За да ја поттикне и да ја засили јавната дебата за нужноста од кредибилен и релевантен попис на населението и ажуриран избирачки список во кој граѓаните имаат доверба и кој претставува еден од клучните предуслови за фер, слободни и демократски избори, НВО Инфоцентарот во партнерство со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), Осми Септември и Центарот за развој на медиуми, ја организираше денешната дебата „Каков избирачки список ѝ е потребен на Македонија?“
На дебатата на која беа презентирани наодите од истражувањето Каков попис и избирачки список ѝ се потребни на Македонија? се дискутираше за актуелните прашања и предизвици поврзани со процесот на прочистување на избирачкиот список – дали е возможно Македонија да добие кредибилен избирачки список за само неколку месеци, каков е квалитетот на базите на податоци и како тече нивното вкрстување, како ќе се одвиваат теренската проверка и процедурата на бришење или соодветно обележување на сомнителните гласачи на избирачкиот список, како ќе се одвива процесот на проверка на личните фотографии кои треба да бидат составен дел на избирачкиот список, дали ДИК ќе биде соодветно екипирана со времените вработувања.
Билјана Бејкова од НВО Инфоцентарор истакна дека сите соговорници во истражувањето беа неподелени во размислувањето дека ќе можеше подобро и поедноставно да се прочисти избирачкиот список доколку имавме попис на населението. „Според поранешниот премиер Никола Груевски, попис во Македонија може многу лесно и едноставно да се спроведе со некакв софтвер, електронски попис комбиниран со некакво теренско истражување, но она што покажа нашето истражување и од она што покажува актуелната состојба со базите на податоци што постојат во државните институции, покажува дека таков попис е далеку од реалноста во Македонија“, рече Бејкова.
Осврнувајќи се на горливото прашање за прочистувањето на Избирачкиот список, Дарко Алексов од МОСТ нагласи дека станува збор за огромно количеството на податоци кои треба да се подредат, па потоа да се вкрстуваат. „5 ти март, или некој ден подоцна ќе биде денот кога граѓаните ќе имаат право да ги проверат своите податоци, ако не се во ред да го поправат тоа со барање до месните канцеларии на ДИК. Но во членот 50 е прецизно наведено кој може да влијае враз содржината на избирачкиот список во периодот на јавен увид, тоа се граѓаните и политичките партии, никаде не пишува дека институција како МВР или самата ДИК може да го побара тоа“истакна Алексов. Според него, никој не може однапред да каже колкава ќе биде бројката на сомнителни гласачи.
„Во Македонија пропадна пописот во 2011, а пописот е поврзан со избирачкиот список, заради споредливоста на податоците. Чудо невидено ми е како, според изјавата на премиерот, како ДИК би го направила тоа за 3 дена – нонсенс. Тоа е невозможно, од аспект на тоа дали сите институции во РМ од кои се бара споредливост ги следат по исти критериуми, по исти стандарди. И сега кога ќе се споредиме, кога ќе дојдат податоците во ДИК, ќе видите дека разликите ќе бидат многу големи. Ќе има апсурди, во Скопје се претпоставува дека ќе има преку 100 илјади гласачи кои ќе се најдат на ист куќен број во кој има над 15, 20 или над 30 избирачи да живеат на иста адреса. Тоа се аномалиите што ги има во избрачкиот список,“ рече Дончо Герасимовски.
Според Џабир Дерала од Цивил, манипулацијата со изборниот процес е секојдневна, а една од главните алатки за манипулирање е токму избирачкиот список. „Тоа е лавиринт од најразлични грешки кои не се наивни туку се направени со план и со строга математика“, нагласи Дерала.
Филип Стојановски од Фондација Метаморфозис, рече дека за проект за интероперабилност помеѓу институциите, кој требало да биде завршен до мај 2015 година, владата на ВМРО – ДПМНЕ имала 2 милиони евра.
Според Бојан Маричиќ од МЦЕО, технички е изводливо да се направи посигурен избирачки список и тоа треба да биде системско решение кое ќе трае подолго од 2016 година. Услов за тоа е целосната независнот на ДИК.
Настанот се реализира во рамките на проектот „Демографија – квалитет на живеење“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ).