Поголемиот дел од медиумите во Македонија, заедно со обилната критика и негативните оцени за работата на претходната власт (становите на гостиварци, состојбите во МРТВ, нетранспарентната продажба на државниот имот, случајот „Бачило“ и др.), сугерираат заминување на Бучковски од лидерската позиција во СДСМ и акцентираат дека „лидерската оставка по претрпениот изборен пораз е очекуван потег“.
Кога станува збор за ВМРО-ДПМНЕ и првите политички потези на Никола Груевски, по завршувањето на изборите, медиумите, манифестираат различни и променливи ставови. Од една страна, се забележува пристрасност која кај определени медиуми поминува во некритичка пофалба, а од друга страна, се објавуваат оцени и претпоставки за тешкото функционирање на идната, според новинарите, „идеолошки нееднотипна и разнородна владина коалиција“.
Едновремено, кај повеќето медиуми на македонски јазик, по завршувањето на изборите, преовладуваше „навивачка“ реторика мандатарот Груевски да не ја вклучи во власта Коалицијата ДУИ-ПДП. И со тоа, останаа малцинство, всушност беа „надвикани“, оцените и тезите дека „формирањето на владата на Груевски предизвикува тензија и генерира несигурност во државата поради одолговлекување на одлуката дали ДУИ да влезе во власта или не“.
Во периодот по изборите, медиумите интензивно и обилно ја експлоатираа и интерпретираа (најчесто критикуваа) изјавата на европретставникот Ерван Фуере, „дека би било логично во владата да влезат партиите што освоија најголем број гласови“. Тие не ја анализираа логиката и смислата на изјавата, туку, започнаа зачестено и отворено да го критикуваат европретставникот, кој се дотогаш важеше за еден од најпопуларните дипломати во Македонија.
Ова се само дел од констатициите на „Медиумското огледало“, во рамките на квалитативниот мониторинг на медиумите, кои се однесуваат на периодот непосредно по завршувањето на Парламентарните избори 2006 година.
Во набљудувањето се вклучени 12 медиуми: „Вест“, „Вечер“, „Време“,„Дневник“, „Утрински весник“, „Факти“, ТВ „А1“, ТВ „Канал 5“, „МТВ 1“, „МТВ 2“ (вести на албански јазик), ТВ „Сител“ и ТВ „Телма“.