Во анализата на работата на АВМУ беше утврдена потребата од одредени подобрувања на законската рамка. Како пример може да се наведе спроведувањето на надзорот и контролата на почитувањето на законските одредби од страна на радиодифузерите и операторите. Овој аспект на регулативата, како и слични подобласти наведени во оваа анализа, треба да бидат дополнително разгледани меѓу надлежното министерство и регулаторот, со цел да се олесни практичното извршување на дел од законските одредби.
Иако регулаторот има одреден простор за приспособување на одредбите во делот на подзаконските акти, сепак одредени ограничувања оневозможуваат дополнителни приспособувања, како на пример ограничувањето во бројот на контролите и надзорите на годишна основа, што често се злоупотребува од страна на медиумите или операторите.
Овој извештај е подготвен во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch II“ финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје. Проектот го спроведуваат Евротинк – Центарот за европски стратегии, НВО Инфоцентарот, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човековите права на Република Македонија.