Квалитативен мониторинг на медиумите во Македонија

на окт 5, 05 • од

НВО Инфоцентарот во рамките на своите заложби за постојана двонасочна комуникација и соработка со медиумите, започна со програма за редовен мониторинг на медиумите во Република Македонија - „Медиумско огледало“ .   „Медиумско огледало“ ќе се обиде да даде слика за тоа дали медиумите ги почитуваат професионалните стандарди и критериуми на информирање, но и за начинот на кој тие ги [&hellip...
Pin It

Home » Мониторинг на Медиуми » Квалитативен мониторинг на медиумите во Македонија

НВО Инфоцентарот во рамките на своите заложби за постојана двонасочна комуникација и соработка со медиумите, започна со програма за редовен мониторинг на медиумите во Република Македонија - „Медиумско огледало“ .

 

„Медиумско огледало“ ќе се обиде да даде слика за тоа дали медиумите ги почитуваат професионалните стандарди и критериуми на информирање, но и за начинот на кој тие ги следат и интерпретираат клучните општествени процеси и настани.

 

За потребите на овој мониторинг, прв од ваков вид во државава, во изминатите неколку месеци е изготвена посебна методологија, која беше тестирана од страна на тимот составен од уредник, аналитичари и монитори. Резултатите од пилот-фазата на мониторингот се наоѓаат во извештајот кој го опфаќа периодот од 16 мај до 10 јули 2005 година.

 

Во набљудувањето се опфатени шест дневни весници и шест ТВ куќи на национално ниво: „Вест“, „Вечер“, „Време“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Факти“, ТВ „А1“, ТВ „Канал 5“, „МТВ 1“, „МТВ 2“, ТВ „Сител“ и ТВ „Телма“. Селекцијата на овие набљудувани медиуми е направена врз основа на влијанието што тие го имаат врз целокупната јавност во Република Македонија.

 

„Медиумско огледало“ е активност на НВО Инфоцентарот, финансиски поддржана од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, Шведскиот хелсиншки комитет за човекови права и Институтот отворено општество – Мрежна програма за медиуми, Будимпешта.

 

Почнувајќи од октомври 2005 година, во рамките на проектот ќе биде објавуван еден извештај месечно, кој ќе биде публикуван и достапен, во печатена и во електронска верзија.

 

 

МЕДИУМСКО ОГЛЕДАЛО МАЈ-ЈУЛИ 2005

1. Вовед

„Медиумско огледало“ претставува континуиран мониторинг на медиумите во Република Македонија кој има за цел да даде јасна слика за професионалните стандарди и критериуми на информирање на медиумите, но и за начинот на кој тие ги следат и интерпретираатклучните општествени процеси и настани.

За потребите на овој мониторинг, прв од ваков вид во државава, е изготвена посебна методологија која беше тестирана од страна на тимот составен од уредник, аналитичари (4) и монитори (11). Резултатите од пилот-фазата на мониторингот се наоѓаат во овој извештај кој го опфаќа периодот од 16 мај до 10 јули 2005 година.

Во набљудувањето беа опфатени шест дневни весници и шест ТВ куќи на национално ниво: „Вест“, „Вечер“, „Време“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Факти“, ТВ „А1“, ТВ „Канал 5“, „МТВ 1“, „МТВ 2“, ТВ „Сител“ и ТВ „Телма“. Селекцијата на овие набљудувани медиуми е направена врз основа на оценката за влијанието што тие го имаат или можат да го имаат врз целокупната јавност во Република Македонија.

Примената на методологијата покажува дали односот на медиумите кон случувањата е сеопфатен, умерен и избалансиран; дали новинарските текстови и прилози се поткрепени со наведени прецизни и јасни извори, дали се консултирани сите страни во конфликтните ситуации, дали се избегнуваат произволни коментари, вреднувања итн.

Освен тоа, анализата истражува како е предадена информацијата (обем, време, извор и место); дали е опремена со илустративен материјал; каков е третманот на различните политички опции и личности, на различните етнички и културни вредности, и тоа преку употребата на терминологија и јазик; како се користат новинарските жанрови и дали има и какви се разликите меѓу набљудуваните медиуми во однос на претставувањето исти настани и појави. Едновремено, мониторингот ја анализира и евентуалната позиционираност на медиумите во однос на власта, опозицијата, етничките заедници, определени политички опции или политички убедувања.

Предмет на анализа беше односот на медиумите кон:

  1. меѓународните интегративни прашања кои се однесуваат наРепублика Македонија: ЕУ, НАТО, решавање на спорот со името, Хаг, тероризмот;
  2. регионот: релациите на Република Македонија со Косово, Србија, Албанија, Грција и Бугарија;
  3. внатрешно-политичките настани и безбедноста: децентрализацијата, структурните реформи (судството).

Во овој период беа анализирани 3.065 објавени материјали: текстови, илустрации, стрипови и карикатури, прилози во централните дневно-информативни емисии кои се однесуваат на посочените тематски области.

2. Односот на медиумите кон општествено-политичките настани и начинот на информирање

2.1. Општи заклучоци

● Мониторингот покажа дека медиумите кога информираат за општествено-политичките настани користат загрижувачки висок степен на: а) непрецизирани/нејасни извори на информации; б) необележани, без јасно потекло илустративни материјали; в) прилози со конфликтен карактер во кои е консултирана само едната страна; г) непотпишани текстови и др.

● Неименуваните или општодефинираните извори медиумите најчесто ги користат за пласирање непотврдени информации од домашната сцена, но и кога информираат за настани што се случуваат надвор од Македонија. Практиката на ваков начин да ги користат изворите медиумите не ја објаснуваат, ниту пак ја наведуваат причината за нивната анонимност. А анонимноста на изворот остава простор за манипулации. Информирањето се темели на општодефинирани извори, како на пример, „Министерствоto за економија“ или „косовската страна“, кои оневозможуваат да се процени во која мера изнесените информации се веродостојни.

