Наставно-научниот и уметнички совет (ННУС) на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје ги поддржува заложбите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за институционално справување со состојбите настанати како резултат на случувањата за време на изборите за претседател на Студентскиот парламент (СПУКМ) на 30 јуни 2016 година.
Со намера да придонесе во насока на што поскоро разрешување на настанатата ситуација, ННУС на ФДУ Скопје бара задолжително да бидат земени предвид следниве заклучоци:
1. Најостро го осудуваме скандалозниот начин на кој беа организирани и спроведени изборите за претседател на СПУКМ, спротивно на сите процедури, норми и критериуми за одржување фер и демократски избори. Оттаму, ННУС на ФДУ Скопје не ги прифаќа резултатите од вака спроведените избори;
2. Учеството на претставниците на постојниот Студентски парламент во натамошната работа и одлучување во телата и органите на УКИМ за нас е недозволиво. Затоа, од раководните лица и органи на УКИМ бараме:
- Суспендирање на учеството и одлучувањето на претставниците на СПУКМ во соодветните тела и органи на УКИМ, сè додека не се извршат статутарни измени што ќе овозможат одржување регуларни избори за студентски претставници;
- Да се стопира финансирањето на СПУКМ до разрешувањето на настанатата ситуација.
3. Бараме да се лоцира одговорноста за присуството на надворешни лица на територијата на УКИМ кои употребија насилство врз студентите на УКИМ. Инстистираме на правна одговорност на оние кои наредија вмешување на Специјалните полициски единици на МВР на РМ и употреба на прекумерна сила врз студентите на УКИМ.