Европската федерација на новинари (EFJ), која претставува над 300.000 новинари од цела Европа, меѓу кои и членовите на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Синдикатот на македонските новинари и медиумски работници (ССНМ), испрати писмо до еврокомесарот Јоханес Хан во кое изразува сериозна загриженост за состојбата со слободата на медиумите во Македонија. Според EFJ Македонија се наоѓа во длабока политичка криза откако опозицијата го бојкотираше Парламентот и откако го објави скандалот со прислушувањето, бо кој повеќе од 100 новинари биле нелегално прислушувани од државната тајна служба.
Од Европската федерација на новинари потсетуваат дека во јуни минатата година беше потпиашан договор за надминување на политичката криза според кој треба да се организираат слободни предвремени парламентарни избори и да се преземат итни реформски мерки за што сите страни се согласија. Еден од итните приоритети од договорот е реформата на медиумите и слободата на изразување во Македонија. со цел да има слободни и кредибилни избори, како апсолутен предуслов за демократски избор.
- Заедно со нашите локални членки, сериозно сме загрижени дека ЕУ не е целосно конзистентна во своите изјави за реформите на медиумите. Од оваа недела, ЕУ престана да инсистира дека е потребно да се случат реформи за медиумите пред изборите кои се презакажани на 5-ти јуни. Ние сме убедени дека ако не го искористиме овој момент за спроведување на медиумските реформи, кога сите потписници се на преговарачка маса, ќе пропуштиме одлична можност да имаме сериозни промени кои сите ние ги чекаме толку долго, а се од клучно значење за Македонија и регионот. Тешко е да се има фер избори кога главните медиумите се под директно влијание на Владата, се вели во писмото.
Од Европската федерација на новинари го повикуваат еврокомесарот Хан да изврши притисок врз Владата за, како што велат, реформите во медиумите во Македонија да се случат пред изборите, како што е наведено во Договорот на Пржино, бидејќи тоа е единствениот начин да се ослободат медиумите од политичкото влијание на Владата како предуслов за професионално известување за претстојните избори.