Мониторингот на медиумите за процена на квантитетот и квалитетот на истражувачкото и аналитичкото новинарско известување се спроведува во рамките на проектот „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“., финансиран од Европската Унија. Целта на проектот што се реализира од 2016-2019 година е да се поттикне растот на прецизното и истражувачкото новинарство во насока на подобро информирање на јавноста и заштита на јавниот интерес.
Ова е втор ваков мониторинг на медиумите, по оној во 2016 година. И оваа година, мониторингот ги опфаќа истражувачките и аналитичките написи објавени во медиумите, бидејќи аналитичкото новинарство подразбира да им се даде смисла и да се стават во контекст комплексните општествени теми за да и се појаснат на јавноста, при што се комбинираат аспекти на истражувачкото новинарство и на експланаторното (објаснувачко) известување.
Поради подемот на лажни вести, теории на заговор, измами – и незамисливиот удел на социјалните медиуми во нивното ширење – фактите и вистината се губат во вревата. Токму истражувачкото и аналитичко новинарство се најважната алатка на новинарската мисија – да се бара вистината и одговор од моќните.
Резултатите од истражувањето на медиумите во 2017 година, во однос на претходната, покажуваат дека постои подобрување во степенот на застапеноста на истражувачките и на аналитичките новинарски текстови во македонските медиуми, но дека тој процент сѐ уште е загрижувачки мал. Оттука, може да се оцени дека останува потребата од активности што ќе влијаат врз одлуките во редакциите да се зголеми присуството на истражувачките и аналитички текстови како најмоќно средство што им стои на располагање на медиумите за заштита на јавниот интерес.
Наодите од мониторингот на медиумите покажуваат дека и оваа година најмногу анализи и истражувања има од темите економија и политика, што значи дека најголем дел од текстовите се на теми поврзани и поттикнати од актуелните политички случувања. Мониторингот регистрира подобрување во однос на минатата година кај застапеноста на анализи и истражувања на теми како образованието, социјалната заштита и здравството, но сепак станува збор за релативно ниски проценти во однос на доминантно економско-политичките теми.
Благ тренд на подобрување се забележува и во однос на прашањето дали аналитичките и истражувачките текстови/прилози се најавени на насловните страници или во ударните вести и објавени на почетните страници или во првите минути од вестите. Тоа води до заклучокот дека медиумите започнаа да ја препознаваат важноста на истражувачките и аналитички стории и свесно им даваат носечка улога во вестите кои се пласирани на јавноста.
За разлика од минатата година, кога само четвртина од истражувачките и од аналитичките написи беа иницирани од самостојни истражувања на новинарите, сега тој број е нешто повисок и изнесува една третина. Сепак, останува фактот дека и понатаму доминантниот дел од овој тип написи се диктирани од дневни случувања или од настани надвор од влијанието на новинарите. Оттаму и заклучокот дека е потребно да се инсистира на вистинската вредност на истражувачкото новинарство, а тоа е самостојно истражување на новинарот коешто задира во мрачни места и открива теми за кои многумина не сакаат да веруваат дека постојат, а центрите на моќ имаат интерес да ги чуваат далеку од јавноста.
Резултатите од мониторингот во 2017 година укажуваат на проблем кој е особено алармантен и кој ја доведува под прашање веродостојноста и релевантноста на и онака малиот број истражувачки и аналитички содржини. Имено, постои зголемување на бројот на текстови во кои не е консултирана засегнатата страна, регистриран е сè уште висок процент на текстови без извори, а значаен дел од содржините се и понатаму еднострани.
Сево ова укажува дека паралелно со потребата од зголемување на застапеноста на истражувачкото и аналитичко новинарство во редакциите, постои неопходност и од подобрување на почитувањето на професионалните новинарски стандарди каков што е балансираниот и фер однос спрема страните во приказната, односно консултирање и претставување на сите страни со еднаков и непристрасен пристап. Поради одговорноста која медиумите ја имаат спрема јавноста, но и поради нивната долгогодишна доверба и легитимитет, од клучно значење е да внимаваат не само на тоа што истражуваат и анализираат туку и како го прават тоа.
Преземете ја Анализата на резултатите од мониторинг на известувањето на медиумите за 2017 година.