Младите сакаат да заминат најмногу заради невработеноста и општествено-политичката ситуација
НВО Инфоцентарот во партнерство со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), Осми Септември и Центарот за развој на медиуми, во периодот ноември 2015 – јануари 2016 година, спроведе анкета меѓу младите луѓе во сите осум плански региони во Република Македонија (Скопски, Вардарски, Источен, Североисточен, Пелагониски, Полошки, Југозападен и Југоисточен).
Оваа анкета има за цел да ги истражи мислењата и ставовите на младите луѓе за две теми: планирање на семејството и миграциите. Со анкетата се опфатени вкупно 503 испитаници на возраст од 20 до 35 години, во сите плански региони.
Младите и миграциите
Младите луѓе воопшто не се задоволни од условите што им ги нудат општините во кои живеат. Дури 63,4% од вкупниот број испитаници не се задоволни од вработувањето, здравството, образованието, инфраструктурата, животната средина и др. Најнезадоволни се младите од Пелагонискиот регион – 51,7% и оние од Североисточниот регион – 40,4%.
Сликата за незадоволството на младите луѓе станува уште подраматична со прашањето за тоа какви се условите за вработување во општината во која живеат. Дури 83,3% од испитаниците оценуваат дека условите за вработување се лоши. Младите од Североисточниот регион се најнезадоволни – 94,8%, а потоа следат оние од Пелагонискиот (91,8%) и од Вардарскиот регион (91,2%). Исто така, голем е бројот на младите луѓе кои сметаат дека работните услови за вработените во нивните општини се лоши – дури 77%. Најнезадоволни се младите од Североисточниот (89,7%), од Вардарскиот (88,5%) и од Пелагонискиот регион (81,4%).
На прашањето дали би се иселиле надвор од Македонија, исклучително високи 83,7% од испитаниците се изјасниле позитивно. Две третини од нив – 52,4% би се иселиле во некоја од заподноевропските држави, речиси 12% во САД и Канада, а во некоја од скандинавските држави би се иселиле 10,3% од испитаниците. Погледнато според региони, 70% од испитаниците во Североисточниот регион кои би се иселиле надвор од државата, би сакале да заминат во западна Европа. Мапата на најпосакуваните земја за иселување е најшаренолика кај младите од Пелагонискиот регион – за 17,7% „ветената земја“ се САД и Канада, потоа следуваат Скандинавија (15,5%) и Австралија и Нов Зеланд (12,7%).
Работата (невработеноста, потрагата по подобро вработување) – 34%, општествената ситуација (главно партиските вработувања, а потоа и вкупната политичката ситуација) – 33,5% и економската стабилност односно финансиите – 17% се главните причини заради кои младите би ја напуштиле државата. Заради работата, најмногу би се иселиле младите од Полошкиот (48,8%) и од Југоисточниот регион (48,1%). За младите од Пелагонискиот (51,4%) и од Источниот регион (50%), најсериозна причина заради која би се иселиле е општествената ситуација односно партиските вработувања и целокупната политичка состојба во која се наоѓа државата. Економската стабилност (парите, повисоките примања и др.) е клучна причина за иселување за 35,3% од младите во Вардарскиот и за 33,3% од младите испитаници во Скопскиот регион.
Младите и планирањето на семејство
Најголемиот дел од младите луѓе (76,9%) иако се на возраст кога може и треба да се осамостојат, сè уште живеат во заедница со своите родители (дури и оние кои веќе имаат основано сопствени семејства – 15,5%).
Четиричленото семејство со две деца е најпосакуваната опција за повеќе од половината испитаници (52%), а за нешто повеќе од една четвртина од испитаниците (26,5%), идеалното семејство го сочинуваат три деца. Едно дете би сакале да имаат 10,1% од младите испитаници. Иако посакуваат да имаат две, a некои и три деца, сепак, поголемиот дел од испитаниците кои основале свое семејство, или немаат деца или имаат само едно дете – 67,8% немаат основано семејство, а од оние 29,3% кои веќе основале семејство, 15.8% имаат едно дете, а 11,4% имаат две деца.
Во однос на регионалната распределба, најголемиот дел од испитаниците кои сакаат да имаат две деца се од Вардарскиот регион, а оние кои сакаат да имаат три деца најбројни се во Југоисточниот регион. Дури 60% од испитаниците од Вардарскиот регион рекле дека сакаат да имаат две деца, а високи 41% од испитаниците во Југоисточниот регион истакнале дека сакаат да имаат три деца.
За најголемиот дел од младите луѓе клучни предуслови за основање семејство, како и причини зашто сè уште не основале семејство се вработувањето, финансиите и партнерот односно возраста. Високи 41,1% од вкупниот број испитаници сметаат дека вработувањето е клучен предуслов за основање семејство, за 24,8% тоа е финансиската стабилност, а за 22% тоа е изборот на партнер. За 66,7% од испитаниците од Југоисточниот регион клучен предуслов е работата, додека за 61,4% од испитаниците од Вардарскиот регион, клучен предуслов за основање семејство се финансиите.
Интегрален текст од анализата на податоците од анкетата: Анкета за младите, миграциите и семејството
НВО Инфоцентарот и партнерските организации оваа анкета ја реализираа во рамките на проектот „Демографијата – квалитет на живеење“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено општество Македонија.