НВО Инфоцентарот, во соработка со општина Крива Паланка, на 15 декември 2020 година, организираше онлајн дебата „Како до ефикасни и независни инспекциски служби на локално ниво“, на која учествуваа претставници од 6-те општини од Североисточниот регион: Куманово, Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Старо Нагоричане и Липково. Учество во дебатата зедоа градоначалници, секретари, раководители, инспектори, граѓански организации и медиуми, како и Методија Димовски од Државниот инспекцискиот совет и Горан Трајчевски, раководител на Секторот Инспекторат на Град Скопје.
Дебатата отвори многу прашања поврзани со функционирањето на општинските инспекциски служби и предизвиците со кои се соочени во извршувањето на надлежностите од инспекцискиот надзор. Како што беше истакнато, од вкупно 256 издадени лиценци на локални инспектори, во Североисточниот регион има само 18 лиценци, и тоа 13 во Куманово, 2 во Крива Паланка и по една лиценца во Кратово, Старо Нагоричане и Липково
Претставникот на Инспекцискиот совет посочи и на нерамномерната регионална распространетост на локалните инспектори според секторите што ги покриваат, односно од вкупно 45 сектори на централно ниво, во општините функционираат инспекциски надзори во само 7 области. Најзастапени се инспекторите за комунална и градежна дејност, како и за животна средина.
Учесниците истакнаа дека клучен проблем за сите општини претставува недостигот од инспекциски кадар. Локалните инспектори обично покриваат повеќе дејности, не се чувствуваат заштитени, наидуваат на проблеми при вршењето на работата, како и при ефектуирањетто на изречените казнени мерки. На пример, во Куманово од вкупно 63 поднесени прекршоци, нереализирани се дури 50 пријави.
Неусогласената законска регулатива е уште еден крупен проблем кој влијае врз ефикасноста на локалните инспекциски служби. Многу законски решенија се во колизија, се испреплетуваат надлежностите, и сето тоа предизвикува одолговлекување на постапките и негативни реакции на граѓаните. Учесниците позитивно го оценија новиот закон за инспекциски надзор и сметаат дека тој обезбедува оределено ниво на професионалност и независност на инспекциската администрација, но нагласија дека за да се обезбедат ефикасни решенија потребни се крупни реформи во законодавството. Тие се незадоволни од бавните постапки за измени и дополнувањата на законската регулатива.
Учесниците во дебатата, а особено локалните инспектори, се едногласни дека инспекциските служби треба да бидат независни и самостојни органи и дека не треба бидат под ингеренции на општините. Ова е особено важно за малите општини како што се општините во Североистокот (со исклучок на Куманово), во кои инспекторите се често подложени на притисоци, судир на интереси и др.
Генерален заклучок од дебатата е дека за унапредување на инспекциските служби неопходна е регионализација преку функционални меѓуопштински договори, а не преку општи меморандуми. Според панелистите, регионален инспекторат на ниво на Североисточниот регион, со детални договори и поделба на надлежностите, е единствено решение за ефикасни и независни инспекциски служби. Примерот со здружувањето на скопските општини и Град Скопје, и функционирањето како единствен инспекторат беше посочен како модел кој може да обезбеди услови и ресурси за навремено постапување и извршување на надлежностите од оваа област.
Локалните инспекторати беа поканети од страна на Инспекцискиот совет да доставуваат информации и препораки во насока на подобрување на законската регулатива за инспекциски надзор.
Оваа дебата е дел од активностите во проектите на НВО Инфоцентарот „Граѓански мониторинг на локалните инспекциски служби“ и „Актвини граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“.