Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери не успеа да го стабилизира својот медиумски имиџ и да ја зголеми популарноста во медиумите. Имиџот на Владата најмногу трпи поради раширената убеденост на медиумите дека „во Македонија има политичка криза“, поради која странските политичари и дипломати „се загрижени, и укажуваат на Владата за таквата состојба и се обидуваат да посредуваат за нејзино надминување“.
Според начинот на кој медиумите ги перципираат и интерпретираат владините активности и потези, се чини дека Владата перманентно излегува од една и влегува во друга комплицирана ситуација. Збирната сума од неповолните оцени за неколкуте владини активности во овој период, кај медиумите, ја оформуваа квалификацијата „Владата има проблем со демократскиот капацитет“.
Интервенцијата во автономијата на Тетовскиот универзитет, но и тактизирањето (одолговлекувањето) на министерот за образование, Сулејман Рушити, да ги соопшти причините за смената на Ректорот, му нанесе штета на угледот на Владата. Вистинско промашување, според медиумите, беше направено со владиниот напад на Радмила Шеќеринска, во деновите непосредно пред нејзиниот избор за лидер на опозициската СДСМ. И со избувнувањето на „случајот ’Транспарентност’“, според медиумите, Владата „прокнижи“ негативни поени за својот демократски имиџ. Вмешувањето на министерот за финансии, Трајко Славевски, во „случајот ’Транспарентност’“, беше окарактеризирано како „вмешување на Владата во цивилниот сектор“.
Преземајќи врз себе дел од медиумската критика, ДУИ и направи „услуга“ на Владата, „пресекувајќи“ го трендот на прогресивното растење на медиумската критика за нејзината работа. ДУИ со своето нетипично поведение во Собранието, за време на парламентарната дебата за Законот за полиција, предизвика голем број критики во медиумите. За пренасочувањето на вниманието на медиумите – од власта кон други субјекти – придонесе и забележливата заемна нетрпеливост (но и судир) меѓу партиите на македонските Албанци, ДПА и ДУИ. Со овие две мега-теми, како и со реактуелизираната и повторно лансираната афера „Големо уво“, власта успеа да ја намали количината, но не и силниот тон на жестоката медиумска критика, наменета за владините потези и активности.
Ова се само дел од констатациите на најновиот извештај на „Медиумското огледало“, квалитативниот мониторинг на медиумите, на НВО Инфоцентарот, кој беше фокусиран на Рамковниот договор, тренасферот на власта, евроинтегративните процеси и цивилниот сектор и кој се однесува на октомври 2006 година.
Во набљудувањето се вклучени 12 медиуми: „Шпиц“, „Вечер“,„Време“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Факти“, ТВ „А1“, ТВ „Канал 5“, „МТВ 1“, „МТВ 2“ (вести на албански јазик), ТВ „Сител“ и ТВ„Телма“.
Медиумско огледало, октомври 2006 – PDF верзија (436KB)