На 25-јуни се одржа завршната дебата од кампањата „Попис веднаш!“ во организација на НВО Инфоцентар, Центарот за развој на медиуми, Македонскиот центар за европско образование и 8-ми септември.
Зборувајќи за значењето на пописот, поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дочно Герасимовски, истакна дека единствено преку сложената операција на пописот, можат да се добијат информации и податоци кои се меѓународно споредливи. Според него, квалитетен попис може да се изврши само доколку има и квалитетни подготовки кои траат и неколку години пред започнувањето на пописниот процес.
Поранешниот заменик претседател на Државната пописна комисија, Амбдулменаф Беџети, осврнувајќи се на последниот неуспешен попис, оцени дека процесот не бил успешен бидејќи институциите не биле подготвени. Беџети исто така подвлече дека од актуелната владејачка гарнитура не може да се очекува спроведување на квалитетен попис.
Владата и без да направи попис многу добро ја знае старосната структура на населението во Македонија, смета професорката Фросина Ременски. Според нејзе, сите популистички мерки на Владата кон старите лица, јасно покажува дека старите лица се најбројната категорија во Македонија особено ако се земат предвид истражувањата на сериозни меѓународни институции кои покажуваат дека во последните осум години Македонија ја напуштиле без малку половина милион граѓани.
Афердита Имери потенцираше дека пописот е најрелевантната алатка за утврдување на бројот и распоредот на ранливите категории на граѓани, како и за натамошно градење на стратегии за унапредување на животот на овие лица. Според Имери невозможно е да се градат и спроведуваат стратегии кои се засновани на податоци добиени од последниот попис одржан пред 12 години.
Уредникот на „Слободен печат“ Бранко Героски забележа дека последниот обид за попис пропаднал, единствено поради тоа што владејачките структури сфатиле дека во Македонија исчезнува народ, односно дека големиот број на иселувања е застапен во сите етнички заедници, што според Героски претставува пораз на политиките на Владата.
Кампањата „Попис веднаш!“ е дел од проектот „Пописот е демократија, а не само етничка бројка“, кој се спроведува со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија (ФООМ) преку Проектот на УСАИД за граѓанско општество.