НВО Инфоцентарот и Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), во соработка со Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, од почетокот на 2010 година постојано го набљудуваат информирањето на домашната јавност за спорот во врска со името меѓу Република Грција и Република Македонија.
Медиумите се преплавени од информации поврзани со овој проблем, кои најчесто доаѓаат од страна на самите новинари, странските дипломати и Владата. Новинарите континуирано се обидуваат да откријат до каде се преговорите, дали има нови предлози за името на државава, кои се позициите на преговарачките страни, дали спорот ќе биде наскоро решен, дали Македонија ќе добие датум за претпристапни преговори со Европската унија (ЕУ)… Странските дипломати главно ја охрабруваат Македонија да постигне компромис со Грција истакнувајќи дека со ваквото решение ќе се отворат портите на Европската унија, а македонскиот идентитет нема да биде загубен. Владата, пак, продолжува со изјавите дека е подготвена за суштински преговори со Грција, но дека јужниот сосед мора да има поконструктивно однесување и дека компромисот е можен само доколку македонскиот идентитет и јазик не се на каков било начин загрозени.
Со други зборови, иако навидум информации за спорот за името има многу, граѓаните се уште немаат јасна слика за вистинскиот тек на преговорите и за вистинските позиции на Македонија во тие преговори. Дополнителна забуна предизвикува Владата, која нарачува збунувачки истражувања, во кои граѓаните се наведуваат да ја споредат важноста на македонскиот идентитет и името со евроинтеграциите и чиј претседател изјавува дека доколку Македонија добие предлог за име - Република Северна Македонија за целосна меѓународна употреба - единствено што може е да организира референдум на кој би гласал против овој предлог.
Имајќи го предвид сево ова, како и деликатноста на актуелниот политички момент и потребата Македонија да се врати на агендата на Европската унија, НВО Инфоцентарот и Македонскиот центар за европско образование подготвија Бриф за спорот за името, кој има цел да ја поддржи јавната дебатата за тоа дали Македонија ќе остане „поранешна“, ќе биде „безимена“ или, сепак, ќе постигне компромисно решение со Грција; да го поттикне процесот на преговори и да даде свој конструктивен прилог во дефинитивното решавање на овој билатерален спор, клучен за иднината на Македонија.
Бриф за спорот со името: Поранешни, безимени или… (интегрален текст) – pdf (286KB)