Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права, на 9 јули, го презентираа третиот периодичен мониторинг извештај за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Извештајот е подготвен врз основа на „Мониторинг матрицата за работата на АВМУ и АЕК и е во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch II“ кој е финансиски поддржан од Британската амбасада во Скопје.
На настанот беа презентирани наодите од периодичниот мониторинг извештај за работата на АВМУ и АЕК за периодот јануари – април 2019 и се дискутираа клучните аспекти од работата на регулаторните тела во овој период, транспарентноста во јавните набавки, како и подобрувањето на јавниот интерес.
Билјана Бајкова од НВО Инфоцентар посочи дека во овој период, во Собранието започна процедурата за избор на нови членови на Советот на АВМУ, во согласност со измените на ЗААВМУ, кој беше донесен на крајот на 2018 година. Заинтересираните кандидати се пријавија во определениот рок, но процедурата за избор на новиот Совет беше прекината поради претседателските и локалните избори и не беше заокружена до затворањето на овој извештај.
Препорачуваме Собранието што побрзо и на што е можно потранспарентен начин да го продолжи и заокружи изборот на членовите на новиот Совет на АВМУ. Секое одолжување претставува непочитување на законските обврски и го кочи процесот на реформи во ова регулаторно тело, дополни Бејкова.
Трендот на (значително) помали реализирани расходи од иницијално планираните годишни расходи покажува дека треба што е можно попрецизно да го планира својот годишен буџет. Иако, постојат трошоци кои не можат целосно да се предвидат, наша препорака е буџетот сепак да биде планиран што е можно попрецизно и без големи разлики во планираните и реализираните суми. На ваков начин ќе се подобри ефикасноста на финансиското работење и менаџирање на регулаторот, додаде Бејкова.
За работота на АЕК овој период во овој период, Горан Лазаров од ЕвроТинк, посочи дека Собранието, по скратена постапка го донесе Законот за изменување и дополнување на ЗЕК. Според измените, средствата на Агенцијата остварени од приходите од надоместоците за користење радиофреквенции, во висина од 50 %, како и средствата остварени од надоместоците за надзор на пазарот за електронски комуникации, во висина до 10 %, ќе бидат пренесени како средства наменети за финансирање на дејноста на Оперативно-техничката агенција (ОТА).
Доколку АЕК во текот на 2019 година успее да ги реализира сите предвидени средстваод овие две надлежности, на контото на ОТА ќе треба да префрли 62.905.000 денари, односно околу 1 милион евра, дополни Лазаров.
Анализата на вкупните расходи на АЕК, како и кај приходите, покажува дека во 2018 година се потрошени значително помалку средства во споредба со претходните две години, и тоа за 50 % помалку во однос на 2017 година, скоро дупло помалку во однос на 2016 година. Споредбено со претходните години, помалата потрошувачка најмногу се должи на малата искористеност на капиталните средства, пред сè изградбата на антенскиот столб за контрола и мониторинг на радиофреквенциите, како и укинувањето на ставката помошни донации и други давачки, каде што во минатото беа трошени огромни суми за активности што не беа поврзани со развојот на електронските комуникации, истакна Лазаров.
Герман Филков, од Центарот за граѓански комуникации се осврна на транспарентноста во јавните набавки, како и ефективноста во спроведување на годишните планови за јавните набавки на двете Агенции. Според него, во текот на 2018 година е забележан пад во реализацијата на јавните набавки кај двете регулаторни тела, односно 57 отсто кај АВМУ и 33 отсто кај АЕК.
Во поглед на транспарентноста Филков додаде дека АВМУ е за нијанса потранспарентен во споредба со АЕК, особено околу информациите кои ги поставуваат на интернет страницата.
Според Филков, доколку неколку години во серија остануваат вишоци од реализираните приходи тоа може да значи две работи, или Агенциите прескапо ги наплаќаат своите услуги или не инвестираат доволно во развивање на пазарите на кои работите.
Љупчо Петковски, од ЕвроТинк се осврна на анкетното истражување за работата на АВМУ и АЕК кое се спроведе во периодот 16 февруари – 7 март 2019 година на репрезентативен примерок од 1202 испитаници. Воедно Петковски додаде, дека постоењето на регулаторните тела е со единствена цел подобрување на условите на крајните корисници и затоа Агенциите не секогаш треба да се држат само до своите законски надлежности, туку треба да покажат поголема проактивниот особено кога станува збор за заштитата на јавниот интерес.
Целиот извештај може да се прочита на следниот линк.