Граѓанската организација Норгес Вел заедно со волонтери од Црвениот крст и млади спортисти од Крива Паланка, на 18 декември 2020 ја реализираше еколошката акција: ,,Пластика не – патека да“, на пешачко–рекреативната патека Стара Вада во Крива Паланка.
„Имајќи ги предвид вложените напори да се разубави нашиот град и да имаме места каде ќе можеме да уживаме во преубавата природа, направени се повеќе патеки за рекреација во градот. Тие патеки се за сите, но не и за неодговорните лица кои шетајќи по патеките ја загадуваат околината и го оставаат својот смет зад себе, без да помислат на штетата која и ја нанесуваат на природата. Од тие причини, преку креативен пристап ја организиравме оваа акција за подигање на свеста за зачувување на природата и на она што е направено за доброто на сите нас“ изјави Даниела Анастасовска од Норгес Вел.
Акцијата се реализираше во соработка со НВО Инфоцентарот, Општина Крива Паланка, Црвен Крст и карате клубот Шампион, во рамки на проектот ,,Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржан од меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.