Во време кога Владата го најави новиот предлог-закон за борба против семејното насилство, Министерството за правда одби три барања за бесплатно застапување во судски постапки за заштита на жртви на семејно насилство и нивните деца. Од друга страна, во сличен случај Министерството за правда делумно одобри бесплатна правна помош за поведување на постапка за развод на бракот, иако барањето се однесуваше и за застапување во судска постапка за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство и во кривична постапки за кривично дело Загрозување на сигурноста при вршење на семејно насилство.
Од тие причини, здруженијата апелираат Министерството за правда во понатамошната примена на Законот за бесплатна правна помош да обезбеди еднаков третман на жртвите на семејно насилство и во слични или исти околности да донесува исти одлуки, земајќи ги во предвид специфичните потреби на оваа категорија баратели кои станале ранливи поради определени околности,а сè со цел на жртвите и нивните деца да им обезбеди еднаков пристап до институциите на системот и ефективна правна помош, согласно начелото за еднаков пристап до правда.
Исто така, апелираме Министерството за правда посебно да ги има во предвид заложбите на Владата на РМ за поефикасна, сеопфатна, навремена и институционално координирана заштита од семејно насилство, согласно Предлог-законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, како и обврските на Р. Македонија што произлегуваат од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, чиј потписник е Р. Македонија, а која стапува на сила од 1 август 2014 година.
Ова соопштение е дел од активностите на проектот Пристап до правда во Македонија е финансиран од Европската унија и неговата цел е унапредување и промовирање на правото на бесплатна правна помош. Проектот го координира Фондацијата Отворено општество – Македонија, а партнерски организации се Македонско здружение на млади правници – Скопје, Национален ромски центар – Куманово, Младински културен центар – Битола, ЕХО – Штип, Избор – Струмица и 8-ми Септември – Скопје.
Повеќе детали за работата на овластените здруженија можете да добиете на www.pristapdopravda.mk .