● Печатените медиуми практикуваат во едно издание да објават неколку текстови на иста тема со исти, недефинирани и неименувани „извори“. Заедничка карактеристика на овие текстови, но често и на телевизиските прилози, е тоа што немаат генерално изедначена структура, т.е. поголемиот дел се информативни, но не се ретки случаите кога информациите се дополнети со директни коментари од самите автори или од индиректни, интерпретирани, но неидентификувани извори. Па така, она што навидум треба да е извештај за настаните, често станува коментар заснован врз извори од типот: „експертите“, „Владата смета…“, „се дознава…“, „извори од преговарачкиот тим“. Ваков тип текстови/прилози се оптоварени и со оценки и фрази кои однапред ги минимизираат активностите на конкретните субјекти („Владата подготвува меко сценарио…“ или„Владата се освести и сега крои планови како да се спаси од царините…“), но го минимизираат и правото на граѓаните да изградат сопствена слика врз основа на презентираните факти.

● Поголемиот дел од медиумите ги користат „експертите“, односно „познавачите на оваа сфера“ за индиректно презентирање оценки, но и прогнози за крајниот исход на определени проблеми, ситуации, процеси… Бидејќи станува збор за луѓе со призната општествена улога, најчесто независни од политичките случувања, останува нејасно зошто тие не се именуваат.

● Поголемиот дел од печатените медиуми, обидувајќи се во новинарски текст или коментар да избегнат експлицитно да го сооопштат својот став за определена тема, ја користат можноста без дополнителни коментари визуелно да изразат став и објавуваат фото-вести, карикатури, стрипови, фотографии. Од друга страна, многу наслови и фотографии на насловните страници не дозволуваат секогаш визуелно разграничување, односно перцепција на прв поглед на пораките кои медиумите сакаат да ги пренесат.

● За сите медиуми карактеристична е конструкцијата и на дел од насловите и најавите, кои понекогаш делуваат како пренагласено, па дури и искривено насочување кон содржината на самиот прилог. Понекогаш пак, веројатно при потрагата да се создаде нешто што ќе биде попривлечно на прв поглед, резултатот е наслов кој има поголема вредност како самостојна конструкција отколку како интегрален дел на прилогот.

2.1.1 Споредбени податоци за следењето на општествено-политичките теми

Медиумите, во периодот опфатен со оваа анализа, од тематските области што ги следи мониторингот најголемо внимание им посветија на активностите во процесот на децентрализацијата, потоа на односите на Македонија со соседите (особено со Косово и со Србија) и на евроинтегративните процеси на Македонија. Во изминатиот период медиумите најмалку беа фокусирани на односите на Македонија со НАТО.

Ваквото рангирање го поткрепува статистиката која покажува дека за децентрализацијата беа објавени дури 758 новинарски текстови и прилози. Интензитетот на објавување главно се должи на дебатата околу предлог-законот за употреба на симболите на етничките заедници и на датумот (1 јули 2005) кога официјало започна процесот на децентрализација во државава. Според бројот на објавени материјали, за оваа тема најзаинтересиран беше весникот „Вечер“ (124), потоа следат „Време“ (114), ТВ „Телма“ (103) и „Факти“ (75). Најмалку прилози за децентрализацијата објави ТВ „Канал 5“ (21).

Што се однесува до односите на Македонија со соседите, медиумите најмногу се интересираа за Косово, а потоа и за Србија и Црна Гора, односно за спорот меѓу Српската православна црква и Македонската православна црква. Најмногу текстови за овие теми објави „Време“ – 101, а најмалку прилози се забележани кај ТВ „Сител“ (28) и „Вест“ (15).

Што се однесува до евроинтеграциските процеси и односите на Македонија со ЕУ, „Утрински весник“ објави 89 текстови, а „Вест“ само 13 новинарски прилози.

За најмалку застапената тема, „Македонија – НАТО“, најмногу материјали објавија весникот на албански јазик „Факти“ и весникот„Вечер“, по 17, додека кај ТВ „Сител“ и во „Вест“ се регистрирани само пет, односно еден новинарски материјал.

Детален статистички преглед за тоа како секој медиум покривал определена тема е презентиран во прилогот на крајот од овој извештај (Табела за интензитетот на објавување материјали по медиуми за анализираниот период).

2.2. Коментар за односот на медиумите кон темите

Кога станува збор за евроинтеграциските процеси на Македонија, забележлив е големиот интерес на редакциите за оваа тема. Некои од медиумите дури имаат и специјални рубрики посветени исклучиво на Европската унија (на пр. „Еврорама“ – „Дневник“; „Еврозум“ – ТВ„Сител“). Медиумите интензивно се интересираат за с¢ што се однесува на ЕУ и шансите на Македонија за членство по уставната криза во Унијата. Се добива впечаток дека медиумите ја објавуваат секоја изјава или настан во кој се спомнати Македонија или пак Западен Балкан, и тоа без разлика на политичкото и на општественото влијание на самиот настан или личност.

Наспроти интензитетот и ентузијазмот на новинарите да се занимаваат со евроинтегративните процеси, темата НАТО е многу малку актуелна. Доколку за НАТО нема некој конкретен настан, тогаш во медиумите нема никакви прилози или написи. Поретки се (или целосно отсуствуваат) материјали посветени на доближувањето на вредностите и филозофијата на Северноатлантската идеја до пошироката јавност. Од друга страна пак, повеќето медиуми објавуваат информации за стратегијата на НАТО и ја истакнуваат важноста од зачленувањето на Република Македонија.

Оваа анализа регистрира и поврзување на темата НАТО со некоја друга тема, особено кога медиумите известуваат за четирите случаи на воени злосторства кои Хашкиот трибунал треба да и ги врати на Македонија („НАТО се плаши од враќањето на четирите предмети од Хаг“ / „Ќе има политичка криза во Македонија!?“). На ваков начин, медиумите го пренагласија општественото и политичко влијание на случаите. Имајќи го предвид недостигот од конкретни информации и факти, останува нејасна потребата на повеќето медиуми да им даваат дури и апокалиптично значење на четирите хашки случаи и индиректно да го подгреваат стравот за безбедноста кај обичните луѓе кои не можат директно да влијаат врз крајниот исход.

Кога станува збор за Хашкиот трибунал, медиумите известуваат за судските процеси против Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски и за четирите случаи на воени злосторства доставени до Трибуналот. Повеќето од медиумите не го одобруваат односот на хашката обвинителка Карла дел Понте кон случаите од Македонија[1], а враќањето на четирите предмети од Хаг во Македонија е прилично нејасна приказна. За овие теми медиумите главно информираат користејќи конкретни извори, а нејасностите не произлегуваат од новинарската тенденција за внесување конфузија, туку од контрадикторните изјави на изворите.

Што се однесува до решавањето на спорот за името со Грција, шпекулациите за можните македонски предлози за името на државава се карактеристични за речиси сите медиуми. Повеќе или помалку, медиумите отворено ја поддржуваат политиката на македонскиот државен врв по ова прашање[2].

Од аспект на регионот, кај сите медиуми доминира интересот за Косово, особено кога се работи за обележувањето на границата со Македонија, за можноста да биде воведен визен режим со Македонија, за царинските мерки за трговска размена, за правно-политичкиот статус на протекторатот…[3] Политиката што Владата ја спроведува во однос на Косово, во медиумите е повеќе предмет на неодобрување отколку на одобрување, и обратно – политиката што ја предлага претседателот Црвенковски доби поголема поддршка и помалку критика (иако пак, за други прашања, голем дел од медиумите не се наклонети кон афирмација на Претседателот на дражавава). Најкритичен став медиумите зазедоа кон македонско – косовските преговори за царинскиот режим и за, како што ја нарекоа,„неспособноста на македонските преговарачи да се изборат за поповолни услови“. Во овој контекст медиумите најчесто известуваа за „победници“ и „поразени“[4]. Во информирањето за преговорите околу царините доминираа анонимни и недефинирани извори, со што следењето на овој настан во јавноста неоправдано се сведе, пред сè, на шпекулирање.

По темата „Косово“, фокусот на медиумите најмногу беше насочен кон односите на Македонија со Србија и Црна Гора[5]. Покрај можноста различни субјекти да ги изразат ставовите за признавањето на таканаречената „Православна охридска архиепископија“ (ПОА), најголемиот дел од медиумите директно или индиректно го окарактеризираа признавањето како акт против целокупниот македонски народ, а не само против МПЦ. Определена балансираност во известувањето е постигната со просторот што им беше отстапен на изјавите на претставниците на т.н. ПОА и на СПЦ, но и на критиките на дел од медиумите упатени кон инертноста на МПЦ. Речиси сите медиуми, колку „нервозно“ толку и остро, ја осудија постапката на СПЦ. Негативен тон беше насочен и кон српската политика, иако се работеше, пред сè, за религиозно прашање.

Во еден момент од анализираниот период, медиумите ги потиснаа во втор план инаку добрите односи меѓу Македонија и Албанија, поради односот на официјална Тирана кон иницијативата на тамошните Македонци да формираат своја партија. Дел од медиумите и забележаа на македонската власт за нејзиниот пасивен однос кон овој проблем. Известувањето беше заокружено со извештаи за конечната регистрација на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, но и со изјавата на Ѓорѓи Тане (единствениот кандидат Македонец на парламентарните избори во Албанија), кој причините за неуспехот да влезе во албанскиот парламент ги лоцира во слабата национална свест на гласачите, но и во отсуството на поддршка од Македонија.

Медиумите позитивно го оценуваат фактот дека веќе подолг период односите на Македонија со Бугарија бележат нагорна линија, односно позитивна политика која ја форсираат државните раководства, а пред сè, претседателите Црвенковски и Прванов. Така, и доделувањето на титулата „Доктор хонорис кауза“ на премиерот Владо Бучковски доби солидна медиумска покриеност. Но, како што овој настан беше главно позитивно вреднуван во медиумите, така иницијативата на бугарскиот претседател за пренесување на дел од моштите на св. Кирил од Ватикан во Бугарија беше дочекана со неодобрување. Почетокот на кампањата на ОМО „Пирин“ во европските институции за признавање на македонското малцинство во Бугарија, повеќето медиуми го одбележаа со материјали во кои се пренесени плановите на организацијата и суштината на писмото кое ќе биде испратено доЕвропскиот парламент, Советот на Европа, ОБСЕ и ООН. Медиумите информираа и за гласањето на македонските Бугари на бугарските парламентарни избори[6].

Известувањето за процесот на децентрализацијата беше посветено на три теми: предлог-законот за употреба на знамињата на етничките заедници[7], процесот на спроведување на децентрализацијата и функционирањето на определени општини, пред сè, на градот Скопје[8].

Судските реформи се спомнуваат во многу материјали, но во медиумите ретко може да се сретнат подетални информации за конкретните решенија во врска со овие реформи. Со оглед на експлоатираноста на оваа тема, ставовите изнесени во објавените материјали честопати и не се доволно аргументирани. Особено што медиумите ја претпочитаат критиката пред пофалбата, а без притоа подетално да се запознаат со материјата која обилно ја користат при формулирањето на своите критички оценки. Често „ставот на експерите“, на пример, во врска со измените во судството во делот на изборот на судиите од страна на Државниот судски совет, всушност, се заснова на ставот на само еден професор, и тоа, исто така, честопати анонимен. Понекогаш и покрај ставовите на повеќе експерти, во материјалот доминираат (и му даваат генерален тон) оценките на само еден експерт, кој единствено е коректно именуван, но е прераскажан. Па така, се случува да доминира критиката која ги оценува измените, а според која „се работи за камуфлажа која отвора простор највисокото судство да стане инструмент во рацете на власта“[9].

3. Специфичности

За да ги утврди и проучи специфичностите кои се карактеристични за секој медиум посебно, анализата користеше шест фактори при третирањето на селектираните материјали (текстови/прилози, илустрации, стрипови, карикатури): 1. однос кон анализираните теми (бројност и интензитет на објавените материјали, обем, местоположба [пласман] на материјалот на страниците или редослед во емитувањето); 2. жанровска структура и карактер на прилогот или текстуалната единица; 3. сооднос наднаслов-наслов-поднаслов и текст-илустрација [најава-прилог-снимка]; 4. извор(и) на информации; 5. актер(и); 6. однос кон фактите.

3.1. Телевизиски станици

ТВ „А1“

Во изминатиот период за ТВ „А1“ најпривлечни беа односите на Македонија со соседите, на кои оваа телевизија им посвети вкупно 46 прилози. Најмалку материјали „А1“ објави за реформите во судството (8).

Актуелните настани оваа телевизија најчесто ги покрива со професионално, инвентивно и темелно изградени прилози, сместени високо во вестите и во генералната најава.

Во известувањето доминираат извештаите во описна форма. Забележливо е користењето на коментаторските извештаи во две форми: а) извештаи со интегрирани умерени оценувачки елементи и б) описни извештаи во чиста жанровска форма, со поостар коментар во уредничката најава. Исклучок е известувањето за дел од темите во рамките на економските вести, каде јасно се изразени остри оценки, сугестии или прогнози (на пр., за македонско-косовските преговори за царините).

Визуелната илустрација на прилозите има описна функција и доследно ја следи содржината на информацијата. Уредничките најави најчесто или ја нагласуваат содржината или даваат оценки за настаните.

„А1“ главно користи јасно именувани извори без изразено претпочитање на определена страна. Одвреме-навреме, исклучок е известувањето за определени активности на владини субјекти, каде што е забележливо користење општоименувани извори од типот „експерти“, низ чии ставови се изразени остри критики, или „дипломатски извори“, за настани поврзани со надворешната политика или меѓународната позиција на Македонија. Во овие случаи присутна е и синтагмата „А1 дознава“, за пласирање на непотврдените шпекулативни информации.

Актерите во настаните се главно директно цитирани. Прераскажаната форма е присутна кога станува збор за општоименувани извори. А1 претежно има неутрален однос спрема актерите и речиси никогаш директно не ги коментира цитираните изјави. Оценките се насочени кон институциите, позицијата и активностите на субјектите, без лични квалификации.

„А1“ главно ги презентира и интерпретира фактите. За настани за кои постои поделеност по политичка или национална линија известува неутрално и сестрано. Одвреме-навреме, индиректно е забележлив умерен позитивен став кон процесите од пошироко општествено значење (членството во ЕУ), проследен со директно изразен остар критички став за условно несоодветните (недоволните) активностите на определени субјекти во стимулирањето на тие процеси. (Во анализираниот период медиумот, меѓу другото, им замеруваше на Претседателот, Премиерот и Министерот за надворешни работи за нивното пречесто отсуство од државата.)

ТВ „Канал 5“

ТВ „Канал 5“ особено внимание им посвети на односите на Македонија со соседите и објави вкупно 48 прилози, а најмалку прилози им се посветени на односите на Македонија со НАТО (8).

Медиумот ги покрива актуелните настани претежно информативно, без да ги коментира. Општ впечаток е дека најзастапени жанрови се: вест, изјава, информативен извештај и интервју. Прилозите најчесто се описни, а поретко сугерирачки и прогнозирачки. Доминира усогласеност помеѓу сликата и содржината на прилогот, но понекогаш сликата е употребена за пренос на информација која не е содржана во текстот. (Ова обично се забележува кога медиумот известува за конфликтни настани.)

Понекогаш се случува во воведот на прилогот уредникот со една реченица да даде сосема поинаква конотација од онаа која е содржана во текстот. Кај овој медиум видлив е ангажманот на новинарите да консултираат повеќе извори, од повеќе страни. Претежно се присутни домашни официјални извори чии ставови се поткрепени со изјави на меѓународни актери. Изворите се најчесто прецизно означени и презентирани со слика или глас; или и со слика и со глас. Понекогаш се случува „Канал 5“ да ги базира прилозите врз нејасни извори, но тоа се случува тогаш кога има тенденција тие да бидат сензационални. „Канал 5“ емитува изјави или интервјуа на експерти. Актерите најчесто се цитирани и нивните изјави ретко се коментирани или оценувани.

Оваа телевизија најчесто презентира факти кои се во прилог на политиката на Владата, а кои се најчесто проследени со изјави на меѓународни фактори. Иако овој медиум глобално ја поддржува политиката на Владата, забележлив е критицизам и негативно оценување на некои аспекти на владината регионална политика (на пр., преговорите со Косово за визниот режим).

МТВ 1“

„МТВ 1“ најголемо внимание и посвети на децентрализацијата со 46 објавени прилози, додека за реформите во судството објави само 7 новинарски материјали.

„МТВ 1“ редовно, исцрпно и професионално ги покрива темите кои се предмет на оваа анализа. Сепак, поизразено е известувањето за настани поврзани со активностите на државниот врв.

Доминираат чисти жанрови, а од нив доминантен е извештајот. Исто така, во однос на известувањето за настаните, главната тенденција е за нив да се известува онака како што се случиле (има исклучоци, но тоа е реткост).

Што се однесува до визуелниот дел, тој најчесто кореспондира со настанот, иако во услови на потреба од итно реагирање, видлива е голема инертност (несоодветни снимки, отсуство на снимки или, пак, неозначени видео-материјали).

Се цитираат и прераскажуваат повеќе извори, претежно без дополнителни коментари и интерпретации. Иако се пренесуваат изјавите на повеќето релевантни субјекти во оваа држава, сепак приматот го имаат претставниците на власта.

Актерите во настаните за кои се известува најчесто се парафразираат во најавите на прилозите, по што веднаш следи и автентичен цитат. Во однос на оваа тема, кај новинарите генерално е отсутна тенденцијата да даваат свои оценки, позитивни или негативни.

При третирањето на фактите, „МТВ 1“ пред сè го негува односот на нивно презентирање, со екстремно ретки примери кога новинарот едновремено и интерпретира и вреднува.

Иако „МТВ 1“ има обичај да ја афирмира политиката на актуелната власт и да пласира оптимизам во однос на определени „горливи“ прашања, сепак општото отсуство на критизерски и неконструктивен однос, и кон власта и кон опозицијата, остава впечаток за избалансиран пристап и однос кон актерите и фактите.

МТВ 2“ (Програма на албански јазик)

„МТВ 2“ – редакција на албански јазик и посвети на децентрализацијата 43 прилога, додека на реформите во судството само два. Статистиката покажува дека на оваа телевизија доминираат темите што ги засегаат Албанците во Македонија (децентрализацијата, Законот за употреба на симболите на етничките заедници, односите со Косово, Хаг). Другите теми се покриени површно (НАТО, ЕУ, спорот со Грција за името, реформите во судството) или пак целосно се запоставени (на пр., спорот меѓу СПЦ и МПЦ).

Во дневникот на албански јазик на „МТВ 2“ доминираат извештаи, особено за настани од домашната сцена, потоа за Косово и, секако, за Брисел (НАТО, ЕУ…). Многу се користат агенциските вести, а отсуствуваат коментари и коментаторски извештаи.

Иако многу прилози се „бледи“ (рутински) според својата содржина, сепак, најавите кореспондираат со содржината, т.е. карактеристично е тоа што се тие исклучиво описни, а не коментаторски.

„МТВ2“ – дневник на албански јазик известува претежно за дневни настани, при што главни извори се официјални лица (владини претставници, пратеници, странски дипломати…). Кај оваа телевизија се забележани мал број анонимни извори. Но, од друга страна, малку се користат пишаните извори, односно официјалните документи.

Со многу ретки исклучоци, „МТВ 2“ има главно неутрален однос кон актерите, така што ги пренесува нивните ставови без да искаже некаков однос кон нив. Доминираат извори од партиите на власт, особено на албанската партија ДУИ, но не може да се забележи дека тоа е директно фаворизирање (бидејќи известува за конкретни активности врзани за функционирањето на власта), освен во некои прилози каде се чувствува недостиг од ставовите на албанската опозиција (на пр., при дебатите за Законот за употреба на симболите на етничките заедници).

ТВ „Сител“

И ТВ „Сител“ големо внимание и посвети на децентрализацијата – 53 прилози, додека за релациите Македонија – НАТО отстапи простор за само пет.

Кога станува збор за жанровската структура, кај оваа телевизија многу често има тешкотија да се определи жанрот на еден прилог. Често, новинарите во прилозите ги оценуваат настаните и за нив презентираат прогнози и даваат сугестии. Така, во анализираниот период, оценките, прогнозите и сугестиите најчесто беа дел од најавите на прилозите (иако не секогаш и не кај сите новинари), а нивната содржина не беше секогаш одраз и на содржината на самиот прилог.

Што се однесува до визуелните елементи, има примери кога се пренесуваат неозначени снимки или, пак, снимки воопшто нема.

Иако во најголемиот број случаи изворите на редакцијата се јасни и прецизни, се среќаваат примери кога тие се дефинираат и како „Сител прв дознава и објавува“, „Од извори на Сител“ и сл. При користењето извори, кај „Сител“ е видливо афирмирање на политичката опција за која се залага Социјалистичката партија на Македонија, поточно Љубисав Иванов – Ѕинго. Во деновите кога е уредник Драган Павловиќ, централно-информативната емисија во 18 часот е главно во функција на пропагандистичко толкување на политиката на ВМРО-ДПМНЕ, на промоција на партиски функционери и политичари, на интервјуа со опозициски политичари и на долги презентации на прес-конференции. Тогаш кај ТВ „Сител“ евидентни се: а) неконструктивниот критицизам, кој понекогаш е упатен кон определено прашање; б) акцентирање на катастрофичната слика за Македонија, со цел сугерирање песимистичка перцепција за изгледите на државава (силно се потенцираат социјалните слабости во општеството, меѓу другото, и со интенција да промовира лошо расположение против актуелната власт); и в) апокалиптичност (дека постојат божемни заговори).

Актерите во настаните најчесто се пренесувани буквално, откако новинарот ќе даде вовед со парафразирање на дел од изјавите. И покрај ова, тука мора да се посочи тенденцијата на непренесување во целост на снимки и изјави кои би можеле да го негираат односот што оваа куќа го има кон активностите на Владата за определени прашања (главно критизерски).

При користењето факти, некогаш новинарот дава свои вредносни оценки за тоа што се случува, а понекогаш тие оценки им се нудат на гледачите пред да им се понудат самите факти.

ТВ „Телма“

Децентрализацијата обемно беше третирана и од ТВ „Телма“ – 103 објавени прилози, додека релациите на Македонија со НАТО и реформите во судството беа обработени во само 8 прилози по тема.

ТВ „Телма“ се обидува (а во најголем број случаи и успева во тоа) да обезбеди квалитетно информирање за значајни настани од поширок интерес (децентрализацијата, со посебен акцент врз Законот за употребата на симболите на етничките заедници; односите со соседите: Грција (спорот за името), Косово, СЦГ (особено поради спорот меѓу СПЦ и МПЦ); како и европските и северноатлантските интегративни процеси.

Употребата на знамињата не е централна тема врзана за децентрализацијата, бидејќи ТВ „Телма“ ги опфаќа и другите проблеми на децентрализацијата, особено пренесувањето на надлежностите од централна на локална власт. Прилозите на ТВ„Телма“ им даваат афирмативна нота на европските и северноатлантските интегративни процеси и се сработени со професионална рутина.

Кај „Телма“ настаните претежно се покриваат малку поопширно, па затоа доминираат извештаите. Но, кај некои од темите телевизијата не се ограничува само на извештаи туку новинарите прават покомплексни приказни, со многу повеќе инволвирани актери во определена проблематика. Тие приказни често гледаат понапред – даваат прогнози со свои видувања за тоа како би се развиле или решиле определени состојби.

Снимките во прилозите најчесто ја следат приказната и се автентични. Има прилози во кои се користат архивски снимки, но кои некогаш не се означени како такви. Други пропусти или тенденции кои би воделе кон манипулација не се забележани.

Новинарите на ТВ „Телма“ најчесто вклучуваат повеќе извори во своите прилози, со што се отсликуваат различните позиции на различните субјекти, а често се повикуваат и на официјални документи. Пренесувањето е концизно и без тенденција за фаворизирање.

ТВ „Телма“ се задржува на пренесување на гледиштата на различните актери без изразена пристрасност и без вреднување.

Во прилозите, поради користењето голем број извори, евидентна е богата понуда на факти (и по квантитет и по квалитет). Но, и кај овој медиум се случува наместо факти да бидат пренесени само ставови и мислења на актерите. Но при пренесувањето на информациите не е забележана тенеденција на новинарите да манипулираат со фактите.

3.2. Дневни весници

Вест“

„Вест“ е дневен весник кој не известува многу за темите кои ги следи овој мониторинг. А кога известува, тоа се претежно куси текстови, кои не се секогаш одраз на целата слика на настанот. Така, „Вест“ на децентрализацијата и посвети 47 прилози, додека за односите на Македонија со НАТО објави само еден текст.

Во поголемиот број случаи доминираат чисти жанрови од кои веста е најчестиот, иако се регистрирани и извештаи и коментари. Текстовите се претежно описни, но има и такви во кои авторите отворено изнесуваат сопствени оценки, сугестии и прогнози за настаните и актерите во настаните. Кај речиси сите текстови не може да се идентификуваат авторите.

Во своите настојувања да биде „интересен“, „Вест“ на текстовите им дава несоодветни (најчесто бомабстични) наслови кои не ја отсликуваат содржината, а ги илустрира со големи фотографии на актерите кои се спомнуваат.

При користењето извори, „Вест“ користи и јасни идентикфикувани извори и извори кои се анонимни и неидентификувани. Не е видлива некаква наклонетост кон која било опција (претежно сите подеднакво се критикувани). При третирањето на актуелните актери од политичката сцена, заклучокот е дека се критикувани сите (власт и опозиција), освен актуелниот скопски градоначалник, иако ниту тој не беше особено афирмативно третиран. Актерите обично се цитираат, а во текстовите кои имаат критизерска конотација, цитатот може да добие поинакво значење. Во таквите текстови се случува вреднување на фактите и тоа претежно негативно.

Во „Вест“ некои текстови, особено коментарите во рубриката „Сакам да кажам“, користат проблематичен јазик и терминологија, односно изобилуваат со саркастични оценки и иронија за актуелните општествено-политички состојби, настани и актери.

Вечер“

„Вечер“ ги покрива анализираните теми со голем број написи, зависно од актуелните случувања, но ретки се подлабоките анализи на настаните. Овој весник објавил најмногу материјали за децентрализацијата – 124, а најмалку за односите на Македонија со НАТО – 17 написи.

Жанровски доминираат описни извештаи и агенциски вести. Актуелните настани редовно се проследени со редакциски коментари со нагласен оценувачки карактер. Забележително е присуството на наслови кои ја искривуваат сликата за содржината на инаку коректните извештаи – сугерирачки или двосмислени атрактивни наслови, наслови со оценки за настани и субјекти или наслови со визуелно прашална форма, но јасно изразен став или заклучок.

„Вечер“ максимално внимание им посветува на илустрациите. Насловните страници со оптички магнети – доминантни, интересни, провокативни фотографии, понекогаш и невкусни за сериозен дневен весник. Најголем дел од прилозите се илустрирани со доминантни асоцијативни фотографии кои ја дополнуваат содржината.

„Вечер“ најчесто користи јасно именувани, повеќестрани извори. Ретки, но забележливи поради актуелноста на темите се прилозите речиси целосно засновани на шпекулации пласирани од нејасни извори како „познавачи на состојбите“ или „Вечер дознава“ (на пр., кандидатскиот статус во ЕУ, судењето на Љубе Бошковски во Хаг).

Најчесто актерите во настаните се директно или индиректно цитирани, без дополнителни коментари за нив. Исклучок се дел од редакциските коментари во кои остро, саркастично, па и малициозно се коментираат изјави или активности на определени политички субјекти (на пр., Борис Кондарко / „суверенитет на Месечината“). Низ квалитетот, квантитетот и визуелното „пакување“ на прилозите забележлив е благ позитивен став спрема Љубе Бошковски и шпекулативен, осудувачки однос спрема други актери (Карла дел Понте, можните сведоци на Хашкото обвинителство).

Известувањето најчесто е неутрално, со повремени умерени оценки изразени во насловите или визуелното пакување (на пр., Законот за употреба на симболите на етничките заедници). Во коментарите ретко, но забележливо е негативно вреднување на настаните и субјектите пред да се наведат неопходните факти за нив. Несоодветен однос кон фактите е изразен во СМС-анкетата во која резултатите понекогаш се добиени и од неадекватно конструирани, бесмислени прашања, а истовремено недостигаат и основните релевантни инфор­ма­ции за анкетата.

Време“

„Време“ го фокусира своето внимание на темата „Децентрализација“ објавувајќи 114 материјали, додека најмал интерес пројави за темата„Македонија – НАТО“ (9).

„Време“ повремено прави посеопфатни анализи со истражувачки елементи (на пр., спорот за името со Грција), а продуцира и поттеми кои не се особено присутни во други медиуми (на пр., положбата на Гораните во Косово).

Во известувањето доминираат описни извештаи, со повремени суптилни оценки. Значајно е присуството и на други жанрови со оценувачки карактер – редакциски коментари, колумни на надворешни соработници, стрипови, карикатури.

Насловите најчесто имаат описна улога, со ретки исклучоци во кои оценките од насловот не кореспондираат со содржината и ја искривуваат сликата. Време илустрира само дел од прилозите со описни фотографии. Насловните страници или имаат неколку фотографии од кои доминира една поврзана со актуелен настан или имаат повеќе фотографии кои повремено создаваат визуелна конфузија.

Изворите најчесто се јасно именувани, без преферирање на определена страна. Повремено исклучок се нејасните категории како „дипломатски извори“ или „експерти“, кои пласираат информации кои се или не се потврдени од официјални извори или се различни од оние на именуваните извори (на пр., за Европрашалникот, за реформите во судството).

Редовните извештаи не ги оценуваат директно инволвираните актери. Критиките понекогаш се изразени индиректно низ парафразирани изјави на општоименувани извори. Редакциските коментари за анализираните теми содржат умерени и аргументирани оценки (што не е правило за сите теми). Остри, иронични оценки за актерите и настаните се изразени во стрипот „Пецко“ и во карикатурите на Козар. Дебаланс во релативно коректниот однос прави стрипот „Ти реков, ми рече“, кој саркастично ги коментира настаните и ја искривува сликата за нивниот тек или изнесува лични, понекогаш и вулгарни квалификации за определени политички субјекти.

Фактите најчесто се презентирани и интерпретирани. Директното вреднување им е препуштено на инволвираните субјекти, но и на недефинирани извори кои им даваат шпекулативен тон на фактите. Позитивното или негативното вреднување во редакциските коментари најчесто е поткрепено со факти во самиот коментар или во посебни прилози. На дел од темите (на пр., Законот за употреба на симболите на етничките заедници) „Време“ им посветува бројни прилози во кои презентира голем дијапазон помалку познати и разновидни факти.

Дневник“

„Дневник“ ја преферира темата „Односите на Македонија со ЕУ“, посветувајќи и 66 написи, а помалку темата „Односите на Македонија со НАТО“, која била застапена во 8 објавени материјали.

„Дневник“ инаку ги покрива сите теми кои се предмет на анализа на ова истражување. Весникот има и посебна рубрика ЕВРОРАМА, која е посветена специјално на евроинтегративните процеси. Рубриката има едукативна содржина со пропагандни елементи. Најчесто користени жанрови во „Дневник“ се извештајот (информативен и коментаторски), веста и колумната.

За „Дневник“ е карактеристично тоа што насловите неретко се во функција на употреба на манипулативен дискурс на прилогот, додека самата содржина на прилогот е информативна и неутрална.

Одвреме-навреме се сретнуваат прилози кои се однесуваат на настани од конфликтен карактер, а во кои не се наведуваат и двете (или повеќето) страни во конфликтот.

Во однос на повеќето клучни прашања во овој период, „Дневник“ е на линија на опозициските македонски партии. Присутни се прилози кои алудираат на нетранспарентноста и меѓусебните дилови и договори на владејачките коалициски партнери. Кај „Дневник“ забележлива е тенденцијата Љубе Бошковски да биде прикажан (и адекватно на тоа да биде перцепиран од публиката) како патриот и национален херој.„Дневник“ главно ги цитира и ретко ги коментира актерите, но од избраните секвенци на изјави и начинот на нивно организирање, весникот постигнува протежирање на опозициските ставови.

„Дневник“, иако не секогаш, најчесто е професионален, известува неутрално, непристрасно и не се впушта во коментари.

Утрински весник“

„Утрински весник“ ја претпочита темата „Македонија – ЕУ“, која што беше застапена во 89 материјали. Најмалку беше застапена темата„Односите на Македонија со НАТО“ со 12 написи. Овој весник ги покрива сите теми кои се предмет на анализа во рамките на истражувањето.

Како најчест жанр во „Утрински весник“ се јавува коментаторскиот извештај, но речиси подеднакво присутни се и жанровите: вест, информативен извештај и коментари на експерти и политичари. Одвреме-навреме, во овој весник се сретнуваат оценувачки, сугерирачки и прогнозирачки текстови, особено за конфликтните настани.

Како извор на информации често се среќаваат официјални владини и меѓународни извори, кои не ретко се пренесени во функција да ги поддржат владините ставови и постапки. Генералната позиционираност на весникот е кон левицaта.

Весникот покажува јасно негативен однос спрема Љубе Бошковски. Често се случува новинарот да ги коментира актерите, а тоа се сретнува во редакциските прилози.

Во најголем број случаи постои усогласен однос на наднасловите, насловите и поднасловите со текстовите, а новинарите само ги презентираат фактите. Глобално „Утрински весник“ е противник на потенцирањето на апокалиптичните сценарија, кои не ретко се среќаваат во македонскиот медиумски простор. Претежно состојбите во Македонија ги прикажува во однос на политиката во регионот што ја водат соседите и меѓународната заедница. Прилозите најчесто се опширни и весникот има тенденција да делува едукативно, балансирано и умерено, но понекогаш и со амбиции за „единствено точно прикажување на вистината“.

Факти“

Весникот „Факти“ ја претпочита темата „Децентрализација“ и во анализираниот период за неа објави 75 материјали, а помалку беше заинтересиран за спорот на СПЦ со МПЦ, објавувајќи само 4 написи на таа тема.

„Факти“ солидно ги покрива темите, но не секогаш квантитетот е придружен и со квалитет. Во анализираниот период, забележливо е дека се поприсутни темите кои директно ја засегаат целната публика на весникот (претежно Албанците). Така, доминантна беше проблемитиката на децентрализацијата, особено Законот за употреба на симболите на етничките заедници, како и неколкуте аспекти на односите со Косово (воведување царина за македонските производи, обележување на границата…) и соработката со Хашкиот трибунал, а за сметка на односите со ЕУ, другите соседи, спорот со името или спорот МПЦ – СПЦ.

Доминантни жанрови во секојдневното известување на весникот се извештаите, особено за домашните проблеми, како и вестите. За оние теми за кои весникот се задоволува со пренесување агенциски вести или извештаи, анализата не можеше да утврди дали оскудноста во информирањето е поради објективното физичко отсуство на новинарите (настани во странство), или поради незаинтересираност за некоја од темите. За теми кои ја засегаат албанската заедница во Македонија, весникот редовно објавува и редакциски коментари, во кои главната поента е нудење (или наоѓање) други (или подобри) решенија од оние коишто се понудени од Владата.

Во написите кои спаѓаат во информативните жанрови, најчесто нема коментаторски интервенции, но не секогаш, бидејќи во некои случаи има и комбинирање на информативниот со коментаторскиот пристап, со што не е исклучена и склоноста кон тенденциозност. Исто така, забележана е појава кога пораките во самите наслови, наднаслови, поднаслови не кореспондираат со содржината на текстот.

Најчесто „Факти“ користи именувани извори (во извештаите од Парламентот, Владата и владините министерства, изјави на владини и странски официјални лица…), но често прибегнува и кон користење анонимни извори, особено кога се во прашање определени односи во политичкиот живот. Во врска со користењето на анонимните извори, во некои текстови може да се насети дека весникот тоа го прави со цел да создаде определено мислење кај публиката.

Кога актерите се именувани, нивните изјави се цитирани или парафразирани на коректен начин, при што забележлив е напорот да се остави впечатокот за неутралниот однос кон нив. Но во коментарите, како и во голем број информативни написи, може да се „прочита“ негативниот однос (кон Владата, албанскиот партнер во владата – ДУИ, Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски…) или наклонетоста кон други актери, која не е директна, но може да се насети. Во таа смисла, може да се забележи дека критиките што ги пласира (или ставовите што ги застапува) овој весник звучат многу слично на (ставовите) критиките што ги упатува опзициската ДПА кон општествено-политичките прашања, процеси и настани.

Весникот презентира факти во извештаите и вестите, но во редакциските коментари го искажува и својот однос кон нив. Повеќето од коментарите се добро аргументрани, но не секогаш. Бидејќи кај некои автори е очигледно недоволното професионално искуство за да изградат издржан и аргументиран став, па така преовладуваат емоциите, и наместо конструктивна критика, забележливо е критизерство без доволно покритие.

 

[1] Повеќето од медиумите не го одобруваат односот на хашката обвинителка Карла дел Понте кон случаите од Македонија. Како пример може да послужи карикатурата на извесен автор Козар (иницијалите за името на овој карикатурист е нечитлив од потписот на неговите карикатури), објавена на 29.06.2005 во весникот „Време“. Авторот остро ја критикува Карла Дел Понте, прикажувајќи ја хашката обвинителка со секира и пердув во рацете. Покрај секирата е текстот „Правда за Македонија“, а покрај пердувот „Правда за албанските терористи“. Герданот на обвинителката е со приврзокот во форма на ознаката за долар (не е јасно дали авторот алудира само на изјавата на обвинителката во врска со недостигот од финансиски средства и враќањето на четирите предмети за воени злосторства). Во медиумите веќе е направена таква слика за досегашните случувања, од којашто речиси секој читател може да го оцени како контроверзен односот на Карла дел Понте и Хашкиот трибунал кон четирите случаи на воени злосторства.

[2] Исклучок прави ТВ „Сител“ (под уредништво на Драган Павловиќ), кој се колеба и има дилеми околу безусловната поддршка. Речиси ниту еден медиум (освен ТВ „Сител“) не ја поддржа иницијативата на Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, за референдум во врска со ова прашање.

[3] Весникот „Време“ покажа посебен интерес за македонското малцинство во Косово. Во анализираниот период медиумот им посвети солидно внимание на Гораните, објавувајќи повеќе текстови за нивната положба.

[4] Медиумите на македонски јазик, нагласено песимистички, постојано сугерираат чувство на „загуба и капитулација за Македонија“ кога информираат за политичките и економски односи со Косово. Во презентираните материјали не може да се види некоја поопширна и подлабока анализа од која евентуално би се извлекле и потврдиле пласираните заклучоци за „загуба и капитулација“.

[5] Повеќето медиуми ја користеа генералната најава на вестите или насловната страница за најава на концертот на српската пејачка Светлана Цеца Ражњатовиќ. Некои од авторите повлекуваа паралела меѓу минатото на пејачката, односно поврзаноста на Аркан со СПЦ, и актуелните случувања меѓу МПЦ и СПЦ. Како „врв на лицемерство“ е окарактеризирано медиумското покровителство на „МРТВ“ на концертот. Иницијативата на ВМРО-НП да не се пушта српска музика во етерот на Република Македонија се соочи со неодобрување и критика.

[6] Меѓу материјалите што информираат за македонско-бугарските односи се издвојува и една група материјали објавени во „Факти“. Имено, еден извесен период весникот на албански јазик “Факти“ критички и со неодобрување го третираше назначувањето на Абдурахман Алити за амбасадор на Република Македонија во Република Бугарија.

[7] Објавени беа релативно голем број текстови поврзани со предлог-законот за употреба на знамињата. Во дискусиите за ова прашање беа вметнати и најавите за законот за употреба на јазиците, но и за промените на државниот грб и химната. Дел од насловите или нагласуваа само определен дел од кажаното во материјалот или даваа сугестии во однос на темата. Во врска со оваа поттема, со неодобрување се соочија и ставовите на некои политичари: ставовите на пратеникот Борис Кондарко – „Дали САД го загрозува суверенитетот на Месечината?“, изразени на собраниската седница, се директен повод за коментари полни со сарказам, иронија и критика. Освен тоа, ставот на Љупчо Јордановски, претседателот на Собранието на Република Македонија, иронично е искоментиран и во стрипот „Пецко“. На изјавата на Јордановски „I have a dream“, Пецко вели: “И народот сонува г-дине Јордановски!…“, по што следува прашањето на Јордановски: „Што сонува народот?“, и одговорот на Пецко: „Да се разбудите!“

[8] Во овој период се пласирани и обилни критики, пред сè, за кадровската политика на градоначалникот Трифун Костовски. Основата е конкретен настан (именувањето нови советници во градоначалничкиот кабинет и конкурс за директори на јавните претпријатија), а критиките се темелат на информации од „градските кулоари“ и „дознава“. Повеќето од медиумите воопшто не се трудат да ја презентираат приказната на директно критикуваните субјекти, а никаде не се наведува дека тие субјекти не се расположени да ги коментираат ваквите информации. Од друга страна, медиумите воопшто не се задоволни од работата на градоначалникот во однос на постојните проблеми во главниот град на Република Македонија.

[9] Многу чести се случаите кога авторот како извор индиректно ги цитира „експертите“, но е нејасно за кои експерти станува збор и дали во таа општа категорија е вклучен, на пример, ставот на спомнатиот и именуван во прилогот Владо Поповски (кој едновремено е и член на политичка партија).

 

Поврзани написи

Коментарите се затворени.

Scroll to top