Медиумско огледало, јануари – февруари 2013
НВО Инфоцентарот, со финансиска поддршка на Фондацијата отворено општество Македонија (ФООМ), во рамките на програмата „Медиумско огледало“, спроведе мониторинг на информирањето на медиумите за теми и настани поврзани со слободата на медиумите и слободата на изразување.
Овој извештај се однесува на периодот 1 јануари – 6 февруари 2013 година и вклучува: седум дневни весници („Утрински весник“; „Дневник“; „Вест“; „Вечер“; „Нова Македонија“, „Фокус“ и „Ден “), централните информативни емисии на седум телевизии со национална и сателитска концесија („24 Вести“; „Канал 5“; „Сител“; „Телма“; „МРТ1“; „Алфа“ и „АлсатМ“) и шест информативни интернет портали („Плусинфо“, „Либертас“, „А1.он“, „Скај.мк“, „МКД.мк“, Курир“).
Мониторингот го анализираше информирањето на медиумите за следниве настани: сопственичките, кадровските и програмските промени во телевизија „Алфа“; тужбата на директорот на УБК, Сашо Мијалков за „Фокус“; извештајот на „Репортери без граници“; јавното извинување на уредничката на „Утрински весник, Соња Крамарска до првиот парламентарец; акцијата на јавни извинувања до власта од страна на новинарите и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници; анкетата на „Вест“: „Која водителка без гаќи пред Груевски?“; листата на наводни новинари-хомосексулаци во „Вечер; згаснувањето на „Ден“.
Настаните во текот на јануари и почетокот на февруари 2013 година, поврзани со медиумската сцена во Република Македонија, како и анализата на содржините објавени во медиумите за овие случувања, недвосмислено покажуваат натамошно влошување на состојбата со слободата на медиумите и слободата на изразување во државата. Видот, обемот и зачестеноста на случувањата во овој кус период, укажуваат на тоа дека: медиумите и новинарите кои имаат критички однос спрема власта се наоѓаат под постојан притисок, цензурата се засилува, а самоцензурата станува секојдневна практика.
Провладините медиуми, кои доминираат особено кај телевизиите и дневните весници, но ги има и кај порталите, се однесуваат како продолжена рака на власта и водат постојана паралелна хајка против своите колеги од критичките медиуми. Тие објавуваат дискриминирачки листи на наводни „новинари-хомосексулаци“, пласираат текстови во кои новинарите ги третираат како платеници, обвинуваат дека работат за СДСМ и одат дотаму што за лошата состојба со слободата на медиумите, детектирана и од меѓународната организација „Репортери без граници“, ја обинуваат исклучиво „Соросовата фондација и новинарите што таа ги финансира“.