коха“, „Нова Македонија“, ТВ „А1“, ТВ „Канал 5“,„МТВ 1“, ТВ „АлСат – M“, ТВ „Сител“ и ТВ „Телма“.
Првичната анализа покажа дека главен акцент во информирањето на медиумите, во вториот дел од изборната кампања, беше ставен врз изјавите и поведението на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓи Иванов. Голем број новинари и коментатори констатираа дека Иванов самиот си наштети и дека очевидно се труди колку што е можно повеќе да ги избегнува соочувањата како со своите конкуренти- противкандидати, така и со новинарите и медиумската јавност воопшто. Неговото обраќање пред фармерите оштетени во аферата „Сведмилк“ медиумите го опишаа како „фрлање клетва“ и го оценија како скандалозна реторика непримерена за еден претседателски кандидат. Уште поголема критика, Иванов заработи со изјавата дека тој ги поттикнал и им сугерирал на своите студенти да ја потпишат кандидатурата на претседателскиот кандидат на ЛДП, Нано Ружин.
Медиумите продолжија да ја критикуваат Владата, за директното влијание врз изборната кампања во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Поголемиот дел од медиумите, активностите на Владата ги оценија како изборен маркетинг бидејќи токму „во екот на предизборната кампања премиерот Груевски пушта во употреба или најавува изградба на разни објекти“. Дел од медиумите ја обвинија Владата дека го впрегна државниот апарат да ја одработи изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ и констатираа дека на ваков начин Владата троши државни пари за партиски цели и притоа целосно го запоставува општиот граѓански интерес.
Дел од медиумите на албански јазик, пак, ја критикуваа Владата дека парите на даночните обврзници – Албанци ги троши во функција на личен рејтинг на Премиерот и констатираа дека „граѓаните со право прашуваат чии пари троши оваа Влада за партиски цели“. Едновремено, и владината политика на интензивно поставување споменици доби меѓуетнички димензии односно дел до медиумите на албански јазик, забележувајќи го трендот на „скулптуроманијата“ што го поттикна власта, го отворија прашањето зошто „во бастионот на скулптуроманијата нема место и за споменик на косовскиот командант на ОВК, Адем Јашари“.
Медиумите кои директно ја поддржуваат Владата, применуваа двојни стандарди во информирањето. Од една страна, тие истакнуваа дека Владата и во ситуација на светска криза обезбедува странски инвестиции (на пример, влезот на приватната турската компанија „Шишеџам“), но од друга страна, ја амнестираа Владата од каква било одговорност за пропаѓањето на определени странски инвестиции, како на пример, „Сведмилк“, потсетувајќи ги фармерите дека „имаат приватен долг од приватна фирма“.
Медиумско огледало – Избори 2009, извештај бр. 2 (588KB)