НВО Инфоцентарот, во партнерство со Центарот за развој на медиуми, а во рамките на иницијативата „Мрежа 23“, финансирана од Европската унија, направи истражување посветено на слободата на изразување во Република Македонија, во контекст на Законот за граѓанска одговорност од навреда и клевета.
Со донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во ноември 2012-та година, клеветата и навредата се декриминализираа, односно се префрлени од кривична во граѓанска постапка. Медиумската и експертската јавност ја поздравија декриминализацијата на навредата и клеветата, но притоа, истакнаа дека ова законско решение има бројни слабости кои можат негативно да влијаат врз слободата на изразување, како и да поттикнат самоцензура.
Со ова истражување се опфатени судските случаи според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета во основните судови во Гостивар, Тетово, Штип, Велес, Битола, Прилеп, Струмица, Куманово и Скопје 2 Скопје, како и ставовите и искуствата на граѓанските активисти, новинарите, судиите и експертите за човекови права.
Информациите беа собрани преку слободниот пристап до информации од јавен карактер, состаноци, средби, интервјуа и фокус групи. Индивидуалните ставови и искуства на граѓанските активисти, новинарите, судиите и на експертите за човекови права, во ова истражување се анонимни.
„Копјето“ на слободата на изразување најчесто се крши пред Основниот суд Скопје 2 Скопје. Најголемиот број од судските постапки за навреда и клевета се водат токму пред овој суд и тие опфаќаат речиси две третини од вкупниот број судски случаи вклучени во оваа анализа. Дури една третина од постапките водени пред скопскиот суд, се однесуваат на процеси во кои како странка се јавуваат новинари, медиумски работници или медиуми.
Досегашната пракса, но и анализата на донесените правосилни пресуди, покажуваат дека постои загрижувачки драстична разлика во работењето на судот, кога станува збор за процеси во кои како странки се јавуваат политичари/државни функционери, наспроти случаите во кои нема нивна инволвираност, ниту како тужители, ниту како тужени.
Кога во случаите како една од странките се јавува државен функционер, односно политичар, видливо е дека тие се одвиваат побрзо, односно видлива е тенденцијата за поитно постапување на судот. Исто така, во ваквите случаи примената на Европската конвенција и праксата од Стразбур, која меѓу другото предвидува носителите на јавни функции да имаат поголем праг на толеранција во однос на критиките, е недоследна и е во насока на целосна заштита на честа и угледот на функционерите, наспроти слободата на изразување.
Двојните аршини во постапувањето на судиите, целосната неоснована заштита на честа и угледот на функционерите и непочитувањето на Европската конвенција и праксата на Судот во Стразбур, сериозно ја загрозуваат слободата на изразување во Македонија, доведуваат до самоцензура, предизвикуваат оладувачки ефект врз истражувачкото новинарство и сериозно го наметнуваат прашањето за (не)зависноста на судската власт во државата.
Основните судови во Велес, Штип, Битола, Гостивар, Тетово, Куманово и Струмица, од донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, па до крајот на 2014 година, немале многу „жешки костени“ во својата пракса односно немале постапки во кои биле инволвирани функционери и политичари. Вкупниот број судски постапки во овие судови изнесува околу од една третина (37%) од вкупниот број случаи за навреда и клевета вклучени во оваа анализа.
Од анализата на добиените материјали (пресуди) може да се констатира дека овие судови многу малку се придржуваат до европската пракса и меѓународните принципи и стандарди. Судовите вклучени во оваа анализа најчесто се повикуваат само на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета и Законот за облигациони односи, за разлика од судот во Скопје кој редовно се повикува на Европската конвенција и на праксата на Судот од Стразбур.
Активистите, новинарите и експертите за човекови права се речиси едногласни во констатацијата дека во Македонија, слободата на изразување е сериозно загрозена и дека луѓето кои имаат критички однос спрема власта и нејзините политики, како на национално – така и на локално ниво, се речиси постојано и засилено изложени на различни видови притисоци, закани и заплашувања.
Активистите и експертите за човекови права особено оние кои живеат и работат во Скопје, најчесто се соочени со јавни континуирани хајки и тоа, од страна на провладините медиуми, социјалните мрежи, но и од страна на претставниците на власта и на владејачките партии. Активистите главно оние кои живеат во средини надвор од Скопје, се соочуваат и со други форми на притисоци кои не се толку видливи, но се исто така, многу силни, загрижувачки и заплашувачки, како на пример, предупредувачки пораки, закани дека некој член од семејството ќе изгуби работа, инспекции и др. Едновремено, активистите не се чувствуваат безбедно и заштитено. Затоа, како што велат, има ситуации во кои се самоцензурираат и си го „мерат“ секој јавно искажан збор.
Новинарите се речиси едногласни во тоа дека се постојана мета на притисоци од страна на власта, и локална и национална, но и од страна на сопствениците на медиумите за кои работат, како и дека нивната економска и социјална положба станува со потешка и се полоша. Иако, според, нив декриминализацијата на навредата и на клеветата, е добра, Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во својата суштина е инструмент на власта и е донесен со цел да ги замолчи новинарите и медиумите.
Голем дел од новинарите на локално ниво не се чувствуваат заштитени од страна на своите уредници и сопственици на медиуми. Кај нив е присутен голем страв дека доколку се случи тужба од страна на некој функционер, медиумот ќе им ја раскине соработката и ќе ги остави сами да се борат во судовите и сами да си ги плаќаат судските трошоци и надоместоци.
Ваквата состојба е целосно демотивирачка, и неизбежно води кон самоцензура и драматично намалување на професионализмот во новинарството.
Според експертите за човекови права, Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета не обезбеди поголема заштита на слободата на изразување во Република Македонија. Декриминализацијата на навредата и клеветата е секако позитивен исчекор, но сепак, таа не овозможи поголема слобода на говорот и ослободување од самоцензурата и цензурата кај новинарите. Со драконските парични надоместоци кои ги предвидува Законот, се постигна спротивен ефект од она што беше иницијатива и тенденција на новиот закон – да се заштити слободата на изразување
Анализа: Која е цената на слободата на изразувањето?