Во светло на актуелните случувања на македонската медиумска сцена, а по повод објавувањето на резултатите од мониторингот на медиуми посветен на информирањето за случаите А1 и МПМ, спроведен од НВО Инфоцентарот и Центарот за нови медиуми, на 3 февруари во ГЕМ клубот, се одржа дебатата „Медиумската војна ја намалува довербата кај публиката“.
Според комуникологот и автор на анализата,Сеад Џигал, генерална оцена е дека почитувањето на вистината и точното информирање на јавноста, како првенствени професионални начела на информативните медиуми, беа сериозно прегазени.
Роберто Беличанец истакна дека последниве случувања на македонската медиумска сцена се врв на актуелниот политички и медиумски систем. Во моментов, медиумите не информираат туку мобилизираат, а тоа го прават под превезот на т.н. правна држава. Распаѓањето на уредувачката политика, според Беличанец, исто така има своја улога во сведувањето на медиумите на политички пропагандни инсталации.
Насер Селмани, Претседателот на Здружението на новинарите во Македонија, се согласи со ставовите на Беличанец, но истакна дека за моменталната состојба на медиумската сцена мора да се земе предвид и дваесетгодишниот политички притисок, од сите досегашни влади, која ги направи медиумите политички зависни. За Селмани, случувањата во А1 се само врв на долгогодишните проблеми. Сепак, медиумите и новинарите не смеат да се апсолвираат од одговорност и веќе е време, преку саморагулација, да почнат да решаваат дел од проблемите.
Љупчо Зиков од Капитал смета дека теба да започе сериозна дебата за клучните прашања на медиумската сцена, но не во Собранието, туку во новинарскиот двор. Економската зависност и концетрацијата на политичката моќ во медиумите се вистинските проблеми кои сега резултираат со ниски стандарди во новинарството.
За Тамара Чаусидис од Независниот синдикат на новинари и медиумски работници, актуелните случувања се само врв на долгогодишните проблеми и притисоци. „Тешко е да се аплицираат професионални стандарди во време на пропагандни кампањи. Вистинското прашање е како да престанеме да бидеме жртви и работите да ги преземеме во свои раце. Политичката еманципација тешко се остварува во време на несигурни социјални услови“ истакна Чаусидис.
Учесниците беа согласни во ставот дека медиумите се во криза, а тоа резултира со драстичен пад на довербата кај публиката. Аљоша Симјановски од МРТВ не се согласи со оваа теза и смета дека публиката зрее и нема пад на добербата во медиумите.