НВО Инфоцентарот, во соработка со Организацијата на жени од Струмица, ја подготви стидијата: „Капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондови на локално ниво – Студија на случај: општина Струмица“.
Овој документ е дел од серијата студии на случај, во кои покрај општина Струмица, вклучени се Град Скопје, Битола и Тетово, и во кои се анализираат и оценуваат постојните капацитети на општините за искористување и програмирање на ИПА фондовите. Истовремено, овие студии ја анализираат соработката на општините со граѓанските организации и нудат препораки за зголемена апсорпција на европските фондови и подобра соработка со граѓанскиот сектор на локално ниво.
Клучни наоди
Генералната оценка за досегашниот перформанс на Општина Струмица, во поглед на нејзините капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондовите, а во служба на локалните развојни приоритети, се карактеризира со ограничен процент на учество и искористеност на достапните средства.
Иако, поставената стратешка рамка на Општина Струмица, целосно соодветствува со програмските приоритети на ИПА програмите, досегашното ограничено учество, главно се должеше на опструкциите од страна на претходната централна власт. Отсуството на континуитет во надградувањето и специјализацијата на човечките капацитети во Општината, дополнително го отежнува искористување на ЕУ фондовите.
Во Општина Струмица, понекогаш се применува практиката на ад-хок одлуки за приоретизација на определни предлог-проекти, без притоа нужно да се води сметка за нивната (не)усогласеност со стратешките определби и постојните развојни рамки на општината. Дополнително, наодите укажуваат и на низа недостатоци во поглед на внатрешните процедури за следење и евиденција на поднесените предлог-проекти.
Како зародиш на успешен модел на соработка, мора да се издвои практиката на Општина Струмица да го промовира значењето и користа од директното вклучување на јавните претпријатија и другите локални актери во апсорпцијата на ЕУ фондови.
Постои солидно ниво на соработка на Општината со ГО, но потребно е да се воспостават јасни процедури за соработка и вклучување на ГО, во процесите на креирање локални политики. Во рамки на постојната систематизација и организациска структура, Општината нема посебно одделение за соработка со ГО. Таа се одвива преку одделенијата за услуги на граѓаните и локален економски развој. Претставниците на ГО се едногласни дека комуникацијата со Општина Струмица треба да се унапредува особено, затоа што, преовладува ставот дека во Општината, засега, нема голема волја за активна соработка со граѓанскиот сектор.
Општина Струмица е добар пример за секторско програмирање на средства за поддршка на ГО. Годишните програми за поддршка имаат фокус на локалниот економски развој и социјалната заштита. Општината издвојува над три милиони денари годишно, што е едно од најголемите издвојувања на локално ниво. Граѓанските организации сметаат дека процесот на селекција и доделување финансиска поддршка треба да биде потранспарентен.
Општината оценува дека граѓанските организации можат да бидат корисни партнери во изработката и реализацијата на проекти во рамки на програмите на ЕУ. И за ГО, Општината претставува посакуван партнер. За граѓанските организации, тоа меѓу другото, ќе значи и обезбедување средства за ко-финасирање во реализацијата на проекти поддржани од ЕУ.
Клучните предизвици со кои се соочуваат граѓанските организации во Струмица, пак, се поврзани со ограничените можности за финансиска одржливост и недостигот од човечки ресурси за нивен натамошен развој.
Препораки
Постојната политичка волја во Општина Струмица и отсуството на политички бариери треба да бидат преточени во конкретни мерки и активности кои ќе водат кон зголемено искористување на фондовите што ги нуди Европската Унија, а во согласно со општинската стратешка развојна рамка.
Општината треба да продолжи со системската промоција на придобивките од учеството во ИПА програмите на ЕУ, како за општината, така и за јавните претпријатија, граѓанските организации, бизнис секторот и граѓаните во целина. Моделот на успешна соработка на локално ниво може да се промовира и како добра пракса, и во другите општини и региони во земјата.
Пристапот до ИПА фондовите подразбира преземање низа подготвителни чекори, вградени во кохерентни развојни рамки, во кои прецизно ќе се идентификуваат потребите за надградба на постојните човечки капацитети. За таа цел, Општина Струмица треба континуирано да ги гради капацитетите на општинската администрација. Во моментов, приоритетни области за надградба се: детално запознавање на општинската администрација со програмите и фондовите на ЕУ, проектен менаџмент и спроведување на ИПА проекти, запознавање и примена на процедурите за набавки според ПРАГ, финансиско раководење, комуникација и промоција на проектните резултати, јавното застапување и креирање политики базирани на докази.
Капацитетите за искористување и програмирање на ИПА фондовите на локално ниво, треба да бидат соодветно систематизирани и во служба на стратешките развојни приоритети на општината. Затоа, потребен е ефикасен интерен систем, соодветна организациска поставеност, соодветни човечки ресурси и мандат за следење, мониторинг и надградба. Всушност, Општина Струмица треба да воспостави систем за одржлив развој, со дополнителна поддршка на ОМС, каде се мапираат локалните приоритети и соодветно се изработуваат и спроведуваат развојни проекти.
За унапредување на соработката со граѓанските организации, Општината треба да воспостави двонасочен постојан дијалог со граѓанскиот сектор, а треба да воведе и одделение за соработка со ГО. Потребна е ревизија на механизмите за селекција и мониторинг на програмите за поддршка на ГО, во насока на поголема транспарентност и отчетност.
Општината треба да го стимулира партнерството со ГО, во рамки на ИПА програмите, како и да ја поддржи одржливоста на граѓанскиот сектор. Општината треба да се наврати на добрите практики на активно вклучување на ГО, во спроведувањето и дизајнот на локалните развојни мерки.
Целосен текст на анлизата: Капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондови на локално ниво – Студија на случај: општина Струмица
Оваа студија е подготвена во рамки на проектот „Локален консултативен механизам ИПА2“, финансиран од Европската Унија.