Дончо Герсимовски е искусен долгогодишен специјалист во областа на статистиката, како и поранешен директор на Државниот завод за статистика. Со Герасимовски разговаравме за претстојниот попис, предизвиците со кои е соочена оваа статистичка операција во земјава и секако, за значењето на пописот за една држава.
„Познато е дека во земјава има потреба од спроведување попис на населението, домаќинствата и становите, и тоа што побрзо. Ако се прашаме зошто, и тоа е јасно, бидејќи нашата земја е единствена во светот која нема спроведено попис 19 години. Податоците се кои располагаме се невалидни, делумно неквалитетни и не можат да ги задоволат натамошните планирања.“
„Добиените податоци ќе овозможат релевантни и квалитетни стратегии и активности за развој на регионите, општините и населените места.“
Дали пописот може да се спроведе безбедно и сигурно? На што треба особено да внимаваат граѓаните и попишувачите од аспект на безбедноста?
Познато е дека во земјава има потреба од спроведување попис на населението, домаќинствата и становите, и тоа што побрзо. Ако се прашаме зошто, и тоа е јасно, бидејќи нашата земја е единствена во светот која нема спроведено попис 19 години. Податоците се кои располагаме се невалидни, делумно неквалитетни и не можат да ги задоволат натамошните планирања.
Веќе една година знаеме дека светот е зафатен со пандемијата – Ковид 19 и во овој период, голем дел од населението беше и е заболен, а и починати се голем број луѓе. Имајќи ги предвид активностите и мерките кои ги преземаат надлежните институции во земјава, вклучително и ангажирањето на највисокиот политички врв, сметам дека пописот може да се спроведе безбедно и сигурно во дадената ситуација.
Но, сето тоа зависи и од учесниците во пописот – државните инструктори, реонските пописни комисии, реонските инструктори и попишувачи, како и самото население. Доколку добро ги прочитаме и се запознаеме со протоколите кои ги има изработено Комисијата за заразни болести за сите учесници во пописот и доколку населението е добро информирано за нив, пописот може да се спроведе безбедно.
Околу безбедноста на населението во пописот треба да го имаме предвид и дописот од Светската здравствена организација доставен до сите земји, кој дава основни насоки околу спроведување на попис. Во секоја земја, комисијата за заразни болести е надлежна да даде предлог-мислење за тоа дали постојат услови да се спроведе попис, а во меѓувреме активностите за спроведување попис се одвиваат во согласност со законите.
Што треба да преземе Државниот завод за статистика, за граѓаните да имаат доверба во процесот и активно да учествуваат во попишувањето?
Во овој период пред почетокот на пописот, Државниот завод за статистика треба да посвети големо внимание на информирањето за сите преземени мерки и активности, за граѓаните да се чувствуваат безбедни и да стекнат доверба во процесот на попишување и секако, активно да учествуваат.
Ова е потребно бидејќи кај населението постои одредена резерва околу безбедноста, а тука се и повиците на бојкот што доаѓаат од определени опозициски партии. Населението треба постојано да се информира за сите активности поврзани со подготовката и спроведувањето на пописот. Јавноста, транспарентноста, двонасочната комуникација и навременото информирање на населението се исклучително важни за успешното спроведување на пописот.
Квалитетот, веродостојноста, објективноста и релевантноста на добиените податоци од пописот се добиваат преку активното учество на граѓаните кои треба да се посветени на оваа најмасовна, најобемна, најсложена и најскапа статистичка операција. Исто така, граѓаните треба да знаат дека податоците кои што ќе им ги дадат на попишувачите се безбедни, сигурни, заштитени со закон.
Како го оценувате пописниот метод кој ќе си применува и зошто е важен пописот?
Нашата земја со овој попис направи голем исчекор во однос на методот, начинот на спроведување. Познато е дека постојат повеќе начини на спроведување на пописот, а еден од нив е таканаречениот комбиниран метод. Овој попис ќе се спроведе на современ начин, без образци на хартија, туку со лаптоп кој ќе биде поврзан со база на податоци за секој граѓанин и со тоа, ќе се овозможи брзо попишување и брза обработка на важните податоци. Добиените податоци, пак, ќе овозможат релевантни и квалитетни стратегии и активности за развој на регионите, општините и населените места. Богатството на податоците од пописот со нивната свежина и обемност ќе придонесе да се знае каква е територијалната распространетост на населението – број, старост, пол, образование, занимање, миграциски движења, посебни потреби, етничка состојба, мајчин јазик, религиозност, број на домаќинствата и нивен состав, број на станови, година на изградба, вид на материјал, катност, инфраструктура и многу други податоци.
Кои чекори треба да ги преземат надлежните институции за следниот попис да се одвива целосно електронски?
Следниот попис, како и во најголемиот број современи држави, треба да се спроведе електронски, со помош на регистар. За таа намена или таков вид спроведување попис, потребно е веднаш да се започне со сериозни подготовки за создавање релевантни и сеопфатни бази на податоци во надлежните институции. Денешната информатичка технологија тоа го овозможува, меѓутоа целиот процес на создавање регистар или регистри на граѓаните зависи од заинтересираноста и подготвеноста на властите и на надлежните институции да му се посветат на овој процес.
Секојдневно во државава се среќаваме се долготрајни и бавни процедури и услуги, само затоа што базите на податоци не се ажурирани и синхронизирани. Немаме регистри кои лесно можат да се поврзат меѓусебно и да овозможат брзи и квалитетни услуги.
Оттаму, многу е важно да се создадат квалитетни, сеопфатни и безбедни електронски бази на податоци/ регистри, кои меѓу другото ќе ги направат идните пописи многу поевтини, и многу поедноставни и побрзи.
Врз основа на што може да се процени успешноста или неуспешноста на самопопишувањето на иселениците?
Во досегашниот период на самопопишување на иселениците констатирано е дека имаме мал број попишани државјани. Ова може да се констатира врз основа на одредени податоци кои ги објавија Светска банка и Евростат. Се поставува прашањето зошто нема доволна заинтересираност за самопопишување. Во таа насока сметам дека успешноста на секоја, а посебно на ваква активност зависи од јавноста, транспарентноста, и информираноста на граѓаните, во случајов на дијаспората.
Знаеме дека во голем број земји имаме дипломатско-конзуларни претставништва, македонски друштва, наши стопански претставништва, вработени во меѓународни институции и сите тие треба навремено да се информираат и навремено да започнат со кампања.
Следејќи ја состојбата, извесно е дека дијаспората особено во прекуокеанските земји нема да се самопопише во целост. Од друга страна пак, ние не ја знаеме состојбата со иселувањето бидејќи таа не се следи и немаме никакви податоци за тоа, каде сме и колку сме. Ова е навистина жалосно за една земја. Затоа сметам дека треба да се преземе нешто повеќе во поглед на континуираното следењето на иселувањето од државава.
Статистиката е исклучително важна за едно општество. Како може таа да им се доближи на младите и на граѓаните воопшто?
Статистиката односно податоците кои ги презентира статистиката се многу значајни, не само за државата, туку и за самите граѓани, а посебно за младата популација. Во таа насока, секако е потребно да се размислува околу самото вклучување на младите луѓе во сите процеси на статистиката, како и во активностите на Државниот завод за статистика. Потребна е континуирана едукација и посуштинско вклучување на статистиката во образовниот процес.
Прилогот е подготвен со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ). Содржината е одговорност на НВО Инфоцентарот и таа не ги одразува секогаш ставовите на ФООМ.